Зошто електрични возила?

Ако до сега не сте можеле да ги утврдите предностите на електричните возила споредбено со конвенционалните возила, во текстот се опишани елементарните информации кои ќе ви укажат на разликите.

Енергетската  ефикасност кај електричните возила е далеку поголема одколку кај возилата на погон со внатрешно согорување. Во автомобил со мотор на внатрешно согорување, се добива во просек околу 25% ефикасност, односно за 100 единици на енергија (бензин или нафта), само 25% од оваа енергија допринесуваат автомобилот да се движи, а останатите 75 единици енергија се трошат на триење и топлина. Електричните возила во просек имаат околу 80% ефикасност (а некои и до 95%), односно за 100 единици на енергија (електрична енергија), 80 од нив се трошат за придвижување на автомобилот. Ваквата разлика на енергетска ефикасност помеѓу конвенционалните и електричните возила се должи пред се на фактот дека електричните автомобили не користат менувач и диференцијали кои создаваат триење, каде се троши голем дел од енергијата на возилата.

Екологија: eлектричните возила генерираат значително помалку емисија на CO2 и други стакленички гасови споредбено со конвенционалните возила (нафта или бензин). Ако ја проанализираме вкупната емисија на CO2 во воздухот добиена врз база на т.н. „Well-To Wheel“ потрошувачка на гориво, значи од производство на примарната енергија па се до конечното пренесување на енергијата на тркалата од возилото, електричните возила во просек произведуваат едвај половина емисија на CO2 споредбено со конвенционалните возила. Но доколку пак енергијата која ја користат електричните возила ја добиеме од обновливи извори (ветер, вода, сонце), тогаш со сигурност може да кажеме дека електричните возила се целосно еколошки и не емитуваат CO2 (zero CO2 emission). Треба само да напоменеме дека јаглеродниот диоксид (CO2) е еден од доминантните гасови кои допринесуваат за ефектот на стаклената градина и глобалното затоплување.

Значителен удел во емисијата на штетните гасови: азот диоксид (NO2), азотни оксиди (NOx), озон (О3), бензен (C6H6) во воздухот ја имаат конвенционционалните возила на погон на фосилни горива, наспроти електричните возила чија што емисија е значително помала.

Бучава: eлектричните возила се далеку потивки во однос на возилата со мотори на внатрешно согорување. Намалување на бучавата во урбаните средини обезбедува подобри животни и работни услови и го намалува нивото на стрес, што пак доведува до помали здравствени трошоци и зголемување на продуктивноста кај луѓето.

Стабилност на електро-енергетската мрежа: полнењето на батериите на електричните возила во ноќните часови кога е значително намалено оптоварувањето во енергетската мрежа, ќе резултира со подобро искористување на електричната енергија а со тоа и поевтин енергенс за придвижување на електричните возила. Воедно батериите во електричните возила може да се користат во локалните мрежи и како капацитети за чување на енергијата која би се оддавала на енергетската мрежа по потреба и при поголеми оптоварувања (т.н. пикови). Ваквото влијание на електричните возила врз електричната мрежна инфраструктура и нејзиниот капацитет, дополнително е потребно да се анализираат и истражуваат.

Трошок-ефект: треба да се земе во предвид дека електричните возила имаат значително помалку физички делови за одржување, споредбено со конвенционалните возила, поради што и трошоците за одржување се значително помали, а со тоа и оперативните трошоци.

Независност од фосилни горива: имајќи ја во предвид ограниченоста на нафтените резерви во светски рамки, во догледно време се очекува континуиран раст на цената на нафтата и нафтените деривати. Цената на електричната енергија се очекува исто така да се зголемува во наредниот период, но како и до сега таа тоа ќе го прави малку поконзервативно и со благ раст, а притоа незанемарувајќи ги и можностите за искористување на обновливите извори на енергија (ветер, вода, сонце), со што се намалува зависноста од фосилните горива.

Економски развој: голем број европски држави во своите национални стратегии како еден од начините за опоравување од глобалната економска криза ја гледаат токму во производството на електрични возила,односно делови за овие возила како и опрема за полнење.

Се надеваме дека преку овие очигледни примери, ви ги доловивме основните придобивки од употребата на електричните возила во урбаното движење.

Be Sociable, Share!

One thought on “Зошто електрични возила?

  1. Потполно се слагам со се’ погоре изнесеното. Но електричните автомобили се неколкукратно поскапи од конвенционалните, така што да работат и на вода никогаш нема да се исплатат. Да не зборувам дека во едно мало возило (на пр. Ситроен 1) батериите кои се амотризираат после 700 полнења чинат повеќе од 7000 евра. А 700 полнења е помалку од две години. Но ако купиш ел. автомобил и без батерии е два пати поскап од бензинскиот, при услови да има многу помалку делови а електромоторите се далеку поефтини од оние со внатрешно согорување. Зошто е тоа така?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*