(инфраструктура) На пат од Љубљана до Скопје со возило на Тесла?

Одговорот на ова прашање ќе го побараме во моменталната поставеност на полначката инфраструктура со суперполначите на Тесла, како и во возниот досег на моделите на возилата на производителот Тесла.

Возниот досег е еден од најголемите недостатоци на електричните возила. Највлијателни фактори кои го намалуваат возниот досег се пред сѐ: Стилот на возење на возачот на електричното возило, конфигурацијата и теренот на патиштата, брзината на движење, сообраќајот и климатизацијата во возилото која е условена од надворешната температура.

Полначката инфраструктура со суперполначите на Тесла е доволно распростанета низ Европа, а ширењето на мрежата се планира насекаде ширум светот. Интересна е ситуацијата во бившите југословенски простори, каде движењето со возило на Тесла е строго ограничено. Имено, во овој момент, полначката инфраструктура со суперполначи има во Словенија (Козина, Љубљана и Марибор) и Хрватска (Сењ и Сплит). Избраните локации можат да се видат на слика 1 и/или на линкот. Критериумите за избор на локациите не се предмет во овој текст. Моменталната полначка инфраструктура ја покрива целата територија на Словенија, а сопствениците на возилата на Тесла можат слободно да возат и по хрватското приморје. Трошокот за изминат километар на електричните автомобили е за една третина понизок од возилата со моторен погон, но затоа пак инвестицијата за купување на електрично возило е значително повисока.

Слика 1) Европска мапа на суперполначи на Тесла
Слика 1) Европска мапа на суперполначи на Тесла

Сепак планот за ширење на полначка инфраструктура во бившите југословенски простори е следна: Хрватска (Загреб, Оточац, Вргорац и Славонски Брод) до крајот на 2017, Босна и Херцеговина (Сарајево) до крајот на 2017, Србија (Белград, Позега и Јаловиќ Извор) до крајот на 2017 и Македонија (Скопје) во 2017.

Под претпоставка дека се возиме со модел на Тесла со литиум-јонска (Li-Ion) батерија од 100 [kWh], возниот досег во тој случај би бил 500 [km]. Земајќи ја конфигурацијата и теренот на патиштата, патот од Љубљана до Скопје, би бил условен со полнење на електричното возило во две точки до целната дестинација. Доколку електрично возило на Тесла е целосно наполнето во Љубљана, првото застанување би било во Словонски Брод, Хрватска. Со целосно полни батерии на оваа локација, наредна дестинација за полнење би била во Белград. Со возен досег од 500 [km] крајната дестинација во Скопје би била достигната.

Слика 2) Пат со возило Тесла од Љубљана до Скопје (инсталација на полнач до крај на 2017)
Слика 2) Од Љубљана до Скопје со Тесла (инсталација на суперполнач во Скопје до крај на 2017)

Со просечна брзина на движење од 110 [km/h] и две паузи за полнење на електричното возило од 25 [min] и под претпоставка дека суперполнaчите се директно расположливи т.е. не постои друго електрично возило кое се полни, во таков случај, крајната цел Град Скопје, би била достигната за дванаесет часа. Се претпоставува дека стилот на возење на возачот е во согласност со патните ограничувања на брзината, без нагли забрзувања итн. Друга претпоставка е дека климатизацијата во возилото е достапна за активација по потреба.

Сепак, сопствениците на електричните возила на Тесла е потребно да бидат трпеливи до крајот на 2017, за да тргнат на патувања во рамки на територијата на бившите југословенски простори.

Сретен Давидов, маг. инж. ел.
Факултетот за Електротехника при Универзитетот во Љубљана

Електричен картинг | Студентски проект при ФЕИТ

На Факултетот за електротехника и информациски технологии, во Лабораторијата за електрични машини, трансформатори и апарати (при ИЕМТА) и Лабораторијата за електротермија, електрично заварување и електричен сообраќај (при ИЕЕЗЕС), во два семестра во 2015 и 2016 година, група на студенти и професори заедно со соработници вон факултетот, работеа на студентски проект: Електричен картинг! Тимот е именуван ЕЛ_КА: ФБ страна.

е-картинг | тест на еднонасочен мотор
Е-картинг | Тест на еднонасочен мотор

Промоцијата на возилото се одржа на 24 јуни 2016 во рамки на факултетските простории и лаборатории, а прилика за возење и разговор или информации за возилото може да се добијат на факултетот и во институтите.

13465961_10206749720529395_5359705246699671145_nСо големо задоволство како Е-мобилност го следевме прогресот на градба, директно во училниците и лабораториите, заедно со тимот ЕЛ_КА и може да напишеме дека во Македонија постојат капацитети за градба на електрични возила.

е-картинг || лабораторија за електротермија, електрично заварување, електричен сообраќај
Е-картинг | Лабораторија за електротермија, електрично заварување, електричен сообраќај

Особено во делот и решенијата за електричниот дел, постојат капацитети и знаење и за посериозни подвизи во електрични возила.

е-картинг || институт за ел. машини, трансформатори и апарати
Е-картинг | Лабораторија за ел. машини, трансформатори и апарати

Во очекување на нови проекти од факултетот,  ве повикуваме да дојдете на возење на картингот, за што ќе закажеме средба во новата учебна 2016/2017 година, во соработка со факултетот и колегите. Според информациите од тимот, во припрема се студентски трудови, базирани на самоградбата на електрично возило, за кои ќе пишуваме дополнително.

е-картинг | студентски проект | ФЕИТ
Електричен картинг | Студентски проект | ФЕИТ

(download) Преглед на можностите при избор на електричен мотор и енергетски преобразувач кај електрично возило | Дејан Пејовски и Велковски Бодан

Во периодот од 19.11.2015-21.11.2015 во просториите на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ, Скопје се одржа Студентската конференција „Eнергетска ефикасност и одржлив развој“ на која беа презентирани трудови на актуелни теми поврзани со рационално искористување на енергетските ресурси и зачувување на животната средина. Студентската конференција „Eнергетска ефикасност и одржлив развој“ е прва конференција од ваков тип, која се организира трета година по ред. Организатори на конференцијата се Здружението за истражување и промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој СКЕЕОР, Скопје и Факултетот за електротехника и информациски технологи(ФЕИТ) – Скопје. Повеќе информации на порталот на СКЕЕОР.

Интересни за нас драги читатели беа две презентации кои ги слушавме во третиот ден од настанот директно поврзани со електрични возила.

Во овој пост го презентираме трудот на студентите Дејан Пејовски и Бодан Велковски во кој се обработени типови на мотори за електрични возила со соодветни преобразувачи и управување. Во интерес на пошироката инженерска публика и во договор со колегите Дејан и Бодан го објавуваме трудот како значаен документ креиран од студенти под менторство на Проф. д-р Гога Цветковски: „Преглед на можностите при избор на електричен мотор и енергетски преобразувач кај електрично возилo”. Во прилог и трудот со наративот, графиците, шемите и референците како допoлнителна помош при истражувања.

Обработени: Мотор за еднонасочна струја и чопер, асинхрон мотор со кафезен ротор со двоен инвертор со управување со синусна широчинско импулсна модулација, синхрон мотор со перманентни магнети  со трифазен напонски инвертор (со IGBT транзистори) управуван со агол на спроведување и електронски управуван релуктантен мотор со асиметричен полумостен инвертор.

Коментар: Би било одлично да се продолжи со истражувањето во истиот правец со продлабочени анализи и трудови со цел ширење на полето како би можеле нашите инженерски кадри да имаат достапна, прегледана и процесирана литература за самоградба и градба на електрични возила со серија на апликации до 200, 500 и 1000 килограми. Мошне интересни за разгледување да поентираме се референците на крајот од трудот.

Им честитаме на Бодан и Дејан за одличниот труд со напомена дека можете како врвни студенти да ги контактирате за соработка, повелете и-меил адреси: dejan.pejovski@hotmail.com и velkovski_bodan@live.com.

(интервју) Конверзиите на Миро Стојчевски

Миро Стојчевски е дипломиран земјоделски инженер и вработен на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје. Хоби му се електричните возила и со задоволство поразговаравме со Миро за неговиот ентузијазам за самоградба и конвертирање на мотори. Миро можете да го добиете на и-меил за помош околу конверзии: mikistojc@yahoo.com. Добитник на наградата ЕКОНОВА за 2011 година за електрично возило.

ЕКОНОВА 2011 за Мирослав Стојчевски
ЕКОНОВА 2011 за Мирослав Стојчевски

Е-мобилност: Зошто е интересно Миро ова за тебе? Колку бргу може поединец да го направи ова сам, за е-скутер или е-крос?

Миро: За мене електричните возила не се иднина. Тие се сегашност. Ги користам и се обидувам со минимум финансиски вложувања да конвертирам стари моторни возила во возила на електричен погон. Спремен сум да ги споделам моите искуства и да помогнам на секој кој е подготвен да ја користи оваа технолгија. Моите минати трудови ме научија дека оваа нова технологија станува подостапна во поново време и секој кој има малку познавање од механика и електрика би можел да направи електрично возило со квалитет во зависност од финансиските сретства. Моите електрични возила се направени со минимални неопходни вложувања па сепак сум задоволен од резултатите што ги даваат.

Мислам дека е неопходно пред сѐ поголема информираност на граѓаните на Македонија за бенефитот од електричните возила и да се покаже вистинската слика за овие возила затоа што нашите граѓани на ова гледаат како нешто недостижно и многу скапо да се купи како готов производ без да ги земат во предвид и останатите опции како конверзија на постоечките моторни возила моторцикли, скутери или велосипеди.

Е-мобилност: Што е потребно да се направи за во Македонија да земе поснажно замав конвертирањето? Достап до делови? Дали има доволно знаење? Промена на регулативи? Стимул?

Миро: Потребна е помош од државата како организатор и промотер на оваа технологија со активности и збиднувања за сите потенцијални корисници и самоградители на електрични возила како и субвенционирање на граѓаните во набавка на делови, материјали за електрични возила.

мотор
мотор

Неопходна е едукација на граѓаните на ова поле. Би сакал во Македонија да имаме интернет страница како ФОРУМ каде што би разменувале искуства, би набавувале делови, би давале совети за идните самоградители и корисници на електрични возила. Порталот на ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ може да биде простор каде би можеле тоа да го правиме. Гледајќи на иднината мое мислење е дека би требало и во училиштата во Македонија да се запознаат учениците со оваа технологија како не многу скапа и достижна во склоп со екологијата во нашата земја. Моите деца веќе се запознаени со оваа технологија и со задоволство ги користат моите електрични возила како што ќе забележите во видеата.

Во Македонија во моментов нема продавница или фирма каде може да се купат материјали и делови за електрични возила на едно место. Но, благодарејќи на интернет купување секој може да нарача потребни делови, материјали, па и цели кит уреди за велосипеди, мопеди, скутери па дури и автомобили на електричен погон. За моето прво електрично возило деловите ги барав по отпади и пазари за стари работи, но сега веќе е полесно користејќи интернет купување.

мотор
мотор

Доколку ги имате сите потребни делови за конверзија на велосипед или скутер на електричен погон времето за изработка нема да биде подолго од два дена. Ќе ги наведам позитивнте карактеристики на електричните возила поради кои сакаме да ги користиме:

– 0 нула емисија на штетни гасови
– економичност и евтина енергија од обновливи извори (сонце и ветер)
– економичност во одржувањето и потрошни делови
– звучно незагадување (тивки и бесшумни)
– задоволство во возењето

Motorcycle eMiroСепак на прво место е евтиното возење кое најмногу ги интресира нашите граѓани бидејки во просек овие возила се поекономични и до десет пати повеќе од оние на бензин и нафта, а тука би го споменал и поевтиното одржување. Идејата да започнам со самоградба на вакво возило ми се роди во 2010 година гледајќи по интернет различни конверзии на електрични моторцикли, па посакав да направам и јас едно такво возило, а бидејќи поседувам аматерско познавање од електроника и механика се фатив веднаш со работа. Резултатите се следни:

1. Конверзија на моторцикл Априлија АФ1 (преработката на Априлија беше регистрирана на порталот на ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА), рам и тркала купени од отпад, ДЦ ел.мотор 24[V] 150[W] купен од отпад, три оловни акумулатори 12[V] 45[А] нови од продавница. Карактеристики: удобно бесшумно возење со максимална брзина од 25[км/час] и нешто повеќе од 100 километри возење со едно полнење. Недостатоци: слаба моќност во сооднос со тежината, лош пренос со каишница, без контролер на вртежи. Цена на чинење околу 300 евра. Сепак ја постигна својата цел и го користев две години за до работа, а повеќе за уживање.

2. На постоечки исправен велосипед монтажа на ДЦ мотор 24[V] 250[W] со два оловни акумулатори 12[V] и 38[А], контролер на вртежи и рачка за контрола купени преку интернет, пренос со запчаници. Карактеристики: Можност за користење педали и електричен погон, максимална брзина од 30 км на час и возење со едно полнење околу 120 километри. Недостатоци: Слаб електричен мотор кој после половина час користење загрева повеќе од дозволеното. Цена на чинење 250 евра. Го користев кратко време, па поради потреба од делови за нареден проект ја извадив електричната инсталација.

3. Користени делови од рамка од електричен скутер, но со измени и додатоци заради зајакнување, ДЦ мотор 24[V] 350[W], два оловни акумулатори 12[V] 38[А], контролер на вртежи со рачка за контрола купени преку интернет, пренос со запчаници. Карактеристики: Максимална брзина од 25 [км/час]. Возење со едно полнење околу 90 километри, добар сооднос на тежина со јачина на мотор, соодветен пренос со запчаници, може да совлада и помали нагорнини. Недостатоци: Естетски незадоволително. Цена на чинење околу 250 евра.

Е-мобилност: Дали би помогнал да се направи конверзија на поединци?

Миро: Се разбира! Можам да им порачам на сите заинтресирани кои се малку потковани со познавање на механика или електрика дека доволно е аматерско познавање и без многу двоумење можат да започнат свој проект за изградба на електрично возило. Со помош на интернет и размена на информации ќе дојдат до конечен производ. Не е многу тешко, а задоволството да се вози на струја е големо.

eMiro
eMiro