(фото) Електричен полигон 3

Успешното организирање на Електричен полигон 3 на 19 септември 2016 на кампусот при ФЕИТ и МФС, нѐ поттикнува да продолжиме со едукација и во наредниот период. За разлика од 2015 се случува квалитативно дополнување на настанот кој имаме идеја да премине во препознатлив едукативен ден фиксиран во простор во кој за наредната година гледаме нови елементи со нови коалиции и ширење на едукативната компонента за младите основци и средношколци за електричните возила и заштитата на животната средина.

Им благодариме на сите кои беа дел од настанот!

Сите фотографии можете да ги видите на нашата и ваша ФБ страна за електрични возила.

photo-9-19-16-08-57-09

photo-9-19-16-09-09-47

photo-9-19-16-08-58-50

photo-9-19-16-09-29-06

(настан) Електричен полигон 3

И оваа година, на 19 септември, понеделник, Електромобилност Македонија продолжува со едукација за основци и средношколци во соработка со секторот за Екологија при Град Скопје, организатори на „Европска недела на мобилност“. Е-мобилност се вклучува со Електричен полигон, кој го одржуваме по трет пат, секој септември како и во 2014 и во 2015.

Настанот ќе се одржи на кампусот од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет, со почеток од 9:00 часот и ќе трае до 12:00 часот. Во Електричниот полигон ќе бидат вклучени училиштата од општина Карпош, градски училишта, општина Карпош и ЈП Градски паркинзи.

Во рамки на настанот ќе има едукативна сесија за електричните возила преку која младите ќе се запознаат со трендовите во мобилноста со осврт на свесноста за зачувување на животната средина. Учениците ќе можат да ги возат возилата кои ќе бидат на полигонот-паркинг на кампусот како електричен картинг конструиран при ФЕИТ, потоа електрични велосипеди, електрични скутери и мали електрични возила од ЈП Градски Паркинзи, како и електрични возила на ентузијасти.

Ги повикуваме граѓаните на Македонија да се вклучат во иницијатива на „Европска недела на мобилноста“ и да ги остават своите возила во наредните неколку дена, особено на 22 септември 2016 кога е предвидено да се одбележи настанот „Ден без автомобили” во кој активно учество ќе земат членовите на Електромобилност Македонија.

Видеозапис од лани:

(интервју) Конверзиите на Миро Стојчевски

Миро Стојчевски е дипломиран земјоделски инженер и вработен на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје. Хоби му се електричните возила и со задоволство поразговаравме со Миро за неговиот ентузијазам за самоградба и конвертирање на мотори. Миро можете да го добиете на и-меил за помош околу конверзии: mikistojc@yahoo.com. Добитник на наградата ЕКОНОВА за 2011 година за електрично возило.

ЕКОНОВА 2011 за Мирослав Стојчевски
ЕКОНОВА 2011 за Мирослав Стојчевски

Е-мобилност: Зошто е интересно Миро ова за тебе? Колку бргу може поединец да го направи ова сам, за е-скутер или е-крос?

Миро: За мене електричните возила не се иднина. Тие се сегашност. Ги користам и се обидувам со минимум финансиски вложувања да конвертирам стари моторни возила во возила на електричен погон. Спремен сум да ги споделам моите искуства и да помогнам на секој кој е подготвен да ја користи оваа технолгија. Моите минати трудови ме научија дека оваа нова технологија станува подостапна во поново време и секој кој има малку познавање од механика и електрика би можел да направи електрично возило со квалитет во зависност од финансиските сретства. Моите електрични возила се направени со минимални неопходни вложувања па сепак сум задоволен од резултатите што ги даваат.

Мислам дека е неопходно пред сѐ поголема информираност на граѓаните на Македонија за бенефитот од електричните возила и да се покаже вистинската слика за овие возила затоа што нашите граѓани на ова гледаат како нешто недостижно и многу скапо да се купи како готов производ без да ги земат во предвид и останатите опции како конверзија на постоечките моторни возила моторцикли, скутери или велосипеди.

Е-мобилност: Што е потребно да се направи за во Македонија да земе поснажно замав конвертирањето? Достап до делови? Дали има доволно знаење? Промена на регулативи? Стимул?

Миро: Потребна е помош од државата како организатор и промотер на оваа технологија со активности и збиднувања за сите потенцијални корисници и самоградители на електрични возила како и субвенционирање на граѓаните во набавка на делови, материјали за електрични возила.

мотор
мотор

Неопходна е едукација на граѓаните на ова поле. Би сакал во Македонија да имаме интернет страница како ФОРУМ каде што би разменувале искуства, би набавувале делови, би давале совети за идните самоградители и корисници на електрични возила. Порталот на ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ може да биде простор каде би можеле тоа да го правиме. Гледајќи на иднината мое мислење е дека би требало и во училиштата во Македонија да се запознаат учениците со оваа технологија како не многу скапа и достижна во склоп со екологијата во нашата земја. Моите деца веќе се запознаени со оваа технологија и со задоволство ги користат моите електрични возила како што ќе забележите во видеата.

Во Македонија во моментов нема продавница или фирма каде може да се купат материјали и делови за електрични возила на едно место. Но, благодарејќи на интернет купување секој може да нарача потребни делови, материјали, па и цели кит уреди за велосипеди, мопеди, скутери па дури и автомобили на електричен погон. За моето прво електрично возило деловите ги барав по отпади и пазари за стари работи, но сега веќе е полесно користејќи интернет купување.

мотор
мотор

Доколку ги имате сите потребни делови за конверзија на велосипед или скутер на електричен погон времето за изработка нема да биде подолго од два дена. Ќе ги наведам позитивнте карактеристики на електричните возила поради кои сакаме да ги користиме:

– 0 нула емисија на штетни гасови
– економичност и евтина енергија од обновливи извори (сонце и ветер)
– економичност во одржувањето и потрошни делови
– звучно незагадување (тивки и бесшумни)
– задоволство во возењето

Motorcycle eMiroСепак на прво место е евтиното возење кое најмногу ги интресира нашите граѓани бидејки во просек овие возила се поекономични и до десет пати повеќе од оние на бензин и нафта, а тука би го споменал и поевтиното одржување. Идејата да започнам со самоградба на вакво возило ми се роди во 2010 година гледајќи по интернет различни конверзии на електрични моторцикли, па посакав да направам и јас едно такво возило, а бидејќи поседувам аматерско познавање од електроника и механика се фатив веднаш со работа. Резултатите се следни:

1. Конверзија на моторцикл Априлија АФ1 (преработката на Априлија беше регистрирана на порталот на ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА), рам и тркала купени од отпад, ДЦ ел.мотор 24[V] 150[W] купен од отпад, три оловни акумулатори 12[V] 45[А] нови од продавница. Карактеристики: удобно бесшумно возење со максимална брзина од 25[км/час] и нешто повеќе од 100 километри возење со едно полнење. Недостатоци: слаба моќност во сооднос со тежината, лош пренос со каишница, без контролер на вртежи. Цена на чинење околу 300 евра. Сепак ја постигна својата цел и го користев две години за до работа, а повеќе за уживање.

2. На постоечки исправен велосипед монтажа на ДЦ мотор 24[V] 250[W] со два оловни акумулатори 12[V] и 38[А], контролер на вртежи и рачка за контрола купени преку интернет, пренос со запчаници. Карактеристики: Можност за користење педали и електричен погон, максимална брзина од 30 км на час и возење со едно полнење околу 120 километри. Недостатоци: Слаб електричен мотор кој после половина час користење загрева повеќе од дозволеното. Цена на чинење 250 евра. Го користев кратко време, па поради потреба од делови за нареден проект ја извадив електричната инсталација.

3. Користени делови од рамка од електричен скутер, но со измени и додатоци заради зајакнување, ДЦ мотор 24[V] 350[W], два оловни акумулатори 12[V] 38[А], контролер на вртежи со рачка за контрола купени преку интернет, пренос со запчаници. Карактеристики: Максимална брзина од 25 [км/час]. Возење со едно полнење околу 90 километри, добар сооднос на тежина со јачина на мотор, соодветен пренос со запчаници, може да совлада и помали нагорнини. Недостатоци: Естетски незадоволително. Цена на чинење околу 250 евра.

Е-мобилност: Дали би помогнал да се направи конверзија на поединци?

Миро: Се разбира! Можам да им порачам на сите заинтресирани кои се малку потковани со познавање на механика или електрика дека доволно е аматерско познавање и без многу двоумење можат да започнат свој проект за изградба на електрично возило. Со помош на интернет и размена на информации ќе дојдат до конечен производ. Не е многу тешко, а задоволството да се вози на струја е големо.

eMiro
eMiro

Електрификација на транспортот | Кирил Минанов

скица на е-железница
скица на е-железница

Во услови на прекумерна населеност и исцрпување на фосилните енергетски ресурси како и епохално најголемото загадување на воздухот, особено во урбаните средини, извесно е дека електричните возила се иднината. Трендовите застапени во голем дел од Eвропските држави, Америка, Јапонија и Кина го потврдуваат тоа. Во овој миг во светот се возат над 2 милијарди автомобили или скоро една третина од вкупното светско население располага со автомобил. Во просек еден автомобил има животен циклус од 20 години, што значи дека за да се променат сите автомобили на планетата потребно е секоја година да се менуваат по 100 милиони возила. Од друга страна капацитетот за производство на електрични возила е доста мал на годишно ниво. Од возилата кои денес се продаваат помалку од 1 процент се електрични. Имајќи ги предвид најновите податоци, до 2025 се очекува бројот на електрични мотори за електрични возила да достигне 130 милиони во светски рамки, што се чини не е многу. Сепак извесно и очекувано е дека електромобилната индустрија, вклучувајќи го скандалот со Фолксваген, ќе има експоненцијален раст кој дава реалистични очекувања до 2050 половина од бројката на возила на планетата да бидат електрични и водородни.

знаци на патот
знаци на патот

Електричните автомобили во Европа се дел од стратегиите за премин кон енергетски одржливи општества. Во Европа, Француските производители на автомобили имаат најголем број на електрични автомобили во сериско призводство и долгорочни стратегии за електрификација на транспортот. Причината е домашна инфраструктура за производство на енергија сочинета од 58 нуклеарни реактори како декарбонизирано производство на електрична енергија. За разлика од Франција, во земјите како Полска каде електричната енергија се добива во најголем процент од термоелектрани, односот меѓу загадувањето и користењето на електрични возила се сведува на локализирање на загадувањето на местото каде се произведува електричната енергија. Така воздухот во урбаните средини станува помалку загаден за процент во кој се користи електричен транспорт кој го растеретува транспортното загадување, но има и решенија за затворање на циклусите на карбон. Данска е земја која до 2020 ќе префрли 50 проценти од целата енергетика на ветерници. Сепак за сега во Данска во однос на електични возила, се возат помалку од 1 процент од вкупниот број на возила. Истовремено Шведска и Норвешка се земји кои исто изобилуваат со природни предиспизиции за обновливи извори на енергија.

Автомобилската индустрија во Европа апсорбира 12 милиони работници од вкупно 240 милиони вработени или 5 од 100 вработени. 23 посто од вкупните фондови на годишно ниво на Европските компании за развојни истражувања доаѓаат од автокомпаниите. Автомобилскиот секторот претставува 4.6 проценти од вкупниот БДП на Европските земји. Овој сектор остварува извоз со над 107 милијарди евра и приход од даноци во касите на Европските земји од 308 милијарди евра.

полнач
полнач

Каде е Македонската автоиндустрија и кои се перспективите за производство на електрични возила?

Електромобилната индустрија која може да се формира во Македонија би можела да трансформира огромен број на мали капацитети и индустриски гранки кои директно и индиректно би ја поддржувале индустријата за производство на апарати за електромобили. Македонските инженерски кадри се спремни за предизвикот. Во фабричките хали ќе мора да се отворат и истражувачки оддели кои заедно со Институтите низ Македонија и регионот би работеле на иновации и развој кои во овој момент во фабриките низ Македонија не ги гледаме. Фондациите од приватните компании, фондовите од Европските партнери и Македонските министерства ќе треба да се насочат како поддршка за истражување на можностите за градба на делови за електромобилната индустрија. Да не заборавиме дека одредени апликации од електрични апарати кои би се граделе во Македонија би имале примена и во други индустриски дисциплини како роботика, растечката индустрија за 3Д принтање и слични гранки. Ако Македонија сака да им избега на сите конкуренти во овие области тогаш време е да ја прогласиме наредната насока за Македонската индустрија, преку комплетна електрификација на транспортот. Ако ја изградиме оваа приказна со значително неутрализирање на карбонскиот отисок во Македонија тогаш не само што ќе си ја зачуваме околината и ќе дишеме почист воздух, ќе можеме и да се претставиме во добро светло пред Европските партнери. Ова се важни причини заради кои е неизбежно да се размислува за комплетна електрификација на транспортот во Македонија како долгорочна стратегија која ќе биде директна поддршка за градба на апарати за електрични возила. Во однос на регионот би можеле да ги споиме научните институции со Институти од Грција, Србија, Бугарија и Албанија и да се обидеме да градиме предност во индустриското производство од оваа гранка.

Македонски конзорциум за производство на делови за електромобилна индустрија

Во Македонија веќе постои одредено ткиво во приватниот сектор од кој може да се направи конзорциум според познати модели. Конзорциумот треба вклучи најмалку 10 компании кои поединечно ќе се обврзат да го поддржат процесот со знаење, проектирање, развој и градба на делови од електрични возила, понатаму би се вклучиле постоечки Институти од Македонските универзитети како и невладини инженерски организации. Треба да имаме компании од електромашинство, развој на софтвер, дизајн и градба, серии на тестови итн. при што иновациите кои би се појавиле би ги користеле компаниите кои ќе бидат дел од Конзорциумот и нема да имаат право да ги отуѓуваат, туку би ги користеле за свои потреби и за свој развој, но во прва линија тоа би бил придонес за малку поинаква заедничка соработка и градба на електрични возила во Македонија. Треба да се истражат сите можности за градба на сите компоненти од електровозилата, особено електроника, композити, мотори, софтвер, хемија, тестни оддели со електронски микроскопи со серија на нови згради на Македонските природно-научни факултети опремени со софистицирани апарати. Да не заборавиме дека огромна бројка на инженери одат во Америка да прават докторати не поради тоа што во Европа тоа не е можно, туку поради тоа што во Америка има апарати кои ги нема на друго место.

Неминовна е спојката на софтверџиите со хардверските компании и тука е дополнителната можност за нашите инженерски кадри. Неколку примери: Гугл купи над 20 компании чија примарна дејност се роботите. Зошто? Епл работи на електрично возило, а Мајкрософт има софтвери за автономно возење на возила и во таа приказна се и другите софтверски гиганти како на пример одделот на Сименс за софтвер. Што значи тоа за Македонија? Ако кажеме дека за 15 години од денес возилата на патиштата ќе бидат автономни тоа значи дека софтверите ќе го раководат управањето со возилата, тогаш таква приказна би била мошне симпатична како развоен проект да се склопи од Македонските софтверски компании како дел од Конзорциумот.

Ако немаме индустрија за електрични возила, нема логика да имаме и фабрика за батерии за електрични возила, но ако имаме, тогаш освен за електрични возила, фабриката би можела да произведува и батерии за соларни панели и ветрогенератори. Батериите до 2018 ќе се преполоват ценовно, на пример ако до пред две години беа 750 долари за 1 киловатчас за тракциски батерии, денес се околу 550, тенденцијата е да ги имаме за 200 долари за 1 киловатчас до 2020, а има најави дека ќе паднат и под 100 долари. На тоа треба да се додаде дека со едно полнење ќе се оди и до 1000 километри според најавите на производителите на електрични возила. Најчест камен на сопнување за електромобилите е сепак загадувањето во случајот на производството на електрична енергија. Одтука најчесто се прашуваме кој дел од производството ќе биде со карбонски отисок? Дали може да се затворат циклусите и да не се исфрла јаглерод, азот, сулфур во воздухот? За ова да се реши најважно е дали електричната енергија ќе доаѓа од обновливи извори како во Данска и низа други Европски земји. Но има примери на термоелектрани низ Европа кои ги враќаат штетните материи назад во процес на производство и со тоа го затвораат циклусот за да нема загадување при што со огромни притисоци, додавање на енергија и хидрокарбонати се добиваат корисни материјали. Прашањето за тој дел се сведува на тоа дали тој проблем сакаме да го решаваме или повторно ќе стоиме со бесмислените аргументи дека за здравјето ќе плаќаме со животот. На автоиндустријата не и се исплаќа да ги собира гасовите и да ги рециклира бидејќи возилата би поскапеле за најмалку 50 посто, познатиот трошок кој не го плаќаат externality и тука се наметнува идејата за ЗЕЛЕНА ТАКСА.

Ре-електрификација на Македонија и градба на инфраструктура и мрежи во мрежи

Европската комисија на почетокот од годинава предложи електрификацијата на транспортот да биде висок приоритет за сите земји од ЕУ, со комплетна интеграција на електричните возила во политиките на урбаните центри и широк пристап за сите возила до електричната мрежа. Во вкупната потрошувачка на енергенти транспорот влегува со третина што значи дека стратегијата треба да се насочи кон обновливите извори. Во моментов транспортот е целосно зависен од фосилни горива.

трамвај
трамвај
Не смееме да ги заборавиме шинските електрични возила. Како поддршка на коридорот исток-запад за Македонски железници потребни се најмалку 5 трафостаници на 110 киловолтно напонско ниво кои ќе бидат градени на секои 50 километри од трасата. Во бившата држава, МЖ имаше искористеност на капацитетите на железницата до 50 проценти со тогашната индустрија, а денес искористеноста е околу 10 проценти. Зар не е подобро една електролокомотива да влече 50 композиции со 1 возач, отколку да имаме 50 дизел камиони секој со по 2 возачи? Има една важна работа околу градба на железница, а тоа е дека железница се гради за масивен транспорт и поддршка на индустријата која Македонија споредбено со поранешните времиња ја нема. Градба на железница исклучиво за цивилен транспорт не ги враќа вложените пари кои вообичаено се кредити. Но, кој би бил мотивот тоа да го направиме иако немаме индустрија која во таков случај би била поддржана? За овие прашања најважно е да се размислува за електрифицирање на јавниот транспортот низ цела Македонија бидејќи тоа долгорочно ќе донесе благодети и мултиплицирачки корисен ефект за индустриските гранки во електромашинството. Во сегашниот момент особено е лошо решението на Владата да се купат повторно хибридни локомотиви. Попаметно е континуирано повеќедецениско вложување во електрификација на железницата, при што секоја година по 50 до 75 милиони евра ќе бидат вложени во инфраструктура, исклучително за електрификација.

скица на трамвајска линија
скица на трамвајска линија
Прашање за сите кои ќе раководат со град Скопје во иднина: Зар не е паметно од сите даблдекери за Скопје, барем половина да беа нископодни електрични автобуси? Принципиелно одговорот е да, но мора тоа и да се практикува при секоја идна набавка на градски возила од сите калибри. Даблдекерите треба да станат минато, а на нивно место треба да дојдат електричните автобуси.

 

Инцијативи од ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА 

Бараме активирање на проектот 100000 соларни панели во Македонија. Бараме награда за сите кои возат електрични возила и тоа за првите 5000, како и субвенција за 5000 полначи за приватни лица. Бараме бесплатни патарини, бесплатни паркизни, бесплатна регистрација на е-возила.

Според тоа и насловот на приказната, имено, насоката за Македонија е електрификација на транспортот како поддршка за индустриското производство како лице пред светот.

брз воз
брз воз