Загревање на објекти

Сончевата енергија може да се искористува на најразлични начини. Таа може да биде искористена за загревање на објекти во домаќинствата и индустријата.

Загревањето на објекти може да биде активно или пасивно.

Кога објектите се загреваат на активен начин, тогаш се користат колекторските системи. Овие системи најчесто загреваат течност или воздух коишто понатаму се искористуваат.

Постојат повеќе начини на дистрибуција на сончевата топлина кон просторот којшто се загрева, но најчесто се користат следниве системи:

  • сончеви системи за централно подно греење
  • сончеви системи за централно радијаторско греење
  • сончеви системи за централно греење со вентилатори

Кај сончевите с-ми со централно подно греење, загреаната течност преку систем од цевки поставени на подот од објектите циркулира, и на тој начин ја предава топлината на околината.

Кај сончеви системи со централно радијаторско греење, загреаната течност се води до  резервоар од кадешто преку систем од цевки циркулира низ радијаторите поставени во објектот. Бидејќи рамните колектори ја загреваат течноста до помала температура од бараната, најчесто овде се инсталира помошен систем за догревање на течноста.

Сончевите системи за централно греење со вентилатори ја предаваат топлината со помош на вентилатори. Имено загреаната течност се транспортира до одредено грејно тело, коешто може да ја предава топлината директно во воздухот или со помош на вентилатор.

Пасивниот начин на загревање на објекти ја користи непосредно сончевата топлина.

Овој начин е познат уште многу одамна, па дури и бил споменуван од Сократ (400п.н.е.), којшто приметил дека куќите коишто биле изградени со јужна ориентација, зимно време биле позагреани.

Со развојот на технологијата и материјалите, денеска се прават комплетни проекти на т.н. пасивни куќи, коишто максимално ја искористуваат сончевата енергија за загревање. При дизајнирањето и изградбата на ваков тип на објекти се води посебно сметка за локацијата, климата, материјалите од коишто се гради и поставеноста кон сонцето.

Крајна цел е да се обезбеди пријатна атмосфера за живеење без посебен систем за греење и климатизација. Поаѓајќи од основните принципи за елиминирање на топлинските губитоци и максимализација на слободното добивање на енергија, при изградбата на овие објекти се оди кон постигнување на што поголема енергетска ефикасност.

Кај ваквите објекти, дебелината на изолацијата на ѕидовите изнесува од 25 – 40 cm, прозорците треба да бидат со троструко стакло, а вратите треба да имаат добар коефициент за премин на топлината.

Пасивна куќа
Пасивна куќа

Сл.1 “Пасивна” куќа

Хибридните системи за затоплување вообичаено претставуваат мешавина од две или три технологии за добивање на посакуваната цел. Таа цел е максимално ефикасно и економично искористување на сончевата енергија за затоплување.

Кај ваквите системи се води сметка уште при изградбата на самите објекти. Објектите се градат така што, пасивно би ја користеле сончевата енергија.

Хибридните системи за затоплување, најчесто користат ист колектор за загревање на водата и воздухот во објектот. Со користење на еден ист колектор се врши голема заштеда, пред се на просторот каде што се поставува колекторот.

Друг тип на хибриден систем претставува сончев систем за комбинирано радијаторско и подно греење.

На следната слика е даден принципот на функционирање на еден вид на  хибриден систем.

Хибриден систем
Хибриден систем

Сл.2 Хибриден систем

Во индустријата, сончевата енергија може да биде искористена на многу начини.

Како кај домаќинствата така и кај индустриските објекти (фабрики) можат да се користат колекторски системи за загревање на просториите. Нормално, површината со колектори овде треба да биде многу поголема заради поголемите потреби на објектите.

Исто така, сончевите системи можат да се искористат за добивање на вода за технолошки потреби.

Во некои подрачја во светот, особено кадешто има мориња соларната енергија се користи за отсолување на морската вода и добивање на питка вода за пиење.

Уште многу одамна човекот сушел свежо овошје, зеленчук и месо за да обезбеди резерви во зимскиот период. За оваа намена ја користел сончевата енергија. Денеска во индустријата се градат посебни сушари коишто со помош на соларната енергија, сушат најразлични продукти за добивање на: зачини, млеко во прав, зрнести култури и.т.н.

Во некои индустрии се користи пареа за технолошки потреби. Во хемиската индустрија на пример, пареата се добива со помош на  концентрирање на сончевото зрачење. Овие системи го загреваат флуидот и над 300 оC.

Примената на сончевата енергија како во индустријата така и во домаќинствата е евидентна. Енергијата добиена од сонцето може да се искористува на безброј начини и таа е од непроценливо значење за човештвото.

М-р Виктор Донски, дипл.ел.инж.

Be Sociable, Share!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*