Складирање на енергијата

Еден од најголемите проблеми на денешницата претставува ефикасното складирање на соларната енергија. Постојат повеќе начини на создавање на топлинска енергија, меѓутоа секојдневно се работи на изнаоѓање и усовршување на решенија коишто би ја складирале топлинската енергија со што помали загуби.  Соларната енергија е временски (дневно) зависен ресурс. Една од најголемите негативни особини кај овој вид на енергија е неможноста за точни калкулации за нејзината продукција. Токму заради тоа неопходен е систем за складирање на енергијата, којшто би се употребил во моменти кога нема сончево зрачење или кога имаме потреба од тоа. Системите за складирање на енергија мора да се разгледуваат имајќи го во предвид целокупниот процес на искористување на соларната енергија. Во овој процес главни компоненти се: соларниот колектор, уредите за складирање на енергија, уредите за конверзија, потрошувачката, дополнителните енергетски напојувања и контролните системи. Учинокот на секој од овие компоненти зависи од останатите компоненти. Зависноста на ефикасноста на колекторот од температурата, го прави целиот систем зависен од температурата. Оптималниот капацитет на системот за складирање на енергијата зависи од расположливото сончево зрачење, природата на потрошувачката којашто се очекува во процесот, степенот на сигурност, начинот на кој се обезбедува дополнителна енергија како и економската анализа со која се одредува односот на употребата на соларната и дополнителната помошна енергија. Системите за складирање на сончевата енергија најчесто се изведени во вид на резервоари. Овие резервоари всушност претставуваат акумулатори на топлинската енергија. Овде топлината се акумулира за да може да се искористи по одредено време. Имајќи во предвид дека со текот на времето температурата на акумулираната енергија опаѓа, се наметнува потреба самите акумулатори да поседуваат одредени карактеристики. Најпрво тие мора да имаат што помала површина и добра изолација. Потребно е тие да издржуваат голем притисок и температура. Доколку се работи за резервари за питка вода, тие мора да задоволуваат одредени еколошки стандарди. Векот на траење е пожелно да биде над 20 години и истовремено цената да биде што пониска. Системите за складирање на соларна термичка енергија можат да се поделат на следниот начин:

а) складирање на енергијата преку топлинско осетливи системи

  • течности
  • цврсти тела
  • складови од камења
  • подземно складирање

б) складирање на енергијата во вид на скриена (латентна) топлина

  • течност – цврсто тело
  • течност – гас
  •  цврсто тело – цврсто тело

в) складирање на енергијата (топлината) во вид хемиска енергија

Подземен резервоар
Подземен резервоар

Сл.1 Складирање на енергијата во подземен резервоар

М-р Виктор Донски, дипл.ел.инж.

Be Sociable, Share!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*