Електричниот автомобил, ја демне ли шансата? | Љупчо Гаштеовски

100 литри потрошен бензин, 65 литри ни исчадуваат низ ауспухот и системот за ладење, а над 15 потрошуваме за застои по семафори и пречки во градскиот метеж. Електричниот автомобил нема загуби низ ауспух и за ладење, не троши енергија кога стои, а постои можност со реверзибилно кочење дел од енергијата да се врати во батериите. Исто и при спуштање надолу (од Водно на пример) се користи Земјината тежа и батериите се полнат

Ако автомобилот ни троши 6,5 литри на 100 километри, само бензинот ќе нѐ чини 5,15 денари за еден километар. За истиот извозен километар со електричен автомобил, струјата ќе нѐ чини 0,48 денари, или 11 пати поевтино.

Глобално, популацијата се размножува, се концентрира во мегаполиси, протежира брз и лагоден живот и сака многу да патува. Потребата од повеќе храна и енергија ги истоштува ресурсите и ја опустошува планетата. Глобализацијата ги делоцира суровините, работната рака и готовите производи во услуга на профитот, па транспортот станува голем енергетски понор и загадувач на околината.
Енергетскиот кусок не е поради немањето енергија, туку поради неможноста на акумулација на енергијата. Електричната е најблагородната енергија, со најширок спектар на примена и еколошки е најчистата енергија за потрошувачот.

Електричен автомобил (ЕА) е патнички автомобили погонуван со електромотори, напојувани со струја од батерии. Овде се судираат добрите карактеристики на струјата и единствената маана – скапотијата за акумулација. Првите електрични автомобили датираат од 19 век. Со развојот и усовршувањето на моторите со внатрешно согорување, особено алансерот, кој ја заменил рачната курбла, електричните возила биле забаталени. Енергетските кризи од крајот на минатиот век направија краткорочно покачен интерес за ЕА. Лелекот на животната средина, подобрената технологија на батериите, брзите полначи и големата зависност од нафтата ги воскреснуваат ЕА, кои, иако почетно се поскапи, многу се поевтини за возење, поеколошки се и поевтини за одржување.

Електричниот автомобил обезбедува почист воздух локално во градовите, оти нема ауспух, нема стакленички гасови, саѓи, јаглеродмоноксид, озон, олово и азотни оксиди. Тие ги немаат вибрациите, миризбата и бучавата, а многу е смалена и зависноста од нафтата. Глобално, загадувањето е поместено кај произведувачот на струјата. Излегува дека ЕА имаат долг ауспух до оџакот на термоцентралите. Тековното одржување е смалено, бидејќи еден ЕА има околу пет подвижни дела во својот мотор, во споредба со автомобили на бензин, кои имаат стотици. Возењето е многу покомфорно, поради немањето менувач, забрзувањето е нагло и рамномерно, а кочењето меко. ЕА имаат прескапи литиумјонски батерии со лимитиран век и капацитет, особено во зимски услови. Ограничениот дострел создава загриженост за стигнување до целта, кое се анулира со мал мотор на бензин за дополнување на батериите – хибридно возило. Кај ЕА постои зголемен ризик од пожар при судири и потопување. Отсуството на бучава претставува неочекувана опасност за пешаците.

Бензинските мотори се енергетски понеефикасни, со степен на корисно дејство 20-30 отсто, во споредба со 80 отсто кај ЕА. Од 100 литри потрошен бензин, 65 литри ни исчадуваат низ ауспухот и системот за ладење, а над 15 потрошуваме за застои по семафори и пречки во градскиот метеж. ЕА немаат загуби низ ауспух и за ладење, не трошат енергија кога стојат, а постои можност со реверзибилно кочење дел од енергијата да се врати во батериите. Исто и при спуштање надолу (од Водно на пример) се користи Земјината тежа и батериите се полнат.

Тежината на самите батерии обично го прави ЕА потежок во споредба со возило на бензин, што бара зголемен напор за влечење, но и постабилни придобивки. Многу електрични автомобили сепак имаат мала, лесна и кревка каросерија.

Анализата на цената на возење ја правиме за едно хибридно возило, кое е постојно бензинско возило, надградено во ЕА. Ако бензинскиот мотор троши 6,5 литри на 100 километри, еден поминат километар, само за бензин ќе нѐ чини 5,15 денари. Ако со истото возило возиме со електромоторот, при полнење на батериите со струја по ноќна тарифа, возењето ќе нѐ чини 0,48 денари за еден поминат километар, или 11 пати поевтино. Бензинот однапред го плаќаме, а струјата ја плаќаме на крајот од месецот. При користење плин за секој километар ќе платиме 3,04 денари.

За Велигден годинава, Линда, Алан, Клејтон и Ли од Денвер, Колорадо, ни беа на гости, па си муабетевме за елекромобилноста. Тие имаат ЕА за кој платиле 29 илјади долари, а државата им вратила 13 илјади. Батериите ги полнат за три часа и поминуваат 100 милји (160 км). Нивниот ЕА има мал бензински мотор за дополнување на батериите, со што нема ризик од пристигнување на крајната цел. Најмногу го користат како дневно возило, за на работа и низ град. На работа имаат бесплатни полначи на батерии. Денвер е на 1.800 метри надморска височина, а на 2.300 метри имаат викендичка. Кога ќе стигнат до викендичката батериите се испразнети на 40 отсто, а кога ќе се вратат дома батериите се дополнети до 70 отсто, поради струјата добиена од користење на Земјината тежа при спуштањето.
Иднината на ЕА главно зависи од цената на батериите со висока енергетска густина (капацитет) и долгиот век на траење, како и од брзите полначи. Технологијата за менување батерии (одморени коњи) е многу деликатна, но заедно со брзите полначи би можеле ЕА од дневни и градски да ги квалификуваат за подолги дистанци. Соларните ЕА ќе имаат перспектива, затоа што сета енергетска иднина мора да се сврти кон сонцето.

Во секој случај, ЕА поради поголемиот степен на корисно дејство е помал загадувач на околината, дури и при полнење со струја добиена и од термоцентрали на јаглен. При полнење со струја добиена од нуклеарки (Франција), хидро (Норвешка) или нови обновливи извори на енергија, ЕА е апсолутен нулти загадувач со емисии и бучава. Моменталните проблеми со батериите и цената, со развојот сигурно ќе се релаксираат, но литиумот, како „нафта на 21 век ќе добива на цена.

Електричните автомобили за Македонија се во повој. В четврток, 27 јуни 2013, на Машинскиот факултет во Скопје, во Институтот за возила, кај проф. Ќосевски, ќе се одржи меѓународна конференција за елекромобилност. Гостите од Словенија и од Бугарија ќе допатуваат со електрични автомобили, кои ќе бидат изложени и за јавна посета.

Авторот е енергетичар-екологист
Автор: Љупчо Гаштеовски
линк до изворот: тука.

Be Sociable, Share!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*