Со возила на струја до помало загадување | Катерина Панчевска

И покрај потенцијалните придобивки, широкото прифаќање на електричните возила се соочува со неколку пречки и ограничувања. Тие се значително поскапи од возилата со класични мотори и хибридните електрични возила, постои недостиг од инфраструктура за полнење на возилата, поради што како проблем се јавува и ограниченото растојание што можат да го поминат

статија во нова македонија
статија во нова македонија

ПОТРЕБНА Е СТРАТЕГИЈА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА УПОТРЕБАТА НА ФОСИЛНИ ГОРИВА ВО СООБРАЌАЈОТ

Употребата на електричните и хибридните возила зема сѐ поголем замав насекаде во светот, но во Македонија на прсти може да се избројат возилата што немаат погон на фосилни горива. И покрај тоа што постојано се зборува за ефектот на стаклената градина и глобалното затоплување, како и големата загаденост на воздухот, бројот на ваквите возила е минимален. Енергетичарите велат дека со електромобилите значително би се намалило загадувањето на воздухот бидејќи би имало намалено испуштање гасови и би се намалила зависноста од увоз на нафта и нафтени деривати. И покрај потенцијалните придобивки, широкото прифаќање на електричните возила се соочува со неколку пречки и ограничувања. Тие се значително поскапи од возилата со класични мотори и хибридните електрични возила, постои недостиг од инфраструктура за полнење на возилата, поради што како проблем се јавува и ограниченото растојание што можат да го поминат. Од Агенцијата за енергетика потврдуваат дека големо учество во загадувањето на воздухот имаат возилата и истакнуваат дека државата веќе презема некои мерки за да се развие свеста на народот за електромобилите.

– Државата односно некои општини веќе имаат предвидено во програмите за енергетска ефикасност набавка на електрични возила во замена за постојните автомобили – вели Дарко Ангелков, стручен соработник во Агенцијата за енергетика.

Тој посочува дека електричните возила генерираат многу помала емисија на јаглероддиоксид, дури има електрични возила со нула емисии на гасови, како и дека загадувањето може многу да се намали со овие возила.

– Предностите на електромобилите во споредба со конвенционалните возила е помала емисија на гасовите, односно поголема заштеда на енергија, како и заштита на околината од штетни издувни гасови – нагласува Ангелков.

Според енергетичарот Кирил Минанов од невладината организација „Електромобилност“, за да почне посериозно процесот на електромобилност е потребно државата и институциите да подготват стратегија за насоката на движење на нашата држава на патот кон поздрава животна средина и нормативите на ЕУ.

– Тоа се редуцирање на емисијата на стакленички гасови за 20 отсто споредбено со вредностите од 1990 година, зголемување на енергетската ефикасност за 20 отсто, односно употребата на обновливите извори на енергија за 20 отсто заклучно со 2020 година – истакна Минанов.

Тој вели дека во вкупната потрошувачка на енергенти во државата, транспортот влегува со околу третина, што значи дека стратегијата за транспорт треба да ја насочиме кон обновливите извори на енергија. Во моментов транспортниот сектор речиси целосно е зависен од фосилните горива. Минанов нагласува дека директната емисија кај сите електрични возила на јаглерод диоксид во воздухот е нула.

Енергетичарот напоменува дека за луѓето да бидат мотивирани да имаат електрично возило за секојдневна употреба мора да се состави програма за субвенционирање за првите 5.000 електрични возила од повеќе нивоа.

– Потребни се и законски решенија, како на пример намалени давачки за увоз на хибриди и електрични возила, директни субвенции од државата при набавка на возилата, бесплатни патарини, бесплатни паркинзи и намалени давачки за процес на регистрација, изградба на инфраструктура за полнење на возилата итн. – појаснува Минанов.

Тој вели дека со имплементација на поголемиот дел од овие мерки, кои голем дел од земјите во ЕУ ги имаат применето, цената на возилата би се довела на едно прифатливо ниво, што ќе придонесе за поголема примена на ваквите возила низ нашите улици. Според Минанов, со овие возила Македонија има шанса за индустриско производство за делови за електромобилната индустрија во европски и во светски опсег.

– Maла индустрија што би можела да вработи десет илјади луѓе. А за инженерите поголем мотив од производство и градба нема. Треба да се напомене дека во текот на 2014 и 2015 година се преработени повеќе возила од класични во електрични, кои се технички испитани и хомологирани и можат да се сретнат по нашите улици. Тука се и неколку мотори што се преработени и се водат како електроскутери – истакна Минанов.

Повеќе европски земји нудат субвенции

Европската комисија предлага електрификацијата на транспортот да биде висок приоритет за сите земји во Европа, со комплетна интеграција на електричните возила во политиките на урбаните центри и широк пристап за сите возила до електричната мрежа. Интересен пример е Норвешка, од три продадени возила едно е електрично. Тоа значи дека луѓето веќе ги купуваат и тие што возеле електрично возило повеќе не се враќаат на „старите возила“. Франција веќе има програма до 10.000 евра за сите што ќе се префрлат од дизел и бензин на електрични возила. Субвенционирањето е масивно во Скандинавија, но и во сите земји каде што има ваква индустрија, како на пример Германија. Исто така, пример е и Естонија, која купи околу 500 електрични возила и инсталира инфраструктура со 167 брзи полначи низ коридорите на државата. Во Естонија субвенцијата изнесува до 18.000 евра, односно до 50 отсто од цената на возилото, а наедно жителите на Естонија може да конкурираат и за грант од 1.000 евра за набавка на полначи за своите возила во домашни услови. Словенија субвенционира до 5.000 евра, а Хрватска веќе две години има закон за субвенции со максимален износ на поддршка до 9.000 евра.

извор: Нова Македонија katerina.p@novamakedonija.mk

Be Sociable, Share!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*