(колумна) Електрични возила? Зошто секогаш доцниме? | м-р Оливер Велковски дипл. ел. инг.

НВО Електромобилност има цел да ги собира и да ги претстави на едно место најновите трендови во електромобилната индустрија достапни во Македонија, човечкиот креативен потенцијал и инженерско знаење и од друга страна да даде простор за отворање на дискусија за проблемите со загадувањето кои Македонија ја вбројуваат во врвот на светските листи. Нашето општество за жал сеуште нема системски одговор за овој горлив проблем. Крајно време е и кај нас да се отвораат прашањата за чекорите кон одржливата иднина на Македонската економија и влијанието од неа врз животната средина преку преминот кон одржлив енергетски систем. Овој пристап и крајната цел носат предизвици, но токму тие предизвици се прилика за вклучување на креативниот потенцијал и инженерското знаење на студентите и дипломирани професионалци со иновации да се стигне до заштеда на енергијата и намалување на загадувањето меѓу другото и во транспортниот систем и електромобилната индустрија.

Зошто електрични возила?

Првенствено во делот на екологијата и заштитата на животната средина, електричните возила се далеку поеколошки од конвенционалните односно истите генерираат значително помалку емисија на CO2, PM10 и други стакленички гасови. Сите знаеме колку загадувањето е голем проблем во нашата држава, посебно во главниот град каде емисијата на јаглеродниот диоксид и канцерогените PM10 честички се во одредени периоди од годината и неколку пати поголеми од највисоките прифатливи граници. Енергијата добиена од обновливи извори на енергија (сонце, вода, ветер) ги прави ваквите возила целосно еколошки.

Бучавата, посебно во големите урбани центри е исто така голем проблем кое што допринесува до поголемо ниво на стрес. Употребата на овие возила кои се карактеризираат со ниско ниво на бучава, покрај тоа што го прави возењето доста удобно може значително да допринесе кон намалување на ваквиот негативен ефект кај класичните возила.

Имајќи во предвид дека електричните возила имаат значително помалку физички делови за одржување, споредбено со конвенционалните возила, па со тоа и трошоците за одржување се значително помали, а со тоа и оперативните трошоци.

Енергетската ефикасност кај електричните возила е далеку поголема одколку кај возилата на погон со внатрешно согорување.

Како да ги доближиме електричните возила до граѓаните?

НВО Електромобилност веќе неколку години преку своите активности прави напори да допринесе кон подигнување на свесноста кај граѓаните и институциите во државата конечно да отпочнат сериозни стратегии и планови за реална примена на ваквите возила и во нашата држава. Стратегија за интеграција на електромобилноста во државата е нешто што е потребно најпрво да се направи од страна на државата со помош на стручни лица од нашите факултети, компании и граѓанскиот сектор. Како и во секоја успешна приказна мора да се тргне од самиот почеток, а тоа е воспоставување на инфраструктура од полначи во поголемите урбани центри и автопатиштата во државата по главните коридори, преку кои најчесто минуваат и странски возила со цел транзит или посета на државата. Дополнителните мотивации од типот на бесплатни паркинзи, бесплатни патарини, намалени трошоци за регистрација, намалени давачки при увоз на електричните возила ќе допринесат да граѓаните и правните субјекти посериозно гледаат кон набавка на ваквите возила. Сепак треба да се има во предвид и искуството на останатите држави од Европа кои најголемиот ефект за доближување на електричните и хибридни возила до граѓаните е преку директна субвенција од страна на државата при набавка на истите. Како пример може да го земеме оној од Хрватска кои во текот на 2014 година започнаа а продолжија и во текот на 2015 година со сериозен процес на субвенционирање на еколошките возила каде преку Министерството за заштита на животната средина и Фондот за заштита на животната средина и енергетска ефикасност стратуваа проект за поттикнување на набавка на возила со намалена емисија на штетни гасови во вредност од седум милиони куни (околу 900.000 евра). Инаку проектот на Владата во Хрватска има за цел да се подобри квалитетот на воздухот во градовите преку намалување на штетните гасови во сообраќајот. Средствата се наменети за граѓани и правни лица кои ќе може да добијат кофинансирање во вредност од 30.000 до 70.000 куни (од 4.000 до 9.000 евра) по возило, во зависност од технологијата што ја користи (електрични, хибридни приклучни хибридни возила, е-скутери, четирицикли).

Исто така и искуството на Естонија не смее да не се спомне каде од страна на државата беше донесена стратегија за набавка на 500 електрични возила за потребите на државната администрација како и набавка на 167 брзи полначи низ урбаните центри и коридорите низ државата. Слични субвенции нудат и Скандинавските земји, Германија, Франција, Англија итн. кои имаат цели да до 2020 година бројот на вакви возила надмине над милион во Германија, над 1,5 милион во Англија, односно два милиони во Франција. НВО Електромобилност смета дека само преку еден ваков конструктивен пристап од страна на државата ваквите возила и покрај нивната висока цена во моментов, може да станат подостапни за граѓаните и компаниите.

Непостоењето на полначи по главните коридори низ државата ги одвраќа сопствениците на ваквите возила од останатите држави од Европа да транзитираат низ нашите патишта. Имајќи ја во предвид малата површина на нашата држава сметаме дека инвестицијата за воспоставување на инфраструктура од полначи на секои 50 до 80 км на главните делници Куманово – Крива Паланка – Скопје – Гевгелија, Скопје – Штип – Струмица, Скопје – Охрид – Битола и Скопје – Тетово – Кичево – Охрид нема да претставува голема инвестиција, а сепак ќе придонесе Македонија да се најде на мапата на земји од ЕУ во која ќе можат слободно да се движат и ваквите возила. Вакви полначи се воедно потребни и во урбаните центри каде истите би се поставувле во катните гаражи, јавните паркинзи, хотели, трговските центри кае граѓаните ќе можат да ги полнат своите возила додека пазаруваат, престојуваат во некој хотел или пак се на работното место.

Во текот на изминатите неколку месеци во нашата држава на наша голема радост можеме слободно да кажеме дека се случува раздвиженост по однос на прашањето поврзано со електромобилноста, имајќи во предвид дека за кратко време има четири официјални конверзии на класични во електрични возила (две во Скопје, едно во Радовиш и едно во Тетово) кои се хомологирани, регистрирани и возат по нашите улици. Воедно треба да се напомене дека веќе некои салони донесоа електрични автомобили, една од поголемите банки во нашата држава веќе набави 5 електрични автомобили за своите потреби, од страна на град Скопје се промовираше првиот полнач во катна гаража, Градот Скопје набави најпрво 5 мали електрични возила и 5 е-велосипеди, а пред неколку дена сме сведоци и на набавката на 5 електрични скутери за потребите на администрацијата на Градот.

Она што во моментов го прави НВО Електромобилност е барање начин да ваквите возила побрзо се најдат на нашите улици и сите заедно да ги почуствуваме бенефитите од истите. Имено во изминатиот период беа испратени иницијативи до неколку општини во нашата држава за обезбедување на бесплатни паркинзи преку нивните јавни претпријатија кои стопанисуваат со паркинзите, а воедно беше поднесена иницијатива до релевантините институции во Државата околу обезбедување на бесплатни патарини за електричните и хибридни возила. Се надеваме дека исходот ќе биде позитивен во скоро време од страна на сите оние до кои се обративме и допрва ќе се обраќаме како би можеле сите заедно да допринесеме кон промовирање на новите технологии и трендови во мобилноста, а со тоа и да допринесеме за подобрување на нивото на загадување во нашата држава имајќи во предвид дека се вбројуваме за една од најзагадените држави во
Европа.

Конференција, ЕКСПО, работилница и електричен полигон!

Во насока на исполнување на нашите цели и таргети Здружението на граѓани Електромобилност Македонија на 18.09.2015 год. (петок) со почеток од 10 до 17 часот во рамки на глобалниот настан „Европска недела на мобилност“ учествува со неколку настани. Имено најнапред серијата на настани ќе ја започнеме со „Електричниот полигон“ кој по втор пат го организираме во соработка со Секторот за заштита на животната средина и природата при Град Скопје во рамки на се дружиме со ученици од деветто оделение од основните училишта и разговараме за електричните возила и нивното значење за животната средина. На крајот од едукативното дружење со учениците практично им покажуваме како изгледаат електричните возила и ги провозуваме со некои од нив.

По завршувањето на „Електричниот полигон“ започнува „ЕКСПО за електрични возила“ кое за прв пат се организира во нашата држава, каде на едно место ќе се прикажат сите релевантни примероци на електрични возила кои моментално се возат по нашите улици како нови електрични автомобили, конвертирани возила од мотор со внатрешно согорување во електричен, е-скутери, е-велосипеди, мали електрични возила, како и полначи за електрични возила и дополнителна опрема. Во текот на денот предвиде е и теоретски дел каде ќе се оддржи Работилница и Конференција каде дел од предавачите се наши истакнати професори и докторанти од техничките и општествените факултети, а дел од предавачите ќе бидат и од други држави, при што ќе слушнеме интересни информации и податоци кои се директно поврзани со електричните возила и нивното влијание на нашите простори.

Искрено сметаме дека со ваквата целодневна активност ќе побудиме интерес кај различни структури на граѓани и правни субјекти при што секој ќе си најде нешто интересно кое ќе може да го проследи, да се едуцира и да се забавува.

ОБЈАВЕНО во Слободен печат на 17 септември 2015

Автор: м-р Оливер Велковски

Be Sociable, Share!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*