Press "Enter" to skip to content

Преработка на лесни електрични возила | направи сам | Миро Стојчевски

Електричните возила не се иднина, туку сегашност. Ги користам секојдневно и можам, со мали вложувања, да преработам стари моторни возила во возила на електричен погон. Спремен сум да ги споделам моите искуства и да помогнам на секој можен начин да се искористи паметно оваа технологија за сите коишто сакаат да имаат лесни електрични возила. Моите минати трудови ме научија дека оваа нова технологија станува се* подостапна во поново време за сите граѓани, но побитно, секој со малку знаење во механика и електрика, би можел да направи сам, електрично возило со квалитет којшто зависи доста од финансиските средства, но има веќе достапни и не така скапи решенија со што идејата „направи сам“ веќе е реалност. 

ЕКОНОВА 2011 за Мирослав Стојчевски
ЕКОНОВА 2011 за Мирослав Стојчевски

Моите проекти за електрични возила, на пример, се направени со минимални, но неопходни вложувања, па сепак сум задоволен од резултатот. Мислам дека е потребна поголема информираност на граѓаните за бенефитот од електричните возила и да се покаже вистинската слика за овие возила. Се* уште на овие возила се гледа како на нешто недостижно, поради цените на корпоративните возила, како скапи, без да се земе опцијата за преобразување или преправка или „конверзија“ на постоечки моторни возила како моторцикли, скутери, велосипеди, тротинети, колички за личности со попреченост, трицикли и останато. 

Потребна е помош од државата пред се* како поддржувач на оваа технологија со активности и збиднувања за сите потенцијални корисници и самоградители на електрични возила, но посебно битно субвенционирање на граѓани за набавка на делови, материјали и тн. за електрични возила, за нас, да можеме во нашите мали работилници, да работиме на преработки.

Неопходна е и темелна едукација на ова поле. 

Би сакал да имаме интернет страница кадешто би разменувале искуства за набавка на делови и кадешто би давале совети за идни самоградители и корисници на електрични возила, во прв ред, за широкодостапните и ефтини лесни електрични возила

Гледајќи кон иднината, мое мислење е дека би требало и во училштата во Македонија, учениците да се запознаат со оваа технологија во склоп на идејата за екологија и катастрофата со климата. Мите деца се веќе запознаени со технологијата и ги користат електричните возила, тоа може да го забележите на видеата коишто ги приготвив за јавноста.

Во Македонија нема продавница или фирма кадешто на едно место можат да се купат делови и материјали за електрични возила, но тука е интернет и набавките одат он-лајн, сепак, но би било одлично да можеме да се организираме околу таква идеја. Од интернет можат да се набават и китови за велосипеди, скутери, мопеди, па дури и за цели автомобили на електричен погон.

За моето прво електрично возило, Јас ги барав деловите во отпади и пазари за стари работи. Сега можеби нема потреба за тоа, со оглед на платформи како Амазаон, АлиБаба, но не ја отфрлам можноста да се ре-искористат делови од возила или материјали или слично коишто веќе за одредена апликација не се користат, тука мислам на шасии, тркала, каиши, батерии, електромотори од вилушкари, и тн. 

мотор
мотор

Доколку ги имате сите делови за конверзија на велосипеди или скутер на електричен погон, времето за изработка нема да биде подолго од два дена.

Да ги наведам позитивните карактеристики на возилата:

1) нема емисија на штетни гасови,

2) економичност поради ефтина електрична енергија од обновливи извори на енергија, сонце, ветер,

3) економичност во одржување и потрошен материјал, 

4) звучно загадување, тивки и бесшумни,

5) задоволство во возењето. 

На прво место е ефтиното возење коешто е најинтересно за нашите сограѓани, бидејќи во просек овие возила се поекономични и до десет пати повеќе од оние на бензин и нафта, а тука би го споменал во пакет со тоа и поефтиното одржување. 

Идејата да започнам со изградба на вакво возило е од 2010 година, инициран од интернет, а бидејќи имам аматерско познавање на електроника и механика, се фатив за работа. Еве ги резултатите:

  1. Конверзија на мотоцикл Aprilija AF1, рам и тркала купени од отпад, еднонасочен мотор на 24 волти со моќ од 150 вати, купен на отпад со три оловни акумулатори од по 12 волти со 45 амперчасови, нови од продавница. Карактеристики: Удобно бесшумно возење со максимална брзина од 25 километри на час и не повеќе од 100 километри возење со едно полнење. Недостатоци: Слаба моќ во сооднос на тежина, лош пренос на каиш, нема контрола за вртежи. Цена на чинење околу 300 евра. Сепак, ја постигна својата цел и го користев скоро две години за до работа, повеќе на следниот линк
  2. На постоечки исправен велосипед, монтиран еднонасочен мотор на 24 волти со моќ од 250 вати, два оловни акумулатори на 12 волти со 38 амперчаса и контролер на вретжи со рачка за контрола, со пренос со запчаници, сите купени од интернет. Карактеристики: Можност за користење педали и електричен погон, максимална брзина од 30 километри на час и возење со едно полнење од 120 километри. Недостатоци: Слаб електричен мотор, којшто по половина час се загрева премногу, а ладење, нормално не бев планирал за него. Цена на чинење 250 евра. Го користев кратко време, па поради потреба од делови за нареден проект, ја извадив електричната инсталација, а решението може да се погледне на следниот линк
  3. Користени делови од рамка за електричен скутер, но со измени и додатоци поради зајакнување, има еднонасочен електромотор на 24 волти, со моќ од 350 вати, два оловни акумулатори на 12 волти со 38 амперчаса, преобразувач и рачка за контрола, купени на интернет, пренос со запчаници. Карактеристики: Максимална брзина од 25 километри на час, возење со едно полнење од околу 90 километри, има добар сооднос на тежина со јачина на мотор, соодветен пренос со запчаници може да совлада и помали угорнини. Недостатоци, естетски незадоволително: Цена, околу 250 евра, линк
eMiro
eMiro

Можам да им порачам на сите заинтересирани коишто се ептен малку од малку потковани за вакви проекти, да го започнат својот проект, без двоумење. Можам да им помогнам ако ме побараат, но исто така им препорачувам да користат интернет ресурси, има буквално се* што е потребно за вакви мали решенија. 

мотор
мотор

Задоволството од возењето на струја е големо. 

Motorcycle eMiro
мотажа на батерии со каиш

Автор: Миро Стојчевски; Миро е член на Електромобилност-ОЕВМ и дипломиран земјоделски инженер, вработен на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, со хоби електрични возила. Миро може да го добиете на мобилен 072216310, ако Ви е потребна помош од неговата домашна работилница за електрични возила, ако сакате совет или слично или поддршка, контакт може и по и-меил mikistojc@yahoo.com 

Mission News Theme by Compete Themes.