По информацијата за набавка на автобуси на гас, планирана од Град Скопје за 2019 година, како Организација за електрични возила во Македонија одлучивме, да се јавиме во јавноста со соопштение.
…………
Ја осудуваме набавката на автобуси на гас за Град Скопје, затоа што свесно и со јавни средства, се игнорира фактот дека нафтените деривати се во директна врска со малигни и немалигни заболувања, а од друга страна, трошоците во вкупниот животен циклус на автобуси на гас е далеку поскап од трошоците на животниот циклус на електричните возила.
Електрификацијата на транспортот е трајно решение. Чувствуваме одговорност да го потсетиме градоначалникот на Град Скопје г-дин Шилегов, дека имаме право на чист воздух! Граѓаните го заслужуваат тоа и поради тоа предлагаме ефтино диверзифицирано решение, како целина од композиции со електрични автобуси во комбо со тролејбуси и лесен електричен трамвај.
За електричните автобуси, инфраструктурно, ќе биде потребно инсталирање на јавни полначи на стратешки позиции во градот. За тролејбус, инфраструктурно, ќе биде потребно инвестирање во ре-електрификација. За лесен електричен трамвај, инфраструктурно, ќе биде потребно инвестирање во ре-електрификација со мрежи во мрежи и шински линии, денивелација (без вкрстување со уличниот сообраќај), трафо станици, депоа, двоен колосек на клучни траси; до 50 километри. Шинскиот градски електротранспорт ќе се поврзе со инфраструктурата на Македонски железници. Според физибилити студијата од пред десетина години изработена за Град Скопје, лесен електричен трамвај би можел да се развива на најфреквентни линии.
Електричните автобуси како и тролејбусите, ќе ги користат веќе постоечките булевари за комутација. Сервисирањето на комплетната палета на електрично влечните возила ќе може да се сопостави во интегриран електровлечен систем. На пример, за среднонапонската мрежа за тролејбуси и трамвај, ќе бидат задолжени инженерите од МЕПСО, јавната државна полначка инфраструктура и депоа, ќе бидат обврска на ЈСП, мали и средни компании ќе се вклучат во сервисирање на опремата итн. Ќе биде потребно инвестирање во кадрите коишто ќе управуваат и ќе ги сервисираат електричните возила, со сериозно покачување на плати, со обуки и стимул.
Лесен електричен трамвај (light electric tram) се користи во шпанскиот град Билбао. Решението од Ница – Франција, е со инсталиран трамвајски систем без надземна мрежа за напојување, со индуктивно подземно напојување за време на запирањата на трамвајот. Тролејбуси се користат во многу европски градови.
Доколку ги споредиме трошоците за двете решенија во животен циклус од десет години, за електрични автобуси и автобуси со мотори за внатрешно согорување, на вагата ќе ги вкалкулираме, просечната потрошувачка за поминати километри за десет години со апроксимирана споредба на цени на електрична енергија а пропо набавка на гас, амортизациони и сервисни трошоци за одржување на автобускиот парк во двете варијанти, ефектот врз здравјето со и без скриениот трошок којшто се префрла на граѓанството како лекови и терапии во делот од јавното здравје за спектар на болести поврзани со нафтените деривати. Но, кога станува збор за електрични возила, споредбата на сите аспекти може да се прави на периоди поголеми од дваесет години, имено до 40 години, во исто време имајќи во предвид дека пред неколку години веќе плативме најмалку 40 милиони евра за фијаското со даблдекерите. Процесите на топлење и ладење на животната средина како и намалувањето на бучавата на минимум, во дневните и ноќни часови, исто така.
Решение со електрични возила како визионерски и пи-ар импулс за градот е трајно и поефтино, а десетте милиони евра за автобуси на гас, по завршувањето на животниот циклус по десет години, ќе бидат поголеми од дваесет милиони евра, со напомена, притоа да заборавиме на ефикасноста на моторите со енергетика на топлина споредена со супериорноста на електромоторите кои се возат на електромагнетната енергија.
Во Електромобилност Македонија сметаме дека на среден рок од 10 години, електричните автобуси се најсоодветно и најразумно решение за Град Скопје. Јавниот електричен транспорт во отровните зимски денови предлагаме да биде бесплатен. Дополнително, граѓаните ќе бидат стимулирани да ги остават автомобилите и да користат ефтин електротранспорт во сите годишни времиња во комбинација со идејата за велосипедски и пешачки град, субвенционирани е-цикли под 50 кубни сантиметри, итн.
Граѓаните се свесни дека набавката на даблдекерите со јавни средства од претходната власт беше стратешка грешка. Најмалку 40 милиони дизел евра согореа низ дишните патишта на граѓаните во животен циклус од само два мандати на г-динот Трајановски. Сметаме дека и одлуката за набавка на автобуси на гас е лоша и според тоа, се обраќаме до г-дин Шилегов и до советот на Град Скопје, со коректна молба, во името на здравјето на граѓаните, да ја преиспитаат набавката.
Драг господине Шилегов и драги советници, очекуваме во Скопје, од пролет 2019, да се возат најмалку 20 (дваесет) ефтини електрични автобуси, а во пролет 2020, дополнително уште 30 (триесет). Во наредните 15 (петнаесет) години или 4 (четири) градоначалнички мандати, по предложената прогресија, ЈСП би управувала со автобуски возен парк од 150 до максимум 200 електрични автобуси и/или 50 до 100 тролејбуси, единечни и/или дупли, со завршена проектна документација за лесен електричен трамвај со изградба на првите 10 километри од трасите и визија со скица за метро. Полначката инфраструктура за автобусите мора да биде таква што ќе зафаќа поширока палета на стандарди и нема да биде ограничена на еден производител.
Субјектот Град Скопје не е сопственик на фабрики за производство на електрична енергија и поради тоа, градските власти не смеат, во формулата за електрификација на транспортот да се грижат за аспектот на аерозагадувањето гледано во точката каде што се троши електричната енергија. Доколку власта размислува во рамка на енергетска сиромаштија, тогаш ги виктимизира сите граѓани кои вклучуваат потрошувачи на мрежата на дневна основа во своите домови. Процесот на производство на електрична енергија и загадувањето во точката на производство, не можат да бидат доведени во релација со електрифицирање на транспортот, со оглед на либерализираниот пазар на електрична енергија и можноста да се „купи“ електрична енергија произведена во нуклеарни, термо, гасни, комбинирани или други централи кои се оддалечени на илјадници километри од Македонија. Процесите на производство, дистрибуција и потрошувачка, се одвиваат во законска рамка на неолибералната/ордолибералната дерегулација и аерозагадувањето од фабриките мора да се решава со процеси кои нема да го кочат електрифицирањето на јавниот транспорт, поради „животот“ и „иднината.“ Од друга страна, поддржуваме радикални инвестициски циклуси во македонски ветрогенераторски паркови ала „Богданци“, хидроцентрали во широк спектар, фотоволтаични фарми и проектот за 100.000 (сто илјади) соларни панели за домаќинства, поддржуваме субвенции за електрични возила итн.
Прашања за јавна дебата: Колку чинат лековите за граѓаните заболени од инхалирање нафтени деривати? Што со алергените при инхалација на нафтени деривати кај деца, астматичари, дијабетичари, сограѓани од трето доба? Дали сте запознаени со информацијата на истражувачи социолози дека поради аерозагадувањето, веќе има случаи на граѓани кои трајно се отселуваат од Република Македонија? Дали не е време да се воведе ЗЕЛЕНА ТАКСА од минимум 1 денар до максимални 3 денари за сите возила со мотори за внатрешно согорување по купен 1 литар гориво или 1 до 3 денари по изминат соодветен број на километри? Имено, ЗЕЛЕНАТА ТАКСА ќе полни фонд од каде што ќе се црпат средства за електрификација на транспортот.
Во исто време, ја осудуваме било која јавна набавка од институции, на ниво на Влада, општини и јавни претпријатија во цела Македонија, за возила коишто не се електрични, како примерот со набавките од минатата власт на дизел локомотиви за Македонски железници, како и тендерот за 40 возила со мотори за внатрешно согорување за потреби на Владата во овој момент, за фантастични 1,7 милиони евра како непотребен трошок за јавни службеници, кои ќе мора да се научат да користат јавен транспорт и да креираат чувство за трошењето на јавните средства на граѓаните.
Не е предоцна за да се стопираат ваквите катастрофални процеси доколку постои прагматичен здрав разум.
…………
визуелни информации+
https://bit.ly/2uGLymL
https://bit.ly/2LE77ea
https://bit.ly/2zZuJID
https://goo.gl/nEfr23