Press "Enter" to skip to content

По шини како на корзо | Македонски Железници инфраструктура

 

Резултатите од нашето набљудување на три железнички премини во Скопје покажуваат дека голем дел граѓани свесно го ризикуваат својот живот преминувајќи на несоодветно место и во несоодветно време.

Се* уште се свежи сеќавањата на последната голема сообраќајна несреќа кога воз удри во полн автобус кој нелегално се обиде да ја заобиколи спуштената рампа на железничкиот премин кај штипското село Сарамзалино, при што беа повредени 32 лица. Вчера, во близина на селото Бардовци, патнички воз кој сообраќал на релација Кичево-Скопје удрил во 36-годишен пешак.

Неколку дена претходно, близу Велес повторно се случи блиска средба на воз и автомобил, но за среќа без трагични последици. Овие инциденти ја наметнаа дилемата дали и колку се почитува поставената сигнализација од страна на возачите и другите учесници во сообраќајот, колку се безбедни железничките премини каде што патот се вкрстува со шините. „Нова Македонија“ во текот на целата измината недела следеше што се случува на и околу железничките премини во главниот град. Посетивме три вакви места на територијата на градот, кај Кондово, Хиподром и Маџари, каде што секој ден се задржувавме повеќе од 1 час и го набљудувавме однесувањето на учесниците во сообраќајот. Во текот на пет дена го набљудувавме однесување на пешаците и на возачите на автомобили, мотори и на велосипеди и ги бележевме прекршоците и другите видови ризични однесувања кога е во прашање минувањето на премините или пругите.

Ризично однесување

Генерален впечаток е дека премините се безбедни. На сите има сигнализација, на дел има рампи, а на дел нема, но главно сите имаат семафори и sвона, кои доволно гласно и видливо покажуваат кога на премините поминува воз. Но кога станува збор за почитување на сигнализацијата и сообраќајната култура на граѓаните, е тогаш, приказната е сосема поинаква.

Резултатите од нашето истражување покажуваат дека голем дел граѓани свесно го ризикуваат својот живот преминувајќи на несоодветно место и во несоодветно време. Голем е и бројот на оние што минуваат низ железничкиот премин неколку мига пред возот да помине, притоа ризикувајќи го својот и животот на другите. За ефектите од ваквото крајно опасно однесување сведочат неколкуте тешки сообраќајни несреќи што се случија во државава, а во кои имаше и жртви. На овие три локации за пет дена, додека бевме покрај железничките премини, забележавме шеесетина прекршувавања на сообраќајните правила и друг вид ризични однесувања на пешаците или на возачите на автомобили. Иако на железничките премини се задржувавме по еден час, половина час пред поминување на возот и половина час по неговото поминување, генерално заклучивме дека голем број минувачи не ги почитуваат сообрќајните правила и прописи кога се во прашање железничкиот премин и неговата околина. На и околу преминот во Кондово, во текот на петте набљудувани часа, во петте дена, регистриравме 11 лица што ја поминаа пругата надвор од преминот и тоа кога на пругата не се очекуваше да помине воз. Во истиот временски период додека сигнализацијата укажуваше на тоа дека преминувањето е забрането и се очекува скоро минување на возот, двајца возачи со своите автомобили и еден пешак го поминаа преминот. Ризикот од сигурна смрт беше потиснат од потребата да се побрза и да се стигне неколку минути порано на крајната цел за овие граѓани.

Резултатите, пак на околу железничкиот премин кај Хиподром, за истото време, исто така се загрижувачки. Таму забележавме 4 преминувања надвор од преминот додека немаше опаснот од поминување на воз, додека, пак, кога сигнализацијата покажуваше дека возот се наближува еден пешак го ризикуваше животот и претрча низ преминот. Во Маџари преминувањето надвор од преминот како да е практика, а не исклучок. Во временскиот периот на истражувањето, 41 пешак и тројца велосипедисти носејќи ги велосипедите во раце ја поминуваа пругата надвор од легално обележаниот премин. Додека рампите беа спуштени, еден пешак, еден велосипедист и еден возач на мотор ги заобиколија и ја поминаа преугата, ризикувајќи го својот живот, но и животот на другите.

Резултати од набљудувањето на трите железнички премини во пет последователни дена по еден час во текот на денот

Железнички премини       Преминување надвор      Преминување на премин

                                                 од преминот                 кога е забрането

Кондово                                               11                                   3

Хиподром                                              4                                    1         

Маџари                                                44                                   3

ВКУПНО ПРЕКРШОЦИ               59                                   7

Не се почитува сигнализацијата

На преминот во близината на селото Кондово нема рампи, но затоа има сигнализација и таа е исправна. На околните бандери се поставени и камери, кои снимаат. При нашата посета на овој железнички премин наидовме на ѓубре што гореше, кое очиглено некој, наместо да го фрли решил да го запали веднаш до пругата. Наидовме и на деца со велосипеди што возат преку него, на стадо овци што слободно беа пуштени да пасат во близината на преминот и пругата, но и на голем број возила и пешаци што преминуваа каде што ќе стигнат. Жителите што живеат во близина велат дека што и да се постави за да предупредува, насочува или забранува, граѓаните сепак ќе се однесуваат како и досега, нецивилизирано и секојдневно прекршувајќи ги сообраќајните правила и прописи.

– Во текот на целиот ден поминуваат неколку воза. Но нервозните возачи не можат да чекаат. Гледаат дека возот доаѓа и е близу, но тие сепак поминуваат. За среќа, тука кај нас досега се нема случено несреќа – вели еден од жителите од населбата пред Кондово.Тој додава дека не се само возилата проблем туку дека и пешаците и велосипедистите не ја почитуваат сигнализацијата.

– Голем дел од денот преку пругата се поминува кому каде му одговара. Не се чекаат ниту оние десетина минути кога се очекува возот да помине. На голем дел пешаци, велосипедисти и возачи проблем им е да почекаат. Кога на семафорот ќе почне да свети црвено, тие дури и тогаш претрчуваат низ пругата, иако знаат дека е многу ризично. Но кај нас насекаде е така. И по улиците и на железничките премини. Нема сообраќајна и пешачка култура – вели тој. 

– Следниот премин што го посетивме беше во близина на Хиподром, каде што, покрај семафорска сигнализација и знаци има и рампи. На другиот премин, во близината на старото кино во Маџари, владеше вистински хаос. На овој премин, поради тоа што улиците се тесни и мали, редовно се создаваше колона од возила кога поминуваше воз. И пешаците и велосипедистите дополнително го отежнуваат сообраќајот на оваа локација. Околните жители велат дека не е само преминот проблем. Проблем е целиот тој потег, затоа што целата пруга поминува меѓу населено место, каде што има голем број жители. Тука постојано претрчуваат деца и возрасни, но и оние најстарите, кои едвај ја преминуваат пругата. Поради потребите на пругата, целиот тој потег е со големи камења, па едвај ја претрчуваат пругата. Иако знаат колку е ризично тоа што го прават, ние сведочевме четириесетина лица што претрчуваат преку неа, на недозволено место.

– Мора да се направи нешто за да се обезбеди овој потег. Цело време претрчуваат преку него. Често се случува некој да падне, па едвај станува затоа тшо има многу камења. Но не е само пругата. И на преминот се однесуваат исто. Токму во тој момент кога поминува воз, возачите стануваат нервозни, па брзаат да поминат. За среќа, има рампи, па мора да стојат, иако некогаш ги заобиколуваат, особено велосипедистите и оние со мотори. Кај пешаците, пак, рампите не значат ништо. Тие се развртуваат лево-десно и минуваат иако рампата е спуштена, не мислејќи за последиците – вели Катерина Милевска, жителка што секојдевно сведочи на несовесноста на некои граѓани.

Само во последните триесетина дена, на локалните, регионалните и магистралните патишта во Македонија загинаа дваесетина граѓани. Најголем број од сообраќајките на магистралните и регионални патишта во Македонија, според полициските анализи, се случиле на неколку патни правци, односно на Тетово-Јажинце, Радовиќ-Струмица, Прилеп-Битола и на патот Кавадарци-Росоман. Многу често и многу жртви и повредени има во незгодите кои настануваат на и околу железничките премини и тоа речиси секогаш поради човечки фактор.

Република Македонија како земја со кандидатски статус за полноправно членство во Европската Унија постојано го хармонизира своето со законодавството на Унијата, а во тие рамки и во областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата. Основната цел е да се применат добрите искуства и практики на ЕУ заради постигнување високи стандарди и минимизирање на сите видови ризици и закани во сообраќајот на патиштата. Ова го истакна вчера претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, на отворањето на дводневната меѓународна конференција за улогата на локалната самоуправа и општините во  унапредување на безбедноста на сообраќајот на локалните и регионалните патишта, како нејзин покровиител. Организатори се ПРИ (Превентива на меѓународните патишта) и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата. Јуп Гус, претседател на Меѓународната организација за безбедност на сообраќајот на патиштата истакна дека е потребна силна соработка меѓу државната и локалната власт, училиштата, родителите, градоначалниците. Освен безбедна инфраструктуа, како што рече потребно е добро образование во училиштата и добра обука во автошколите.

ИЗВОР: Македонски Железници инфраструктура

Mission News Theme by Compete Themes.