Press "Enter" to skip to content

Ентропија, мала студија | Кирил Минанов

Вториот закон на термодинамика е закон којшто определува ентропија на систем; формула како абстрактен јазик со којашто се определува трансформирање на енергија од една во друга форма, материја се движи слободно додека ентропија или нивото на безредие во затворен систем се зголемува. Разликите во температура, притисоци, интензитет на густина, се разгуснуваат, одзгуснуваат и се формираат хоризонатализации и вертикализирачки синусоидални бранови од вектори коишто се обидуваат во сите правци и насекаде да се изедначат по интензитет и по снага во безнасочувачка насока. Вектор е една мала стрелкичка со силина којашто се движи како што се движи возило во одредена насока, но во случај со ентропија, насоката е вон формат на правец. Бран е вообичаен бран којшто се формира кога ќе фрлиме камче во езеро, се формира бранување во вода.

Првиот закон на термодинамика е прост по својата суштина, уште познат како и Закон за конзервирање на енергија, а укажува дека енергија во изолиран систем не може да се створи од ништо, ниту може да се уништи, туку енергија може само да се трансформира од еден вид во друг, од светлинска во топлинска, од потенцијална во кинетичка, од хемијска во батерии во електрична, каде што батерии можат да напојуваат светилки со светлинска енергија или пак добивање на топлинска енергија кај радијатори коишто се греат од енергенс како јаглен или гас. Енергијата не може да се уништи, таа е тука со нас. Дали е константна? Законот, имено е робусен и крут.

Третиот закон на термодинамика покажува дека ентропијата на системот станува константа и доаѓа до константна вредност како што температурата се приближува до абсолутна нула. Ако знаеш дека на нула степени вода се замрзнува, замисли што ќе се случи ако одиш во минус, под нула, не на минус десет, не на минус педесет степени, ниту на минус сто и педесет, туку на минус 273.

Вториот закон на термодинамика всушност укажува дека изолиран систем гравитира или кружи, како што кружи нашата планета околу сонцето, во термодинамички еквилибриум, познат како состојба на максимална ентропија без поредок односно беспоредок како движење коешто е хаотично и во коешто нема ред, нема следственост, ниту редослед во којшто сличност со идејата за анархија резонира во ентропијска состојба во којашто ништо не е стврднато како што се стврднати системот и институциите во системот, затоа што тие постојат да бидат тврди и недостапни и далечни од отуѓениот субјект и конзервативни, затоа што ентропијата работи постојано и се обидува да го извади системот од „лежишта“ и да го доведе надвор од цврста состојба, имено во течна, како течниот модернизам на Зигмунд Бауман. А потоа во гасна состојба. Сепак, да се вратиме пред течниот модернизам на Бауман, но, Холокаустот е да не заборавиме, прозорец во модернизмот.

Ентропијата е сеприсутна, како што е сеприсутна симетеријата во физиката, така на пример, енергијата флотира и се движи од регион со мала температура кон регион со голема температура, тоа што го гледаме на дневна основа како ладење и топлење на планетата, потоа притисок, се движи од повисок потенцијал кон понизок потенцијал, како притисок којшто е голем на површина на океан, а низок во орбита на планета, каде што гледаме кружење под дејство на центрипетална сила на сателити како на пример, Меѓународната космичка станица – МКС и телекомуникацијски сателити со коишто е овозможен сателитски интернет, па потоа, формирање на ветрови околу планетата е логика на флотирање на повисок и понизок потенцијал на температури и движење од едни кон други воздушни маси до еквилибриум и така се случува постојано движење на облаци и облици, впрочем, потенцијална и кинетичка енергија кај вода е физички феномен којшто се третира кај репродукција на електрична енергија кај хидроелектрични централи, вода на одредена висина во акумулација кај брана има потенцијална енергија поради гравитацијата на планетата, којашто е на повисока потенцијална енергија во однос на центарот на планетата, а кога водата поминува низ цевка и доаѓа во контакт со турбина и генератор, потенцијалната енергија се трансформира во кинетичка, во транслаторно движење.

Ентропијата според тоа е насекаде околу затоа што пливаме и пловиме во енергија во состојби на ентропии.

Втор закон за термодинамика и ентропија.
Прагови на пробив.

Вториот закон на термодинамика е закон во којшто ентропијата секогаш ќе се зголемува во текот на времето, хаосот според тоа ќе расте и ќе се шири безредие. Ентропијата не може да биде негативна, што значи дека еднаш штом системот ќе почне да се движи надвор од поредокот којшто го помниме во минатото, системите не можат да се вратат назад во претходна состојба, тоа „назад“ не може да се репродуцира повторно, строго и просто затоа што тоа се крши со фундаменталниот закон на Универзумот којшто е во постојано ширење, проширување и во инфлација како на пример да замислиме едно големо песочно брдо од Сахара коешто колабира и се изедначува со површината на земјата во рамнина како тепсија, како одење во непознато и демонстрирање на моќ над објекти со субјекти коишто „се здружуваат“ да го држат системот во брдовита рамнотежна и во цврста состојба, со волја, иако ентропијата укажува дека не постои систем којшто може да стои во иста состојба бесконечно, напротив, системите постојано се деформираат, деструктурираат, расклопуваат, а од цврсти стануваат течни, од течни стануваат гасни и во тоа деформирање, конструирање и ре-конструирање како модернистички и пост-модерен конструктивизам има постојано триење и дијалектика на перманентно движение.

Третиот закон на термодинамика е во суштина елегантен и едноставен за разбирање, според што, затворен систем евентуално достигнува термален еквилибриум, а тоа значи дека ако објектот има температура од – 273, минус двеста седумдесет и три келвини, тогаш, атомите во материјалниот свет престануваат да се движат, атомите се „замрзнати“, има нула мрдање.

Универзумот под дејство на сили и феноменот на ентропија е во континуирана инфлација или бесконечна инфлација, беспрегледно оптегнување, растегнување, разтестување.

Трите закони на термодинамика, да напишам, ги дефинираат фундаменталните физички својства коишто карактеризираат термодинамички систем, имено со својства за температура, енергија и ентропија. Всушност ние говориме за термодинамика на регенеративни системи ако го користиме речникот на законите на термодинамика, ако изведеме мета-јазик поврзан со термодинамика на економија, термодинамика на екологија, термодинамика на политички систем, термодинамика на социјална структурација, термодинамика на воени формации, термодинамика на биосвет, и тн. Впрочем, сите човечки системи се движат заеднички во севкупна ентропијска состојба којашто ги руши тесните граници на системите и прави нов конструкт од систем во којшто нема ограничување помеѓу разните термодинамички системи коишто сме научени да ги гледаме изолирано, а поради врската помеѓу ентропијата и еволуцијата – како добро сфатен и прифатен феномен од страна на хуманите.

Хаким Беј работи на автономни зони и сквотови, колективи и поетски терор. Привлекувањето на капиталот има смисла можеби кај комодифицирање со продуктот што содржи во себе метафизички нејаснотии; киднер јајце. Имено, за да уживаме во површината на чоколадото мора да го откриеме тоа внатре, тоа што е од внатре. таква димензија и состојба имаат и парите.

Замисли дека вариш вода, водата на 100 степени врие, но ако го изгасиш изворот на енергија којшто ја носи водата од 20 степени до 100 степени, системот, постепено, по законот на ентропија ќе се релаксира и ќе се доведе во состојба на температура на околината. Исто така, ако од замрзнувач од фрижидер извадиме сад со смрзната храна и ако го оставиме на амбиентална температура, тогаш системот ќе „се синхронизира“ со ентропијата на околината, според тоа, ентропија е и релаксација.

Ентропијата според тоа доаѓа до константна вредност како системот се движи кон абсолутна нула, тоа тешко би можеле да го замислиме, но, таму се движиме, за неколку милијарди години, имено.

Енергијата не може да се креира, таа само се трансформира, а вкупната количина на енергија останува иста, но како што енергијата се трансформира, поголем дел од енергијата не се искористува, туку се губи во процесот на трансформации. Секако вкупната енергија не се губи, туку се губи можноста за искористување на целата енергија при трансформирање од страна на когнитивни и некогнитивни битија коишто користат енергија во своите информациони машини-тела, растенија и тн. Дел од енергијата „испарува“ по закон на дисипација, просто и строго „испарува“, се губи во просторот и времето, но всушност не се губи ништо според законот за конзервација на енергијата, само што на системот којшто ја користел претходно, веќе не му е во практичен дофат за користење.

Кога пишувам дека ентропија се зголемува како што системот се дезорганизира, се расформира, се шири, и според тоа ентропијата се зголемува, а Вториот закон на теромодинамика објаснува и дека дел од енергијата при трансформирање се троши како топлина, впрочем зборот „термо-динамика“, означува дека имаме нешто што е поврзано со температура и формира динамика на движење, ширење преку стеснувања, длабење преку размножување на полето на ентропија. Ако ја земеме температурата како клучна одлика на термодинамички систем и како својство на ентропија, тогаш зборуваме за систем во којшто има промена помеѓу топлина на топол објект во однос на топлина на ладен објект.

Тука спомнав температурни скали. Како што постојат различни дефиниции за мерење на должина во различни земји, како 1 километар (Европа), 1 милја (Америка) или 1 стапка (Англија), така и во температурните системи се користат различни температурни скали, па така најчесто се користени скалата на Целзиус, Келвин и Фаренхајт.

Неколку неврзани реченици во еден слој. Ентропија не е фиксна и непроменлива релациона структура, а ентропија ме доведе во структуриран однос, да се доведам сам со себе во состојба да го напишам ова писмо. Ентропија не е мерка за хаос во еден систем, тоа можам да го напишам од позиција на човек којшто разбира физика. Ентропија во вториот закон за термодинамика е процес на движење „од топло кон ладно“, во смисла на физика на објект, на тело, понатаму, консумеризмот и загадувањето на природната средина во која живееме, како и потребата, начините и можните решенија за борба против овој алармантен проблем. Човекова леснотија при отфрлањето на она што е „непотребно“ во смисла на изабен материјален продукт, последиците од игнорантскиот однос кон природата, и тн. Природата којашто презема, живот во склад со природата. Збор со којшто ќе продолжам да го дефинирам процесот на ентропија од тука натаму е зборот капитализам или ентропијски попрецизно термодинамика на ентропијски капитализам, што на друго ниво може да се трансформира во термодинамика на системи.

Дијалектиката на сурогатот од текстот на Хаким Беј го разделив на две порции од спирала коишто се движат како молекул на де-ен-ка, има илузија на перспектива, но функционира како бифуркација на спирала. За Алан Бадју, но, философија и уметност се различни состојби како математички редови од подредени глобуси во нишки во должина и длабина, во простор од три димензии коишо патуваат во простор-време, околу нас, зад нас и пред нас, филм исто така. Како што зборовите се подредени војници во војската на јазикот под командна палка на писател. Според тоа ентропија е палета на глобуси со признати познати и непознати состојби во природата и субјективитетот. Според тоа, ентропија е непознатата информација во хаосот.

Можам да се согласам со сурогатот на Хаким Беј, ако дваести век го третираме од позиција на катастрофи со масивни идеолошки движења; тоа што мириса на Фукујама е збирштина од два збора: Буржоаска и антибуржоаска мисла, зборот наука на страна. Но, теза-антитеза системот, како и контрадикциите во парадокси имаат смисла во тоталитетот. Но, исто е поставен со покажувачка сила и зборот Капитал, можеби како палета на капитали.

Ентропијата на општествениот систем и те како расте во 21 век; подобро објасување за опишување на Капиталот од безличната поставка на Хаким Беј имаме со поими како: Критички точки и фазен премин за катастрофите, презаситена пареа за денешниот капитализам и империјализам, кристална решетка или подреденост за некои институции.

Не може да се намали ентропијата на дваесетиот век, во 21 век. Да, можно е да се оди со форми на модернизам во течна или во гасна состојба, растеретување на стегите на решетката со заобиколување на критичките точки на доминација како јазли коишто врзуваат и поврзуваат струни како континуирани синџири од знаци коишто се расклопуваат и преспојуваат во низи од долги разменски како симболни конци во пајажината од вмрежени поединци во социјално милје, коишто вибрираат во морето при мало бранување во мрежата, со фазни дијалектички премини на доминација од една во друга психолошка состојба и децентрализација на моќта на физичкиот капитал и деакумулација на упориштата на моќ на центарот со инверзија на моќта во симболен капитал од маргината кон центарот и воедначување на териториите во споделување, безпрофит, солидарност.

Но, да финиширам или само да продолжам, според тоа до ентропија:

Температурните разлики, според тоа, можат да се трансформираат од една во друга или во билокоја друга температурна скала, битно е да се сфати дека е абсолутно небитно која скала ќе ја користиме, затоа што со коефициенти може да се стигне од една во друга скала, туку е побитно да го разбереме концептот на ентропија којашто станува константна при замрзнување на атомско ниво. Впрочем, лимитот на системот дава својства на систем коишто не можат да се разберат ако системот не е во граници на лимит, како што може да се сфати дека прекумерното загадување на водата, земјата, воздухот, особено со јаглерод диоксид ја лимитира можноста за живот на планетата. Но, лимитите даваат сосем фина слика за разбирање на стварите во системот, како што е де-факто животот на планетата, каде што ентропијата на социјалното милје се шири во рамка на лимитот на планетата во физичка смисла, имено на планетата „има“ вкупно лимит од 1000 кила земја, лимит од 100 литра воздух и лимит од 80 литра вода, флора и фауна, магнетно поле на планета, фотони и ентропија којашто движи, според тоа системот на планетата е детерминиран лимит, а неговата конечна состојба е дефинирана од ентропија.

Текстот којшто го напишав делува како извадок од книга по физика, „сувопарен“, „ладен“, полн со информации за физички феноменолошки состојби, дефиниции со голема логика за математички ум и без логика за културум, а „без емоции“. Но, текстот е пре-полн со емоции, тоа можам со сигурност да го напишам.

Кога пишувам за социјални системи и за социјално милје, за системи коишто го формираат социјално милје враменo или обрабенo од идеологија и закони, без и со формални и неформални структури, со и без размрежен симболен капитал, тоа не е часовник којшто може да се навие, ниту пак може да се расклопи на составни елементи како што законите на физика тоа го прават, оддалечено и туѓо, туку може да зборуваме само за облак од нејаснотии, густини и интензитети и нијансирања и преклопувања на симетрии и развлечување, оптегнување и повторно згуснување, затоа што се работи за нелогична комплексност, со несомнен ентропијски карактер.

Автор на текст, Кирил Минанов
повеќе текстови за политика, култура, книжевност на
блокче број 4

П.С. За нашата мала студија за ентропија, добив иницијација да го напишам ова излагање поради изложбата на уметницата и интелектуалка Јана Луловска во Културно Информативниот Центар во Скопје. Со Јана се сретнав и разговаравме повеќе часови за „ЕНТРОПИЈА“, изложбата којашто заврши на 8 јули 2019 е всушност заедничка изложба со уметницата Маре Шуљак.

П.С. entropy има употреблива вредност кај истражувања поврзани со уметнички дела во широк спектар, размрежената причина беше да запишам нешто што ќе им помогне и на други уметници, во сликa, во текст, во музика, во филм, критичка теорија, и тн. Критиката е моја поддршка за уметници ако ја истражуваат формацијата којашто во физика се нарекува „ентропија“.

Mission News Theme by Compete Themes.