Денот на македонските железничари и годинава беше симболично одбележан на 9 април. На овој ден, во далечната 1873 година се воспоставил сообраќајот на првата железничка линија меѓу Скопје и Солун. По 147 години од основањето на железницата во земјава, Македонија заедно со Албанија се последните земји во Европа кои немаат локација каде што може да се одбележи овој ден. Музеј на железниците во земјава не постои, а историското наследство од парни локомотиви, разни вагони, фотографии, публикации и железнички артефакти чека на државата да пројави интерес и да ги смести на едно место.
Ретки железнички артефакти крие скопско Тафталиџе
Во куќа со голем зелен двор во скопската населба Тафталиџе срдечно не пречека Владимир Петков. Тој е претседател на Клубот на љубители на железниците во Македонија и еден од долгогодишните иницијатори за конечно основање на Музеј на железниците во нашата земја. Владимир како страствен љубител на возовите веќе три децении собира разновиден материјал и предмети од историското железничко наследство. Неговиот дом, гаража и подрум се преполни и живеат во духот на богатото историско наследство на Македонските железници.
– Постојат фотографии, најмалку околу 5.000-6.000 историски фотографии, кои ги собирав од цел свет. Да не зборувам за документи, има огромен број на документи, книги, памфлети, посебни брошури од тоа време – раскажува Владимир Петков за „Мета.мк“.
На терен бил и во оние неславни моменти кога се сечеле старите вагони и локомотиви за продажба како старо железо. Молел и добивал дозвола за да ги задржи логоата, ознаките со броеви на локомотивите и одредени ситни делови од нив како артефакти за идниот музеј. Владимир Петков ги прошетал пешки сите пруги низ земјава, и секогаш кога при реконструкција на истите добивал дозвола од одговорните власти, тој земал по едно парче од нив.
– Греота е таква богата историја да не се зачува, да се нема бар малку чувство за да се зачува – вели Владимир Петков.
Страсниот љубител на железницата не е единствен. Клубот на љубители на железниците на Македонија има над 1.000 членови, кои се секогаш спремни доброволно да помогнат ако им се каже дека е потребна помош. Ова важи и за основањето на Музејот на железниците, за кој државата нема слух за финансиска и организациска поддршка со години наназад.
– Понекогаш имаме разбирање кај директорите на двете железнички претпријатија – Инфраструктура и Транспорт, но тоа кратко трае. Брзо се менуваат директорите, додека ние нешто успее да направиме, да доведеме некоја локомотива за да ја поправиме, доаѓа смена и повторно разговори одново со новиот директор – посочува претседателот на Клубот на љубителите на железниците.
Првата идеја им била да се гради нова зграда за Музејот на железниците до депото „Лисиче“ во Скопје. Празната полјана во општина Аеродром на која би се издигнал музејскиот објект, објаснува Владимир, би се состоела од два дела, при што најатрактивен би бил активниот дел од Музејот, каде што би се наоѓале обновените парни локомотиви и луксузните вагони што некогаш сообраќале по нашите пруги, кои во странство секогаш привлекуваат најголемо внимание кај посетителите. Во останатиот дел од музејската зграда би се наоѓала постојана изложбена поставка со фотографии и друг архивски материјал.
Сепак, посочува тој, брзо сфатиле дека ќе требаат најмалку пет години за изведба на ваквиот музеј, додека државата не била заинтересирана финансиски да инвестира во објектот. По одложувањето на ваквата идеја, Клубот на љубителите на железниците бараат да се изработи привремено решение – пренамена на една од просториите од Транспортен центар во Музеј на железниците.
Предложените локации на кои би можел да се основа Музејот на железниците;
Фото: Бојан Блажевски
До Министерството за култура аплицирале за финансиска поддршка со проект кој би бил финансиран од Годишната програма за 2019 година, но не добиле позитивен одговор. Станува збор за средства од само 1.494.107 денари, кои државата не сакала да ги обезбеди за пренамена на некогашниот ноќен клуб „Кастро“ во Музеј на железницата. Партнери на Клубот на љубители на железниците во проектот биле Музејот на град Скопје, ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ и Железници на РСМ-Транспорт.
– За жал, од Министерство за култура не одбија без никакво образложение, барем некакво образложение да дадоа – немаме пари, не е време или било што друго да напишеа – вели Владимир Петков.
Откога пропаднала и оваа идеја, со новото раководство на ЈП за железничка инфраструктура Железници на РСМ се во преговори некогашниот салон за мебел во Транспортниот центар, на самиот булевар „Кузман Јосифовски-Питу“ да се адаптира во музејски објект. Тука би била сместена богатата архива како изложбена поставка за историското железничко наследство. Најатрактивен дел за посетителите би бил самиот возен парк од нашата историја, кој би се поставил на самата Железничка станица Скопје.
– Дел од историскиот возен парк би се поставил на два од неупотребените колосеци на Железничката станица Скопје. Таму привремено би се ставиле да стојат сите експонати. Во некоја наредна фаза, кога би се градела музејската зграда, сето тоа како возен парк би се обновило и би се реставрирало, така што дел од локомотивите би работеле, а нешто да остане како експонат – вели Владимир Петков.
Појавата на епидемијата со корона вирусот ги прекинала сите преговори околу основањето на Музејот на железниците, но Владимир се надева на соработка од државните власти и на отпочнување на постапката за основање на музејската установа веднаш штом заврши актуелната здравствена криза.
Историското наследство пропаѓа во депото „Лисиче“
Неколку километри од куќата на Владимир, до населбата Кисела Вода се наоѓа депото „Лисиче“. На оваа локација е сместен најголем дел од возниот парк што во моментов сообраќа и некогаш се движел по македонските пруги.
Од Железници на РСМ – Транспорт за „Мета.мк“ информираат дека располагаат со парна локомотива од серијата „033“, која во минатото се користела за патнички сообраќај, како и друга парна локомотива што се користела за маневра. Покрај во нивното депо, две парни локомотиви и вагони за теснолинејки се лоцирани во паркот во Ѓорче Петров и пред железничката станица во Кичево. Две други парни локомотиви се лоцирани пред Средното државно училиште „Владо Тасевски“ и во близина на железничката станица во Гевгелија.
– ЖРСМ Транспорт ја поздравува идејата на Клубот на љубители на железниците и даваше сугестии и предлози. Меѓу другото, за остварување на идејата за отварање на музејот, ЖРСМ Транспорт би можел да учествува со парните локомотиви серија 033, маневарските парни локомотиви, како и со по една локомотива од серија 731, 734, 667, кои би прикажале дел од развојот на нашата железница – велат од ова јавно претпријатие.
Од железничкото транспортно претпријатие се подготвени да помогнат во формирањето на Музеј на железниците во Скопје и во делот на давање податоци за историјатот на железниците на територијата на државава.
Мал дел од богатото железничко наследство во депото „Лисиче“;
Фото: Небојша Гелевски и Борче Поповски
Во депото „Лисиче“ има уште многу скриени возни средства кои би можеле да најдат соодветно место во идниот музеј. Тука се патничките вагони од првата половина на дваесеттиот век, кои беа обновени во функција на снимање на филмот „До балчак“, а кои денеска стојат оставени на забот на времето, на отворено, во кругот на депото. Еден примерок од последниот шинобус што сообраќал во земјава стои нечепнат и ја чека прераспределбата во идниот музеј.
Сепак, она што привлекува најголемо внимание во депото „Лисиче“ е луксузниот вагон што бил наменет за некогашниот Извршен совет на СРМ, со кој функционерите од земјава патувале до разни дестинации низ некогашната југословенска федерација. Станува збор за патнички вагон, кој е ист како и вагоните од Плавиот воз на Тито. На времето, секоја југословенска република добила по еден вагон произведен од истата фабрика од каде што е изработен „Возот на мирот“ на Јосип Броз Тито. Плавиот вагон во депото „Лисиче“ однадвор изгледа идентично на титовиот воз, но одвнатре е помалку луксузен.
Овие вагони се изработени кон крајот на 50-тите и во текот на 60-тите години од минатиот век. Идентично како и оние од Плавиот воз на Тито што се зачувани во Белград, вагонот во депото „Лисиче“ е самиот по себе културно наследство – со мебел, телевизор и разни предмети вградени во тоа време. Последна ревизија на вагонот му е направена во 1999 година, додека надвор од депото „Лисиче“ бил користен за патувања за последен пат пред повеќе од една деценија.
Вагонот на Извршниот совет на СРМ денеска стои заклучен во една од халите во депото „Лисиче“. Железничките работници го имаат скриено далеку од очите на љубопитната јавност, чекајќи го времето кога некој ќе се заинтересира да вложи средства во неговата обнова.
– На вагонот од некогашниот Плав воз му е истечена средната поправка и тој не е во активна состојба. На вагонот треба да му се направи голема поправка со реконструкција и тој би можел да ги задоволи сите критериуми за сообраќај – велат за „Мета.мк“ од Железници на РСМ-Транспорт.
Соседите знаат како да заработат од железничкото наследство
За разлика од заборавот што владее во нашата земја за ваквото наследство, земјите од поранешна Југославија прават атракција за туристите од историскиот возен парк и железничката историја. Босанските железници ги дадоа на користење нивните вагони од Плавиот воз на Тито на Националниот парк „Уна“, кои треба да се користат за панорамско возење на туристите низ природните убавини во овој дел на БиХ.
Најдалеку во развојот на комерцијален производ отиде Србија, на чија територија се наоѓаат и вагоните кои биле вториот дом на Тито и неговата сопруга Јованка. По почетна цена од 4.200 евра, луксузните вагони на Тито можат да се изнајмат за еднодневно патување по српските пруги. Кога не сообраќаат, Плавиот воз стои паркиран во Белград, а туристите можат да го разгледаат откако ќе платат билет од 2 и пол евра. Заедно со овој воз, железничкото претпријатие управува и со долгогодишниот Музеј на железницата во Белград.
Салонските спални вагони од титовиот воз, „Србија воз“, секое лето ги пушта редовно во сообраќај на експресниот воз Белград-Бар-Белград. Како вистинска атракција за туристите, цената за постелните карти за еден патник во овие вагони, за патување во една насока, е 20 евра во дубл кабина и 45 евра во сингл кабина, плус доплата на стандардниот билет.
Враќајќи се назад во Скопје, Владимир Петков низ разговорот заклучува дека и нашата земја може истовремено да го зачува своето културно наследство, но и да заработи од туризмот. Музејот на железниците би можел самиот да се финансира преку одржување на настани, посети и наплата на билети, особено што би се наоѓал на фреквентна локација во рамките на Транспортниот центар. Тој би бил под капата на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура.
Од друга страна, дел од егзотичниот возен парк би можел да сообраќа со посебни тури низ земјава. Сите винарски визби, најголемиот дел од археолошките локалитети и извонредни природни убавини се наоѓаат крај нашите пруги. Потенцијалот е голем, но неискористен во Македонија.
– Нема година од Англија, Германија, Австрија, да ми се јават луѓе за да прашаат дали успеавте да направите туристички воз во земјава. Досега имам проведено четири тури на туристи кои изнајмуваат вагони од странство и тие со такви историски вагони доаѓаат – вели Владимир Петков, на крајот од нашиот разговор.
Автор: Бојан Блажевски
permalink до оригиналната објава; превземено за потребите на електромобилност македонија според „криејтив комонс“ лиценца и условите на мета.мк >>> https://meta.mk/uslovi-za-koristene/