На покана на Драгана Велковска, повеќегодишна граѓанска активистка и моментално и советничка во Град Скопје, како организација ќе присуствуваме на состанокот којшто ќе се одржи на 16 септември 2020 година, според најавата по и-меил како и најавата на ФБ.
Почитувани сограѓани, Ве каниме да земете учество во Граѓанскиот буџетски форум на Град Скопје за 2021 г. насловен „Моја заедница. Моја визија.“, организиран од Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. во соработка со активистката за заштита на животни и животна средина и членка на Советот на Град Скопје – Драгана Велковска, модериран од професорот по економија, Бранимир Јовановиќ.
Граѓанскиот буџетски форум претставува механизам за непосредна демократија, преку кој жители на Скопје и активисти со познавања на локалните прашања ќе бидат директно консултирани за тоа како е неопходно да се развива нашиот главен град во следната година.
Со модерација на Бранимир Јовановиќ, на 16 септември, од 11 часот, во Градскиот парк, во срцето на градот и на само неколку метри од градската власт, скопјани ќе имаат можност да ги преточат сопствените идеи за градот во предлози за приоритетно финансирање.Потоа, Драгана Велковска преку својата позиција во Советот на Град Скопје, ќе ги достави овие предлози во градскиот дом во процесот на усвојување на буџетот, како гласник на обичниот човек и медиум на граѓанската волја. Покрај краткорочната цел – решенија за актуелните проблеми на урбаното секојдневие – на долг рок целта на иницијативата е таа да прерасне во општа практика на автентична директна демократија, како форма на ефективно вклучување на граѓаните во креирањето на локалните политики кои се реализираат преку буџетот на Град Скопје.