Press "Enter" to skip to content

Шарени птици од Македонија – ќе се чудите

Овчеполието важи за значајно подрачје за птици. Тој статус го има поради постоењето на ретки и загрозени видови, како царскиот орел, белоноктата ветрушка и чурулинот. Но Овче Поле е дом и на стотина други птици, некои од нив чести, други ретко видувани. Дел од нив пленат со својата обоеност! Еве избор од 12те впечатливи птици од Мустафино и околијата.

Билбил или трнарче (Carduelis carduelis)
Бидејќи ги јаде семињата од трњето, во христијанската симболика оваа птица е поврзана со круната од трње на Исус. Билбилчето се појавува на слики со Богородица и младиот Исус, претставувајќи го предзнаењето што го имале тие за распнувањето. Таква е сликата на Рафаел Madonna del cardellino (или Богородица Билбилска), насликана 1505-1506 година, во која Јован Крстител му го подава билбилчето на Исус како предупредување за неговата иднина.
📷 Мино Зиг
Розов сколовранец (Pastor roseus)
Оваа птица се издвојува со розовото тело, бледо портокалови нозе, и сјајна црна глава, крилја, и опашка. Во сезоната на парење, мажјаците имаат издолжени пердуви на главата кои посебно се истакнуваат кога птицата е возбудена. Розовиот сколовранец населува степи, полупустини, пустини, и отворено земјоделско земјиште, од централна Азија до југоисточна Европа. Презимува во Индија и тропска Азија. Розовите сколовранци формираат големи јата, слично како обичниот сколовранец (Sturnus vulgaris) со кој се во сродство. Птиците се силно привлечени од цветни дрвја и се сештојадни, иако претпочитаат инсекти. Сезоната на парење е кратка, од мај до јуни – период кога има најмногу скакулци.
📷 Татиана Меншикова
Голема сипка (Parus major)
Студија објавена во 2007 година покажала дека големата сипка помогнала да се намалат оштетувањета од гасеници во овоштарниците со јаболка за дури 50%!
📷 Гери Чалкер
Модроглава сипка (Parus caeruleus)
Лесно препознатлива по сино-зеленото перје, оваа птица населува шуми, паркови, и градини. Се храни со инсекти и пајаци, но вон сезоната на парење јаде и семиња.
📷 Nature Images
Обична ѕвингалка (Fringilla coelebs)
Песната на обичната ѕвингалка е моќна и препознатлива. Мажјакот обично има два или три различни типа песни, а постојат и различни типови во зависност од областа на гнездење.
📷 Internet Bird Collection
Кукавија или амбарски був (Tyto alba)
Живеалиште ѝ се населените места, земјоделските и други отворени терени. Обично се гнезди во човечки објекти, на пример штали, цркви и стари згради. Се храни со глувчевидни глодари, а поретко со мали птици и инсекти. Во грчката митологија, оваа ноќна птица е симбол на Арес – богот на војната.
📷 Шариф Удин
Жолта тресиопашка (Motacilla flava feldegg)
Инсектојадна полска птица која населува отворени предели близу вода, на пример влажни ливади. Во старото египетско кралство, оваа преселна птица била сметана за олицетворение на богот Атум.
📷 Шарел Клајн
Жолна (Oriolus oriolus)
Птица преселница, која на лето живее во Европа и Азија а зиме мигрира во тропските краишта на Африка. Карактеристичното обојување – златножолто тело и црни крилја – ја прават оваа птица непогрешлива. Жолната пее слично на сојка, но песната и е помилозвучна.
📷 Јари Пелтимеки
Пупунец (Upupa epops)
Научното, англиското, како и македонското име на оваа птица претставуваат ономатопејски форми кои го имитират крикот на птиците. Пупунците имаат добро развиен антипредаторски систем на одбрана – жлезда која лачи секрет што мириса на труло месо. Во античката грчка комедија “Птици” од Аристофан, кралот на птиците е пупунец.
📷 Јари Пелтимеки
Жолтогрла стрнарка (Emberiza citrinella)
Живеалиштето на жолтогрлата стрнарка се низините, обработливите површини, нивите, и фармите – места каде може да се храни со семе. Зиме се собира во помали јата и бара погодни стрништа каде би можела да се храни, вклучувајќи и селски дворови. Карл Черни – ученикот на Бетовен, а подоцна и негов помошник – тврди дека Бетовен признал дека идејата за првите четири ноти на познатата Петта симфонија се инспирирани од повикот на жолтогрлата стрнарка.
📷 Андреас Трепте
Пчеларка (Merops apiaster)
Иако нејзината исхрана вклучува пчели, од каде го добива името, пчеларката има мало влијание (<1%) врз популацијата на пчели во областите каде што живее. Се исхранува и со муви, оси и стршлени. Пчеларката се гнезди во прилично длабоки подземни тунели, направени на песочни речни брегови.
📷 Коен Францин
Модроврана (Coracias garrulus)
Ова птица населува топли, суви, и отворени пространства. Често може да се види на дрвја, столбови или надземни проводници, притоа барајќи инсекти, мали рептили, глодари, и жаби со кои се исхранува. Модровраната се гнезди во дупки на дрвја, речни брегови или стрмни ридови. Секоја пролет, илјадници единки од оваа птица се застрелувани во земјите од Медитеранот. Користењето на пестициди во земјоделието им ја намалува достапноста на храна. Од тие причини, модровраната е загрозен вид.
Модровраната е една од птиците кои го дефинираат Овче Поле како Значајно Подрачје за Птици (ЗПП). Во ова подрачје се гнездат 10-30 пара од овој вид.
📷 Јевтич Будимир

ИЗВОР и линк до оригинална објава на Скопје24

50 Bird Species and the Sounds They Make - AAAStateofPlay.com - Infographic
By AAAStateofPlay.com
Mission News Theme by Compete Themes.