Press "Enter" to skip to content

Генерален ШТРАЈК | Кирил Минанов

Работници во фабриките, стопирајте ги фабриките веднаш!

Милиони луѓе низ светот се на физичка дистанца едни од други. Сите фабрики се стопирани.

Мала група олигарси и капиталисти во Македонија водат класна војна со работниците со децении. Коморите се кукавички гнезда на капиталистите. Политичките партии се експозитури за нивната нахалност, а Владата е нивен извршен орган, борд на директори. Медиумите ги застапуваат интересите на газдите.

Дали во Владата седи и одлучува барем 1 работник/ничка? Кој од тие бандити таму е од работничка фамилија? Зошто секогаш во одлучувачки моменти, нема работници во Владата?

Додека владите низ Европа и низ светот апелираат до луѓето да бидат на физичка дистанца без потребната социјална солидарност, да направиме само уште 1 чекор за да се заштитиме себе и фамилиите на сите наши работници без оглед дали се во фабриките или во јавните фирми.

Кажете им просто и строго дека повеќе нема да учествувате во оваков систем!

Кажете им јасно и гласно дека повеќе не сакате да учествувате во капиталистичката експлоатација форсирана од капиталисти, коишто сега бараат екстра напор од Вас и физички да умрете.

Но, не е само тоа, капитализмот одамна го загрозува самото постоење на животот на сите битија на планетата, па кому тоа повеќе не му е јасно?

Бројката на капиталисти е многу мал во однос на доминацијата во маса на работниците. Дојде момент да ги поразиме со нивните средства, со тоа што нема повеќе да им се потчинуваме на нивните барања за хиерархиска и командна диктатура.

Сите фабрики и компании, коишто ќе прекинат со работа и нема да се рестартираат, да им бидат предадени на управување и располагање на работниците по вредност од 1 денар, по принципот на продажба на „купот железо“, именуван ОКТА, и тоа по сила на закон!

Фабриките се на работниците, а неправдата од деведесетите мора да се поправи.

Секој работник да добие еднаков удел со сите останати и да има право на само еден глас во фирмата и со својот глас да учествува во носење на одлуките. Правото на одлучување не смее да се отуѓува, ниту уделите смеат да се продаваат и/или делегираат. Фабриките да добијат кредит од Владата за сами да го рестартираат производството. Ниту една фирма не смее да носи ниту една одлука без дозвола од одбор на работници којшто ќе се состанува секојдневно и којшто ќе ги надгледува сите процеси со директна демократска работничка контрола над набавката на материјалите, производството, дистрибуцијата на добрата и редистрибуцијата на приходите!

Не постои алтернатива!

Во време на автоматика, роботика и вештачка интелигенција, доста е со штимање на „пазарни“ недостатоци, во систем на вештачко хранење на капиталистичките вампири со контроли над берзите, војните за профит и убивањето на планетата со фосилни горива.

Нема од ова, нема од она, немало маски, немало храна, немало лекови, немало работа, немало секакви други материјални стоки, ама има луксуз на грбот на работниците.

Има за секого од сѐ!
Има работа за сите!

Капитализмот опресира милиони луѓе, уништува талентирани и креативни луѓе коишто без да сакаат се селат по светот, без да почувствуваат среќа.

Да не им дозволиме повеќе на капиталистите да се подигнат после овој фундаментален удар и повторно да стапнат со чизма и диктатура врз нас.

Ние сме под здравствена и економска хиерархиска командна диктатура.

Заедно со другите народи и работници коишто сега не се на работа и нема никогаш повеќе да бидат на истата работа, оставени во небезбедна средина, како бездомници, без пари за плаќање на рента, со камати за банки, без можност за стопирање на лихварите, извршителите, без плати и пари за блиските, другарите, фамилијата, нашите баби и дедовци од трето доба, самохраните родители, безкуќниците, маргинализираните заедници, оставени без здрава и квалитетна храна и сите продукти за живот, без електрична и топлинска енергија, ние сме оставени сами на себе.

Никој нема да ни помогне ако не си помогнеме сами на себе, време е за самоорганизација.

Наместо да се враќаме на работа во фабриките, продавниците, возовите, на работното место каде и да сте во град или село, сите ќе се вратиме назад на работното место само доколку се исполнат следните барања: Универзално право на домување, слободен пристап до еколошка и безбедна вода за пиење како уставно и неотуѓиво право на сопственост над сите водни ресурси во државата, комплетно покриено универзално и бесплатно здравствено осигурување за сите, бесплатно школство до високо универзитетско образование за сите, гарантиран универзален приход и за тие што работат и за тие што не работат, бесплатен јавен еколошки електрифициран транспорт за одење и враќање на работа и за слободно патување, демократска контрола на работниците врз производството, редистрибуција на богатствaта.

Црвена нота: Конфискација на имотите на капиталистите при грабежот од приватизацијата во деведесетите. Стратешката инфраструктура, системите за комуникации и производство на добра во фабриките да се национализираат, особено енергетиката. Национализација на приватното здравство и приватните универзитети и ставање во функција на јавното здравство и јавниот универзитет. Банките да бидат под директна управа на НБРМ.

Повлекуваме ЦРВЕНА ЛИНИЈА!

Mission News Theme by Compete Themes.