Press "Enter" to skip to content

Иницијативи на Електромобилност Македонија

Предлагаме Република Македонија да направи сеопфатна среднорочна, а во понатамошни фази и долгорочна државна стратегија за електрификација на транспортот. Мораме да ги вклучиме пошироките слоеви на општеството на локално и државно ниво да работат заедно со консултативни екпертски тела, организации и институции, со соработка помеѓу сите страни. Во таа смисла очекуваме да биде инициран процес за создавање на државна стратегија за електрификација на транспортот на РМ, на сличен начин како и со Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија до 2030 и 2035 година, каде двете стратегии ќе се дополнуваат или пак ќе добијат интегриран неделлив целосен формат.

Државната стратегија за електрификација на транспортот да се надградува на секои пет години, во која ќе се постават темелите на стандардизацијата, во која ќе биде дефинирана динамика за инвестирање во државна полначка инфраструктура со државно субвенционирање до масовно ширење на електрични возила во сите рангови и on road и off road, при што ќе се планира ре-електрификација на урбаните центри со креирање мрежи во мрежи за проектирање трамвајски и/или тролејбуски системи и комплетна електрична интерконекција помеѓу урбаните средини со шински електрични возила за Македонски Железници, едукација на сите нивоа, мултидисиплинарни студии, субвенционирање на македонско производство на електрични возила и апарати за инфраструктура; подготвувани со темелна научна поддршка во секој стадиум и бројни студии.

Електричните возила допираат повеќе дисциплини како урбанизација и транспорт, антропологија, урбана архитектура, напредното инженерство… Според тоа, гледајќи кон културата како целина, со директна вклученост на едукативните и факултетските автономни зони. Електромобилноста силно ја промовира науката, но двигателот не се електричните возила сами по себе, туку, се работи за трансформација на урбаните средини во целина со посебни аспекти за трансформирањето на урбаната архитектура и промена на архитектонскиот пејзаж на градовите, на доста места радикално различен од тоа што го сведочиме денес.

Целта на иницијативата е и државно субвенционирање до масовно ширење на електромобилите во сите рангови и развој на електромобилноста, од граѓаните за граѓаните, кое ќе биде спроведено од страна на идните влади на Република Македонија при набавка на електрични и приклучни хибридни возила како и при преработка на возила со внатрешно согорување во електрични возила со максимален износ до 30% од нивната вредност за граѓани и правни лица.

Фондот кој ќе биде издвоен за таа намена може да се полни од повеќе страни, вклучително и пред сѐ од ЗЕЛЕНА ТАКСА која ќе ја плаќаат возилата кои не се според ЕУР стандарди, имено, ЕУР 1, ЕУР 2, ЕУР 3, и тоа во висина од едногодишна регистрација по возило, која ќе се наплаќа еднаш годишно при регистрација. Предлагаме сите возила да плаќаат ЗЕЛЕНА ТАКСА. Имено, останатите on road и off road возила со повисок ЕУР стандард исто така ќе плаќаат ЗЕЛЕНА ТАКСА, која предлагаме да биде според формулата: Број на поминати километри по возило во текот на една година поделено со десет, (на пример: 12000 [км/год] / 10 = 1200 денари), при што, таксата за исфрлање штетни гасови ќе се наплаќа при регистрација на возилото. ЗЕЛЕНА ТАКСА не е ограничена на транспортот, туку оди и кон индустријата и домаќинствата, но тоа не е наш домен.

Предлагаме истражувања и развој во електромоторни погони, електронски компоненети и софистицирана електроника, технологија на батерии, информатичка поддршка во истата смисла како и сите други технологии вградени во електромобилите од механички делови до карбонски финиширања. Предлагаме да се овозможи фондовско финансирање на пилот проекти за градба на електромобили и апарати за електрични возила и да се стимулира нивното купување.

Предлагаме субевенционирање на 5000 електрични возила од повеќе категории, од кои што 4750 електрични, а 250 хибридни. Износот кој максимално може да се добие за електромобил според тип предлагаме да биде по категории:

  • До 8.000 еур (М1 и N1 тип на возила) – електрични возила за превоз на патници со најмногу 8 седишта не вклучувајќи го седиштето на возачот (М1) и возила за превоз на стоки со максимална маса заклучно со 3,5 [тони] (N1) со досег на возење над 40 [км] со едно полнење
  • До 4.500 еур (М1 и N1 тип на возила) – приклучни хибридни возила (Plug in hybrid) со емисија на CO2 до најмногу 50 [g CO2/km] – возила за превоз на патници со најмногу 8 седишта не вклучувајќи го седиштето на возачот (М1) и возила за превоз на стоки со максимална маса заклучно со 3,5 [тони] (N1)
  • До 3.500 еур (М1 и N1 тип на возила) – хибридни возила со емисија до 90 [g CO2/km] – возила за превоз на патници со најмногу 8 седишта не вклучувајќи го седиштето на возачот (М1) и возила за превоз на стоки со максимална маса заклучно со 3,5 [тони] (N1)
  • До 800 еур (L1 тип на возило) – електрично возило со две тркала со моќност ≤ 4 [kW] и брзина  ≤ 45 [km/h] – мопеди, скутери итн.
  • До 1.000 еур (L3e тип на возило) – електрично возило со две тркала со брзина  поголема од 45 [km/h] – мотоцикли
  • До 1.500 еур (L6e тип на возило) – лесeн електричeн четирицикл со моќ под 4 [kW]
  • До 3.000 еур (L7e тип на возило) – електричeн четирицикл со моќ до 15 [kW]
  • До 3.000 еур за конверзија на возило со внатрешно согорување во електрично возило (М1 и N1 тип на возила) со досег на возење над 40 [км] со едно полнење.

Физичките лица да може да искористат субвенција за набавка на едно возило кое мора да го користат најмалку 3 години, додека пак правните субјекти може да искористат субвенциониран износ до 80.000 еур за набавка на возила при што истите мора да ги задржат во сопственост најмалку 5 години.

За лесни електрични возила како електрични инвалидски колички, електрични велосипеди, електрични скутери, електрични мопеди како и сетови за преработка на лесни електрични возила, предлагаме субвенционирање преку општините:

  • До 250 еур за набавка на електричен велосипед со моќност под 250 [W]
  • До 350 еур за набавка на мопед со моќност над 250 [W]
  • До 250 еур за набавка на електричен скутер со моќност под 1600 [W]
  • До 350 еур за набавка на електричен скутер со моќност над 1600 [W]
  • До 250 еур за преработка на скутер со внатрешно согорување во електричен скутер со моќност до 1600 [W]
  • До 150 еур за набавка на сет за преработка на инвалидски колички и велосипеди во електрични велосипеди со моќност до 250 [W]

Физичките лица да може да искористат субвенција за набавка на едно лесно електрично возило кое мора да го користат најмалку 3 години, додека пак правните субјекти може да искористат субвенциониран износ до десет возила при што истите мора да ги задржат во сопственост 5 години.

За граѓаните кои ќе ги користат субвенционираните лесни електрични возила како нивна сопственост и после третата година, предлагаме субвенционирање на втор батериски пакет во износ од половина од вредноста во моментот на набавка.

Предлагаме субвенционирање на 5000 полначи за приватни лица до висина од 1 до 5 проценти од вредноста на возилото според скала која дополнително ќе се развие.

Предлагаме низ градските булевари во иднина да можат да бидат регистрирани исклучиво електрични автобуси, со постепен прекин од употреба на сите автобуси со мотори за внатрешно согорување.

Предлагаме комплетна замена на сите автобуси во ЈСП; комплетна замена на 302 даблдекери со 400 електрични нископодни автобуси поддржани со соодветна полначка инфраструктура за брзо полнење. Дополнително, предлагаме комплетна замена на сите други возила со кои управува ЈСП со електрични.

Категоризацијата да важи и за off road возила според соодветната кубикажа по аналогија од категориите во листата. Преработката на off road електрични возила да биде стимулирана на ист начин како и за автомобили. Европските фондови со кои се стимулира купување на off road возила да се користат исклучиво за набавка на електрични возила. Електричните возила во сите други отворени, но особено во затворени простории, хали, дистрибутивни магацини, аеродромски згради, дисконти и молови исто така да бидат вклучени во категориите.

Предлагаме бесплатно полнење за електрични возила на јавната полначка инфраструктура како и при поврзување на електричните возила во дистрибутивната мрежа пред да се инсталираат јавни полначи низ територијата на Македонија во првите 5 години од набавката на електричните и хибридни возила.

Предлагаме забрана за возење на возила со мотори за внатрешно согорување во централните подрачја на сите градови низ Македонија кои ќе бидат пешачки и вело зони, во кои ќе можат да поминуваат дистрибутивни електрични возила.

Бараме бесплатни патарини, бесплатни паркизни на сите паркинзи во државата, бесплатна регистрација на електрични возила за првиот бран електрични возила.

На овој начин се очекува да се добие позитивен тренд кон зголемување на бројот на електрични возила по улиците и автопатиштата на Република Македонија што дополнително ќе допринесе кон намалување на загадувањето и бучавата во поголемите населени места како и намалување на употребата на фосилни горива. Воедно ваквиот тренд и изградената инфраструктура од полначи низ државата ќе допринесе електричните возила од Европските држави полесно да ја посетат Република Македонија и да транзитираат низ неа.

Би сакале да дадеме принципиелна и партнерска поддршка и експерти како Организација за електрични возила во Македонија – ЕЛЕКТРОМОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА за процесот кој е во почетен стадиум на идните влади во Македонија и тука сме да одговориме на предизвикот.

ТИМОТ на Електромобилност Македонија

Mission News Theme by Compete Themes.