Според Директивата 2009/38/EC од Европскиот парламент, за промоција на користењето на енергија од обновливи извори на енергија, во обновливи извори на енергија спаѓаат: енергија од ветер, соларна енергија, геотермална енергија, енергија на брановите, енергија на плима и осека, хидроенергија, биомаса, депониски гас, гас од постројките за третман на отпадна вода и биогасови.
Според директивата 2001/77/EC на Европскиот парламент, се поставува индикативно учество на електричната енергија, произведена од обновливи извори на енергија од 21% во вкупната потрошувачка на електрична енергија на Европските земји до 2010година.
Во Република Македонија, ОИЕ учествуваат со 14.9% (до 2005год), од вкупната произведена енергија.
Според составот, најголем дел од ОИЕ отпаѓа на хидроенергијата, којашто се користи за добивање на електрична енергија, потоа биомасата за добивање на топлина во домаќинствата, геотермалната енергија, пред се за затоплување на оранжерии и во многу мал дел соларната енергија, за добивање на топла вода во домаќинствата како и биогоривата.
Производството од ОИЕ до 2005година, во Р.Македонија изнесува 3301GWh. Во вкупниот износ, учество имаат следните видови на енергија:
– Биомаса со 53% или 1756 GWh
– Хидроенергија со 44% или 1440 GWh
– Геотермална со 3% или 105 GWh
– Соларна енергија (неевидентирана) околу 0.2%
Од овие податоци се гледа дека во вкупното производство на електрична енергија, најголем дел отпаѓа на хидроенергијата. Таа претставува и втор извор по значење во нашата држава, после енергијата добиена од термоцентралите.
Според најновите дефиниции, за обновливи извори на енергија се сметаат и малите и големите хидроцентрали
Најголемиот воден потенцијал за искористување на хидроенергијата се наоѓа во Западна Македонија. Токму овде се лоцирани и најголемите хидроелектрани. Но, за жал хидропотенцијалот е искористен само 26% од вкупните технички можности во државата. Во Македонија постојат 9 големи хидроцентрали (над 10 MW) со вкупна инсталира моќност од 559.8MW и годишно производство од околу 1392 GWh.
Исто така, изградени се и 13 мали хидроцентрали (под 10MW) со вкупна инсталира моќност од 27.2 MW и годишно производство од околу 76 GWh.
Од тука може да се заклучи дека вкупната инсталирана моќност на хидроцентралите во Македонија изнесува 587 MW , а годишно од нив се добиваат околу 1468 GWh.
Според идните планови и стратегијата за развој, се планира изградба на повеќе големи и мали хидроелектрани. Во првата фаза планирана е изградба на неколку поголеми хидроцентрали: Бошков мост (68.2MW) на реката Радика, Чебрен (333MW) на Црна река, Галиште(193.5MW) на Црна река итн.
Еден од поамбициозните проекти е изградбата на 10 ХЕ по течението на реката Вардар. Но, овој проект е условен со преместувањето на железничката пруга, којашто минува низ вардарската долина. Според тоа реализацијата на овој проект се очекува да биде после 2020 година.
Во Македонија постојат околу 400 локации, коишто се погодни за изградба на мали хидроцентрали. Досега мал дел од овие локации е даден под концесија на заинтересирани фирми, а се очекува во блиска иднина интересот за овие централи да се зголеми.
Во следните 5-10 години, планирана е изградба на хидроелектрани со вкупен инсталиран капацитет од 1035.5MW и вкупно годишно производство од околу 2471GWh. Тоа значи, дека доколку се реализираат овие планови, вкупното производство на електрична енергија од хидроелектраните би се зголемило скоро за три пати и би изнесувало околу 4000GWh.
М-р Виктор Донски, дипл.ел.инж.