Press "Enter" to skip to content

Видови на пренос на топлина

Енергијата од Сонцето, којашто пристигнува на Земјата може да се искористи на различни начини. Таа може да се претвори во топлинска, хемиска, механичка или електрична енергија. Преносот на топлината или топлинската енергија е од исклучително значење во денешно време.

Топлинската енергија може да се пренесува на три начина: кондукција, конвекција и топлинско зрачење (радијација).

Преносот на топлината преку кондукција се одвива кога две тела ќе бидат во директен контакт. Овде се користи принципот на температурна разлика помеѓу две тела со различна температура. Овој процес се одвива на молекуларно ниво, односно топлината се пренесува од молекул на молекул. Преносот на топлината преку кондукција може да се одвива низ тврдите тела, течностите и гасовите.

Преносот на топлината преку конвекција може да се одвива само кај флуидите, односно кај течностите и гасовите. Овој пренос се одвива кога се мешаат гасови или течности со различни температури. Имено честичките на гасовите или течностите со повисока температура имаат поголема брзина на движење и со самото мешање тие ја предаваат својата енергија т.е. топлина на флуидите коишто се помалку загреани. Процесот на конвекција кај флуидите е секогаш пратен и со преносот на топлина преку кондукција, бидејќи честичките секогаш доаѓаат во директен допир помеѓусебе.

Третиот начин на пренос на топлина се одвива преку топлинско зрачење. Овој вид на пренос на енергија е индиректен односно се одвива помеѓу две (повеќе) тела коишто се одвоени со одреден медиум.

Овој процес се одвива преку три фази. Најпрво телото коешто ја емитира енергијата, ја трансформира својата внатрешна енергија во електромагнетно зрачење (бранови), коишто понатаму  ја пренесуваат оваа енергија на одредено растојание. На крајот, оваа енергија или електромагнетни бранови се апсорбираат од страна да друго тело.

М-р Виктор Донски, дипл.ел.инж.

Mission News Theme by Compete Themes.