Press "Enter" to skip to content

Не може да се потпреме само на сонце и ветер | Драган Mиновски | Соња Танеска Фокус 02122021

Каков ќе биде бенефитот од најавените милионски инвестиции во полето на обновливи извори на енергија?

Пред два месеци беше најавена инвестиција во 69 ветерници од Германија, кои ќе произведуваат 425 мегават- часови струја и ќе покриваат 250.000 домаќинства. Исто така, најавена е и нова француска инвестиција во фотоволтаици кои би произведувале 400 мегават-часови струја за 116.000 домаќинства. Главното прашање е кога би можеле да ги очекуваме бенефитите од овие инвестиции и дали би помогнале во енергетската криза?

Инвестициите во енергетиката не се реализираат брзо. Проектот за изградба на 10 мегаватна фотоволтаична електрана во рамките на веќе искористениот рудник за јаглен во термоелектраната Осломеј, започнат од времето кога Драган Миновски беше генерален директор на АД ЕСМ, се реализира околу 3,5 години и треба да биде пуштен во употреба во наредниот период.

 СТРУЈА КОЛКУ ЕДЕН БЛОК НА РЕК БИТОЛА

Најавниот проект за изградба на повеќе од 400 мегават-часови ветерни електрани очекувам да биде реализиран во наредниот период од неколку години до 2025-2026 година со постепено пуштање во работа на овие ветерни електрани.

Можно е првите киловат- часови електрична енергија да ги очекуваме најрано за околу 3 години, но реализацијата на целиот преокт од 400 мегават-часови ветерни електрани, согласно моите видувања би траел и 5 до 6 години, вели Миновски, професор по енергетика и обновливи извори на енегрија на Универзитетот во Штип .

Според него, очекуваното годишно производство на електрична енергија од овие 400 мегават-часови ветерни електрани би било на ниво од околу 1.000 гигават-часови, што е околу 12 отсто од вкупната годишна потрошувачка на електрична енергија во нашата земја или колку производството на електрична енергија од 1 блок на постојната термоелектрана Битола.

Во наредниот период потребни се многу повеќе инвестиции во енергетиката од она што е најавено досега и секоја инвестиција е добредојдена. Со најавената инвестиција за 415 мегават-часови фотоволтаична електрана во нашата земја, очекуваното годишно производство на електрична енергија би било на ниво од околу 500 гигават-часови, што е околу 6 отсто од вкупните годишни потреби за електрична енергија во нашата земја, појаснува тој.

Миновски додава дека, како и производството на електрична енергија од ветерните електрани, така и производството на електрична енергија од фотоволтаичните електрани, е нестабилно и непредвидливо, па затоа потребни се дополнителни извори за складирање и балансирање на ваквата енергија.

Постојат повеќе начини за тоа, како што се пумпно акумулационите електрани (проектот Чебрен), но и други проекти како големи батериски системи или системи за скалдирање на термална енергија, која понатака би се претварала во електрична енергија. Сепак нашата држава има многу сончеви денови и покрај овие инвестиции во големи фотоволтаични електрани, потребно е да се овозможи поставување на фотоволтаични електрани и на домаќинствата, да се овозможи формирање на енергетски задруги и да се овозможи поголемо партиципирање на граѓаните во процесот на праведната енергетска транзиција. Без учество на граѓаните во процесот на енергетската транзиција, овој процес на крајот ќе биде со големи последици за нив, додава тој.

ЈАГЛЕН ДО 2030 ГОДИНА

Со цел да се постигне вистинскиот ефект од праведната енергетска транзиција, смета Миновски, потребни се брзи реформи во енергетскиот сектор, формирање на енергетски тела кои ќе го следат тој процес и ќе ги даваат главните насоки за инвестирање и имплементирање на правилни енергетски политики.

Дали со овој процес ќе постигнеме во 2030 година да имаме 100 отсто производство од обновливи извори на енергија, мислам дека е преамбициозно, бидејќи сите овие инвестиции не верувам дека ќе бидат реализирани за така брз временски период, а при тоа сите фосилни горива да бидат исклучени од целиот овој процес, посочува Миновски.

Колку нови производни капацитети од обновливи извори се потребни за тоа, зависи од потрошувачката на електрична енергија, од економскиот раст на државата, од потребите за енергија и во останатите сектори како транспортот и останатата индустрија.

-Но, само за споредба, со оглед дека потрошувачката на електрична енергија во нашата земја е на ниво од околу 8.000 гигават часови, за оваа потрошувачка да се замени само од фотоволтаични електрани, потребно би било да се инсталираат фотоволтаични електрани со инсталирана моќност од над 6.500 мегават-часови (во моментот вкупниот инсталиран капацитет од фотоволтаични електрани во нашата држава е на ниво од околу 35 мегават-часови) или ако сакаме оваа потрошувачка да ја задоволиме од ветерни електрани, за тоа би ни биле потребни ветерни електрани со вкупен инсталиран капацитет од околу 3.600 мегават-часови, вели тој.

ТРОЈНО ПОВИСОКА СТРУЈА

Енергетската криза кај нас е производ на надворешни, но и внатрешни пробелми во енергетиката. Поради големата енергетска зависност на државата, надворешните фактори влијаат многу кај нас. Сепак не се за занемарување ниту внатрешните фактори.

Во моментот енергетската криза е разгледувана само од аспект на зголемните цени на енергенсите на енергетските пазари. Во тој дел очекувам дека ваквите цени на енергенсите на пазарот ќе се намалат некаде по завршување на првиот квартал од наредната година, но сепак тоа намалување нема да биде на ниво како пред оваа криза  по цена од 50-60 евра за мегават час за електричната енергија или 250-300 ввра за1000 нм3 природен гас, но на ниво од околу 100 – 150 евра за мегават час  електричната енергија во однос на сегашните 200 – 250 евра за мегават час и 550 – 650 евра за 1000 нм3 за природниот гас, што е дупло од она што го имавме во изминатиот период, вели Миновски.

Сепак  тој додава дека ова се пазари кои се многу динамични и се менуваат постојано во зависност од многу економски, климатски и политички фактори.

Во однос на внатрешните фактори, потребни се брзи и зголемени инвестиции во наредниот период во нови производни капацитети од обновливи извори, како и инвестиции во енергетска ефикасност и зголемена енергетска ефикаснот на сите нивоа, сето тоа пратено со оптимално производство од постојните производни капацитети. Ова треба да доведе до поголема енергетска независност и помало влијание од надвор, додава тој.

Соња Танеска

Mission News Theme by Compete Themes.