27 март отвори нова страница од историјата на македонското радиоаматерство. Радиоаматерите Дејан Трајковски, Z31RQ/P и Николче Стојановски, Z32TW/P, работејќи од портабл ја одржаа првата двонасочна радиоаматерска врска на SHF (Super High Frequencies), односно X-Band според радарската класификација, на фреквенција од 10 GHz (10470 MHz), односно на 3-сантиметарско подрачје. Ова е воедно и прва двострана радиоврска со микробранови воопшто. Претседателот на Радиоаматерскиот сојуз на Македонија, Миле Кокотов, Z33T го потврдува постигнувањето и почетниот рекорд.
Врската е одржана во 12 часот и 54 минути по локално време на 27.3.2022 помеѓу врвот на Тумбе Кафе во Битола (740 m надморска височина, Z32TW/P) и неименувана локација кај Превалец, над патот Битола – Ресен, над клучката за Ротино (940 m надморска височина, Z31RQ/P). Притоа е премостено растојание од 11,43 km, што воедно претставува почетен рекорд. Користени се два фреквенциски канали, 10,467 GHz и 10,470 GHz, со вид на емисија F3E (широкопојасна фреквентно модулирана радиотелефонија) и линеарна (хоризонтална) поларизација.
Лево: Дејан Трајковски (Z31RQ/P) на неименувана локација над клучката за Ротино, на магистралниот пат Битола – Ресен, кај Превалец. Надморската висиочина е 940 метри. Во далечина, горе десно кај параболата се наѕира Тумбе Кафе, на далечина од 11,43 km, со антената директно насочена кон другата станица. Меѓу нас има еден понизок рид, но благодарение на висината на двете станици имавме оптичка видливост – услов за радио врска на микробраново подрачје. Десно: Николче Стојановски (Z32TW/P) на неговата локација под самиот врв на Тумбе Кафе крај Битола, на надморска висина од 740 метри. Во далечина, на самиот хоризонт горе лево од главата на Николче е локацијата на Дејан на Превалец. На земја се гледаат уредите – модулаторот (белата кутија со црни копчиња), акумулаторот (со син капак), СДР приемникот (црната кутија), параболичната антена (предавателниот модул, којшто е зад антената, не се гледа). Горе над параболата се гледа нишанот со либели во два правци, а долу на земјата во картонска кутија) е компас со резолуција од 1 степен. Во ранецот има разни алати.
Радиоматерите претходно не ја тестирале врската на пократко растојание и постоел ризик да не ги пронајдат сигналите, односно поради острата насоченост на антените од само 3 аголни степени тие да се разминат. Но, нишанските справи биле добро нагодени и радиоматерите успеале да се пронајдат уште со првиот обид.
Радиоаматерот Дејан Трајковски, којшто на кратки бранови одработил сé што може да се одработи од земјите во светот, вклучувајќи и врски Земја-Месечина-Земја на двометарско подрачје, дочека да се радува и на врска од Битола до Превалец. Но, овој тип на врски е нешто сосема ново – нов вид на простирање и сосема различна опрема – што е забележливо веднаш, уште на првиот поглед кон параболичните антени.
Лево: Трасата на првата радиоврска на SHF (X-Band – 10 GHz), од Тумбе Кафе до Превалец. Премостено е растојание од 11,43 km. Десно: Вертикален профил на трасата од Тумбе Кафе до Превалец. Се гледа дека има оптичка видливост.
За воспоставување на радиоврската била користена опрема целосно изведена во самоградба, при што биле користени два речиси идентични комплети на обете страни.
На предавателната страна се користени:
• DRO (Dielectric Resonant Oscillator) предавател базиран на Доплер-радарскиот модул HB-100, со моќност од околу 5 mW (5 миливати!)
• ФМ модулатор за HB-100, со регулација на фреквенцијата и девијацијата, со микрофон и пипсер (радио фар)
• Антена: параболичен рефлектор со подолга оска 90 cm и офсет фокус и калибриран нишан (36 dBi)
• Илуминатор на антената: 2 елементна планарна антена на самиот модул HB-100 (6 dBi), во фокусот на параболата
• Монтажен столб за антената (трипод) со висина 1,5 m
Лево: Изглед на терминалот од СДР приемникот. Сигналот на 10.470,614 GHz е легитимен, бидејќи после мешањето со сигналот од локалниот осцилатор на фреквенција 9750 MHz, првата меѓуфреквенција е 720,614 MHz. На овие фреквенции е многу тешко да се одржи стабилна фреквенција, поради ветерот којшто предизвикува температурен дрифт. Фреквентната девијација на сигналот во овој случај изнесува околу 22 kHz, но може да се регулира од 5 до 100 kHz. Генерално, помала девијација значи подобар однос сигнал/шум (добро за подалечни врски), а од друга страна поголемата девијација (односно поширокиот канал на прием) го прави квалитетот на преносот повисок и дрифтот помалку доаѓа до израз, но го влошува односот сигнал/шум. Десно: Поглед во кутијата на модулаторот за ФМ.
На приемната страна:
• PLL LNB даунконвертер за дигитална сателитска телевизија, со меѓуфреквенција од 720 MHz
• Bias-T за напојување преку кабел RG6 и атенуатор 22 dB
• SDR (Software Defined Radio) демодулатори базирани на чиповите RTL2832U (8 бита) и RSP1 (14 бита)
• Мобилни телефони со Андроид како терминали – кориснички интерфејси за SDR приемниците. Дејан Трајковски ја користел програмата SDR Touch, додека Николче Стојановски користел RF Analyzer.
• Акумулатори за 12 V (1,4 Ah и 5 Ah).
Моќноста на предавателот изнесувала околу 5mW. За споредба, светлосната моќ на пламен од свеќа изнесува околу 40 mW, што значи дека овој предавател зрачи помалку од најслабо кандило, а сепак, неговиот сигнал се простира далеку. Допрва ќе се поставуваат нови рекорди.
Лево: Поглед во внатрешноста на радарскиот модул HB-100, којшто се користи во системите за детекција на движење кај автоматските врати од кинеските возови. Долу лево (белиот круг) е резонаторот за 10 GHz, изработен од бариум-титанат. Над него е транзисторот на база на галиум-арсенид од осцилаторот. Некогаш овие транзистори чинеа преку 100 долари парче, а сега се помалку од еден долар. Бидејќи за предавање на сигналот не го користам мешачот, на плочката е прекината е врската кон транзисторот на мешачот, со цел да се постигне подобра стабилност. Во еден единствен степен имаме осцилатор и излез, којшто е многу чувствителен на близина од разни предмети. На пример, само замавнување со рака пред модулот му ја менува фреквенцијата со десетици килохерци. Десно: Другата страна од модулот ги прикажува антените. Десните две антени се предавателни, а левите се приемни (но не се користат, бидејќи се користи ЛНБ даунконвертор). За споредба, горе десно е прикажан молив.
Инаку, фреквенциите од X-band се користат за радарска радиолокација, за врски Земја-вселена и вселена-Земја, за радиоастрономија, а ги користат и радиоаматерите за експерименти, на секундарна основа.
На подолните линкови има два кратки аудио клипа од приемот на сигналот испратен од Николче Стојановски. Имав силен ветер на мојата локацијата поради што се јавува фреквенциски дрифт.
Ова беше ден за долго паметење и воедно прв од петте проекти на микробраново подрачје, од кои секој нареден ќе биде сé посложен и сé повозбудлив.
воспоставена и снимена врска, на линија сме број 2
…
извор ЕМИТЕР