Press "Enter" to skip to content

Иницијативи до Владата на Република Македонија за Програма за Е-мобилност 2018

Предлагаме Владата на Република Македонија да донесе среднорочна Стратегија за електромобилност и електрификација на транспортот во државата по пример на Стратегијата за енергетика во Македонија, која ќе се обновува на секои пет години и која ќе даде јасна слика и порака за напорите на Владата за справување со загадувањето, намалување на зависноста од фосилните горива и приближување кон принципите на Европската унија за почист транспорт. Сето тоа ќе имплицира сериозни инфраструктурни инвестирања во урбаните средини, како и интерконекција меѓу градовите во нашата држава со градовите од Европската унија преку користење на превозни средства базирани на електричен погон.

Во прилог се дел од нашите предлози кои сметаме дека би можело да бидат дел од Акцискиот план за електрификација на транспортот во Р.Македонија и кои се надеваме дека ќе бидат дел од Програмата за работа на Владата за 2018 година:

  • Изградба на коридор од брзи полначи од страна на Државата кои би се поставиле по автопатите, регионалните патишта и поголемите градови низ нашата држава на оддалеченост од околу 60-80 км, како еден од главните предуслови за сериозно отпочнување на процесот на електрификација на транспортот.
  • Стимулирање од страна на државата за поставување на полначи за електрични возила во големите трговски центри, маркети, спортски сали, бензиски станици, аеродроми, болници и слични јавни објекти со посебен акцент во користење на обновливи извори на енергија во процесот на полнење на возилата;
  • Субвенционирање од страна на државата при набавка на електрични и приклучни хибридни возила до 30% од вредноста на возилото но не повеќе од 7.000 еур по возило (моделот на субвенционирање на возилата е веќе изготвен по категоризација на тип на возило од страна на нашата Организација и истото можеме да Ви го доставиме во прва нaредна прилика). Субвенционирањето за набака на електрични и хибридни возила би можело да важи за физички и за правни субјекти. Физичките лица може да искористат субвенција за набавка на едно возило кое мора да го користат најмалку една година пред оттуѓување на истото, додека пак правните субјекти можат да искористат субвенциониран износ до 80.000 еур за набавка на возила под услов возилата да ги задржат во своја сопственост најмалку 3 години пред да ги оттуѓат;
  • Субвенционирање од страна на државата при набавка на полначи за електрични и хибридни возила и пропратна опрема во вредност до 30% но не поголема од 500 еур за физички лица односно 1.500 еур за правни лица;
  • Субвенционирање на физички лица кои ќе извршат конверзија на нивното возило од морот со внатрешно согорување во возило на електричен погон со можност возилото да измине најмалку 50 км со едно полнење на батерии. Субвенционирањето на вакви конверзии да биде не повеќе од 50% од потрошените средства за конверзија.
  • Креирање на државна институција (т.н. Агенција за електромобилност) која ќе биде одговорна за спроведување на Стратегијата на Владата за електромобилност и електрификација на транспортот во државата, стандардизација на инфраструктурата за полнење на возилата и која ќе стопанисува со полначите кои ќе бидат поставени од страна на Владата на Република Македонија. Ваквата институција воедно ќе има и задачи да аплицира за грантови и фондови од Европската Унија за промовирање на електричниот транспорт и заедно со невладиниот сектор да работи на подигнување на свесноста на граѓаните за значењето на електричните возила;
  • Преку фондот за иновации и технолошки развој да се стимулираат проекти во насока на електрификација на транспортот;
  • Преку Министерот без ресор во Владата одговорен за странски инвестиции да се изнајдат компании кои би инвестирале во Македонија во нови производствени капацитети за електрични возила (автомобили, автобуси, скутери…), делови за е-возила, полначи за електрични возила и сл.
  • Во рамки на законот за градење на станбени згради, да се пропише обврска на инвеститорот да обезбеди најмалку еден полнач за електромобили за секој станбен објект до 50 станови. Иста обврска да има и при изградба на супер маркети, спортски сали, болници и сл. да се обезбеди на секои 150 паркинг места најмалку едно паркинг место за полнење на електромобили;
  • Да се овозможи од страна на Државата намалување на давачките при увоз на електрични возила од секаков ранг (автомобили, скутери, инвалидски колички, автобуси, камиони и сл.);
  • Со цел да се стимулира зголемување на бројот на корисници на вакви „зелени“ возила потребно е да се овозможат бесплатни паркинзи во неограничено време на престој во сите катни гаражи и паркинг локации во Државата. Ваквите паркинг места потребно е да бидат соодветно обележани;
  • Да се обезбеди бесплатна патарина на целата територија на Република Македонија на сите возила на хибриден и електричен погон;
  • Електричните и приклучни хибридни возила да бидат соодветно евидентирани и обележани при процесот на регистрација (лепење на специјална зелена лепенка на ветробранското стакло или поставување на таканаречени „зелени таблички”) како би можело полесно да се евидентираат истите при користење на бенефитите (беплатни патарини, паркинзи и сл.);
  • Да се обезбедат намалени трошоци при регистрација на ваквите возила;
  • Бесплатно полнење на полначите поставени од страна на државата. Ваквата мерка ќе има ограничен карактер и ќе зависи согласно стратегијата која ќе ја дефинира државата;
  • Замена на застарениот возен парк преку набавка на електрични возила за потребите на јавната администрација и јавните претпријатија;
  • Електрификација на железничкиот сообраќај и масовна употреба на истиот за транспорт на стоки и превоз на луѓе. Воедно да се изврши замена на постоечките дизел локомотиви со електрични и да се спроведе целосна електрификација на сите железнички линии во државата. Согласно Државниот завод за статистика во вкупниот товарен превоз, во периодот 2006 -2016 година, учеството на товарниот патен превоз просечно изнесува над 91,7%, додека во железничкиот превоз учеството е помало од 8,2%. Во 2016 година, во однос на 2015 година, превозот на стоки во товарниот патен превоз е зголемен за 40,5%, а во железничкиот превоз намалувањето изнесува 13.3%.

Македонија за жал е една од најзагадените држави во Европа, а една од главните причини за тоа е токму застарениот возен парк кој емитира огромни количини на штетни гасови. Иницијативата која ја предлагаме, доколку се имплементира, значително би придонела кон подобрување на квалитетот на возухот и заштита на животната средина во нашата држава. Во моментов, согласно Државниот завод за статистика на Р.Македонија со податоци од 2015 година, од вкупно 442.962 возила попишани се 63 возила погонувани на електрична енергија од кои 18 мотоцикли, 33 патнички автомобили (од вкупно 383.833 патнички автомобили заклучно со 31.12.2015 г.), еден автобус, 10 товарни автомобили и едно влечно возило. Од вкупно 383.833 патнички автомобили (согласно статистиката од 31.12.2015 година) околу 80% од возниот парк во Р.Македонија е постар од 10 г. а само 4,6% од патничките автомобили се со старост до 5 години што дава јасна слика за една од причините за сериозното загадување на воздухот во нашата држава.

Прифаќањето на оваа зрела иницијатива од страна на Владата на Република Македонија ќе даде директен придонес во стимулирање на населението за замена на традиционалните возила со возила базирани на „зелени“ технологии, со што ќе се направи сериозен чекор кон промоција на е-мобилноста во Македонија и испраќање на јасна порака за поддршка на напорите на Европската Унија преку Директивите за промовирање на чисти и енергетски ефикасни возила.

На следниот линк: Predlog do Vladata – Programa za 2018 може да го прочитате изворниот текст испратен до Владата на Република Македонија

Mission News Theme by Compete Themes.