Press "Enter" to skip to content

Белешки за електрификација на транспортот – култура X

коментар: Интересни за читање се текстовите на писатели коишто ја поврзуваат железницата со книжевни дела. Во таква смисла, решив во делот култура да споделам текстови коишто се директно поврзани со тоа што го истражувам, имено на Тим Паркс и на Влада Урошевиќ. И двата текста се објавени на порталот окно.

Прикажана е и критика на културата на поседување на автомобили и мантрата на ширењето на булевари за сметка на јавниот простор за пешаци; на средина помеѓу со меме.

Сметам дека без култура, во смисла на транспорт, како и на вклучување на дисциплините коишто не се директно врзани со инженерство, од општествените дисциплини, антропологија, философија, архитектура, урбани јавни простори, социолошки истражувања, и тн. не е целосен приказот, големата слика.

TEDxSkopjeSalon во 2018

Водич за читање во воз, автобус, авион | Тим Пaркс

Знаеме дека со појавата на железницата се зголемила продажбата на книгите. Зашто покрај разговор и зјапање низ прозорецот, што може друго да прави човек на долго патување освен да чита? Ана Карењина читала во воз кога сфатила дека младиот гроф Вронски толку силно ја привлекува што е подготвена да направи голема животна промена.

Дали е можно возовите, автобусите и авионите навистина да довеле до пораст на книжевната продукција? Извесно е дека превозните средства брзо продреле во световите на писателите. Првата слика што од детството ја памети Вирџинија Вулф е фустанот на нејзината мајка во омнибусот. Откако за малку ќе загинел во железничка несреќа, Дикенс го напишал расказот „The Signalman“, кој важи за еден од најдобрите раскази за духови на сите времиња. „Идиот“ на Достоевски почнува со долга сцена во воз. Исто како и „Кројцеровата соната“ на Толстој. И се разбира, Толстој умрел на железничка станица, додека бегал од својата жена по 48 години поминати во една од најплодните, дисфункционални врски во книжевноста.

Д.Х. Лоренс особено ги сакал зеленитe трамваи, со кои во сабота навечер, рударите од нотингамширските рудници се возеле во град, да се забавуваат. Тие би „нурнале во црниот индустриски предел, а потоа нагоре и надолу по брдото…бодри, полни со себе, зелени како весело гранче магдонос од црната јагленикова градина“. Подоца, тој се вљубил во парабродовите. „И пљус! ќе кажеше морето кога ќе ги пресечевме брановите“, вели во „Море и Сардинија“. „Тоа чудно ритмично плускање и шупливото тропотење на парабродот во морето има наркотично, речиси залудувачко дејство врз човечкиот дух“.

Џовани Верга, кому Лоренс многу му се восхитувал, ја опишува зависта што ја предизвикува возот кај еден италијански селанец во сенката на вулканот Етна. „О, мора да е прекрасно така да се возиш и да задремеш! Како пред него да татнеше парче од градот со неговите улични светилки и блескави излози“. Звукот на татнењето на возот во далечина и клопотарењето на неговите тркала помеѓу стеблата праски, на Ангвила, јунакот на романот „Месец и огнови“ од Чезаре Павезе, му го дава опојното наговестување на слободата „како да сум се напил вино“.

Патувањата на Антонио Табуки повеќе биле меланхолични, отколку ослободувачки. Тмурниот автобус од Мадрас за Мангалор, во доцна ноќ, спаѓа меѓу најдобрите сцени во „Индиско ноктурно“. Зафрлената станица на која патниците чекаат врска за автобусот Мудабири – Каркала е едно од неколкуте места во светот кадешто писателот можел на својот јунак да му пружи прилика за разговор со гротескно деформираното видовито дете.

Не е необично што главните јунаци на „Конформист“ од Алберто Моравија водат љубов во воз, додека во поново време Флер Жеги во „С.С пролетерка“ го опишува своето адолесцентско алтер его, 15 – годишна девојка која на крстарењето по Медитеранот го открива сексот и уште некои други работи. Се разбира, долгите патувања со авион, воз и брод можат да бидат ужасно здодевни („8 часа во воз е тешка судбина“, се жали еден од јунаците во „Бесови“ на Достоевски). Ако немате книга за да го скратите времето, тогаш сексот, убистовто (во Ориент Експерс) и хаосот нужно ќе ја преокупираат или барем ќе ја скокоткаат фантазијата на писателот: ни паѓаат на ум „Човек – ѕвер“ од Емил Зола, „Убиство во Ориент Експрес“ од Агата Кристи, „Воз за Истанбул“ од Греам Грин. Но да се вратиме во прозаичната реалност: додека купеата на италијанската железница уште имаа завеси на вратите, често ми се случуваше да ги вознемирам и посрамотам љубовниците во возот, кој во 21.05 поаѓаше од Милано за Венеција.

А бидејќи нема крај на набројувањата и анегдотите, ќе одам еден чекор понатаму и ќе кажам дека постои длабока врска помеѓу книгите и превозните средства, токму како и очигледната аналогија помеѓу приказните и патувањето. И приказните и патувањата некаде водат, ни нудат исчекор од рутината на секојдневието и прилика за необични средби, нови места и душевни и духовни состојби. Но без претерано голем ризик. Кога летаме над пустината или брзо возиме низ неа, всушност не мора вистински да ја доживееме. Тоа е заобиколна авантура. Исто е и со книгата. Романот може да биде потресен и загадочен или здодевен или неодолив, но малку е веројатно дека ќе нè изложи на реална опасност.

Притоа, патникот којшто се сретнува со туѓинци од различни класи и поднебја мора да стане посвесен за себе и за кршливоста на идентитетот. Колку се менуваме кога разговараме со различни луѓе! Колку се поинакви нашите животи кога се отвораме пред тие луѓе. „Која сум јас?“ се прашува Ана Карењина додека ги набљудува сопатниците во возот за Санкт Петербург. „Јас или некоја друга жена?“.

Токму таквите колебања ги имал на ум Григорие XVI кога во 40 – тите години на 19-от век ја забранил железницата во папските држави. Стравувал дека таа би им овозможила на луѓето, едноставно, со купување на возен билет, да му побегнат на добронамерниот надзор на своите сакани свештеници. Добриот папа се плашел од книгите, па многу од нив и ги забранил. Имено, тајната намера на писателот е да го размрда идентитетот на читателот со опишувањето на промените во животот на своите јунаци – кои многу често патуваат. 

Иако некои романи личат на суперсонични летови, а други на клај-клај патувања, сосема сум сигурен дека возот е превозно средство што е најблиску на доживувањето на пишаниот наратив. Во авионот сме заробени на своето седиште и премногу оддалечени од земјата за може да ја доживееме. Во автобус, во голема мера, сме дел од сообраќајот што значи дека зависиме од околностите.

Во возот сме само неколку стапки над земјата, блиску до светот кој поминува покрај нас, а сепак одовоени и заштитени од него; ослободени од одговорноста, но повикани да обрнеме внимание. Зарем не е токму тоа искуството на читање книга? Зарем додека пишува, писателот не го бара токму тој однос кон светот, безбеден во својата соба, а сепак тесно поврзан со своите ликови? Вирџинија Вулф совршено го опишала тоа чувство во краткиот расказ од 1919 година:

„Од брзиот воз ги гледав брдата и полињата и видов човек со срп кој го подигна погледот додека проаѓавме, а љубовниците во длабоката трева зјапаа во мене без да им биде непријатно, како што и јас отворено зјапав во нив, без да ми биде непријатно. Некој товар, некоја препрека беше отстранета.“

крај.

критика на ширењето на културата на поседување автомобил и ширење на улиците

Гласам за скопски трамвај! | Влада Урошевиќ (1989)

Избрзано и лекомислено многу градови по светот се откажаа од своите трамваи. Дрдорливата и ѕвонлива, по малку несмасна електрична играчка, се повлече од улиците не дочекувајќи ја ни стогодишнината на своето прво појавување, потисната од неговото величество бензинскиот мотор. Трамвајот замина во музеј, оставајќи ги само некаде своите шини по улиците, бидејќи се сметаше дека е поевтино да се залеат со асфалт отколку да се вадат…

Не само што Париз и Лондон повеќе ги немаат своите трамваи: и многу помалите градови сметаа дека колку што е можно побргу треба да се ослободат од ова деветнаесетвековно плашило и да ѝ направат место на сè побрзата инвазија на автомобилите. Трамвајот стана ретко животно, незаштитено со закон, кон чие исчезнување сите сакаа да придонесат. Го снема, така, трамвајот што сообраќаше меѓу Ниш и Нишка Бања и кој зиме имаше затворени „зимски“ вагони, а лете „отворени“, летни. Како што го снема и дубровничкиот трамвај помеѓу Пиле и Лапад, кој во летните квечерини ја искачуваше угорнината над морето, плискан по прозорците од гранките на олеандрите, носејќи на својата задна платформа цели гроздови прекрасно исончани девојки што се враќаа од плажа.

Но трамвајот сепак успеа некаде да се одржи. Белград секако не може да се замисли без кружењето на својата „двојка“, таа подвижна школа на политички вицеви, каде што, без оглед на сменувањето на патниците, се одржува една атмосфера на колективна разработка на дневните теми.

Нафтената криза од седумдесеттите и сè погласниот збор на „зелените“ ги потсетија градовите одново на тоа дека постои и сообраќајно средство наречено трамвај! Економските и еколошките причини ја имаат, несомнено, својата тежина, но нив нека ги кажат други. Јас гласам за скопски трамвај воден по колосеците на други побуди.

Би сакал да го видам трамвајот на скопските улици бидејќи сметам дека трамвајските линии би можеле да му ја вратат на градот неговата душа, опасно донесена во прашање со неговиот развој по земјотресот. Очекувам од трамвајот да ги поврзе неговите премногу разбиени делови, да ги донесе навечер неговите жители кон културните збиднувања, да го проникне со посилни врски на стари и нови склоности неговиот секојдневен живот.

Автобусот тоа не може да го стори. Автобуската линија е нешто ефемерно, препуштено на наумничавоста на машината и на човекот. Трамвајската линија носи со себе нешто редовно, регуларно и речиси прецизно во механизмот на градскиот живот. Стоејќи на трамвајска станица, никогаш не сте препуштени на безнадежноста со која е исполнето чекањето на автобусот: ако ништо друго, пругата е таа која гарантира дека возилото, сепак, мора да дојде.

Трамвајот е дел од градското живеење – во него, на еден згуснат начин, продолжува да трае обредот на заемната комуникација на жителите на градот. Автобусот е привремено прибежиште – тука никој со никого не се познава и сите мрзоволно чекаат да дојде нивната станица за да избегаат од обесчовечениот простор на принудниот престој.

Во однос на автобусот, трамвајот е едно навистина ведро средство на транспорт. Во него има нешто медитеранско, лежерно, дури празнично.

Трамвајот е нешто повеќе од средство за транспорт. Тој е институција. Тој може да биде дебатен клуб или место за медитациј – во зависност од расположението на патникот и од околностите.

Со својата појава, со поклопувањето на насоките по кои се движи и основните градски текови, со ритамот на својот од, трамвајот му дава на градот боја, дух, белег. Затоа трамвајот, во сите градови низ кои минувал и низ кои сè уште минува, станал важен знак на распознавање во книжевната топографија на градот, речиси – книжевен јунак.

Како само јурат трамваите – петроградски и московски – низ стиховите на руските футуристи! Николај Гумиљов има чудесна песна – „Залутаниот трамвај“. Јурејќи како „темна крилата бура“, трамвајот во таа песна залутува во бездната на времињата и еден по друг под него минуваат мостовите на Нева, Нил и Сена. На станиците покрај кои минува тој трамвај што излегол од колосеците на секојдневјето може да се купи билет за „Индија на духот“. Во песните на раниот Мајаковски трамвајот ги плиска – со футуристичка надмоќ и со футуристичко уживање во скандалот – грмотевиците на луњите: тој во апокалиптичните залези, по улиците разбиени во искршоци, „во залет ги крши зениците“. Небаре излезен од некаква циркуско-панаѓурска претстава, застанат среде улица „маѓосникот ги извлекува шините од челуста на трамвајот“.

Во музеите на големите градови постојат снимки на одамнешните трамваи со засекогаш вкочанетите лица на одамнешните патници. Но, постојат глетки во кои сè уште трепери живот и на кои некогашните трамваи одат по линии кои веќе одамна ги нема: не во музеите туку во книжевните дела.

Не постои во Москва, веќе одамна, линија по која трамвајот оди покраj Патријаршиските рибници – но во „Мајсторот и Маргарита“ на Булгаков тој сè уште врти тука како исполнувач на судбината на Михаил Александрович Берлиоз, завртувајќи го зашеметувачкиот вител на настани поврзани со една посета дојдена од „онаа страна“.

Покрај Нелсоновиот столб денес во Даблин не вртат веќе трамваите, но во Џојсовиот „Улис“ тие тука сè уште „ги затегнуваат своите лири“, ѕвечат и ѕвонат, пресечувајќи ја со своите патеки линијата на Блумовата даблинска Одисеја, играјќи ја во симболиката на ова дело улогата на Еол или на неговите ветрови.

Денес во Париз по булеварот Монпарнас одамна веќе не одат трамваи, но во надреалистичката проза на Бенжамен Пере „Си била еднаш една фурнаџика…“ токму по таа улица еден задоцнет трамвај сè уште бега пред чудовишната наезда на џиновски змии. Избезумениот трамвај ќе излезе од шини, трамвајџијата ќе ја изгуби контролата над колата и ова возило кое, несомнено, во својот карактер има нешто од анархизмот на авторот, ќе ја прескокне од залет Сена, ќе ја урне триумфалната арка Карусел, ќе го опљачка Министерството на финансии и ќе запре врз покривот на Државниот совет!

Низ стиховите на Блез Сандрар, тој поет на сите превозни средства на модерната епоха, се слуша „бесно ѕвонење на трамваите“, додека за Аполинер, во „Песната на лошо саканиот“ трамваите музицираат „со зелен оган врз ’рбетот“.

Во „Растворливата риба“ на Андре Бретон, на плоштадот Бастилја во Париз, трамваите имаат троли „во вид на самовилско коњче“ и се натпреваруваат во брмчење со една џиновска оса. Многу години подоцна Франсис Понж, во една песна во проза, ќе зборува за „аналогии помеѓу осата и електричниот трамвај“.

Во една песна на Борхес, полна со сеќавања за Буенос Аирес, трамваите „патролираат низ градот“, како некакви уморни воини, со трола на рамо.

Во сеќавањата за детските години во „Градина, пепел“ на Данило Киш „низ опустените празнични улици се престасуваат еден со друг во бесмислени кружења малите трамваи, сини, жолти и зелени, свират мелодиозно во своите лири и ситно ѕвонат кога пред нив ќе се испречи густата празнина стисната во тесното грло на далечната преспектива на градските артерии“.

Модерната поезија од почетокот на векот е преполна со слики во кои трамвајот е магичен предмет од детството што ветува влегување во земјата на чудесната авантура. Ова не значи дека секој патник во идниот скопски трамвај, заедно со билетот, ќе добива улога на јунак во некој роман или можност да се препознае во стиховите на некоја песна. Но она што е сигурно – тоа е дека утрешниот трамвај ќе ја збогати духовната мапа на нашиот град.

Впрочем, Скопје имало некогаш своја трамвајска линија: некаде во почетокот на векот коњски трамвај одел по Илинденска, од Мостот до Идадија и назад. Возејќи се со него, навечер, кон кафеаните со ќебапчиња и пиво, некогашните скопјани замислувале дека преминуваат од Азија во Европа.

Да се надеваме дека новиот трамвај ќе нè однесе конечно во Европа! И последен аргумент: трамвајот толку убаво ѕвони!

Гласам за скопски трамвај!

крај.




кон дванаесетиот дел – контрола и управување на микромотори
кон единаесетиот дел – топологии на напојувања и подстаници
кон десетиот дел – формули
кон деветиот дел – ЛРТ мастер план
кон осмиот дел – инженерски антиупатства
кон седмиот дел – тракција и формирање трака
кон шестиот дел – култура X
кон петиот дел – возила и безбедност
кон четвриот дел – пантограф и троли
кон третиот дел – траси
кон вториот дел – шински систем
кон првиот дел – мотори

кон зеро – историја на макжелезници

Референци+ 

Thyristor controlled power for electric motors, R. S. Ramshaw
Power electronics, Daniel W. Hart
Power Semiconductor Applications, Philips Semiconductors
Application Manual Power Semiconductors SEMIKRON International GmbH, Wintrich, Ulrich, Tursky, Reimann
Practical Variable Speed Drives and Power Electronics, Malcolm Barnes
Electric traction, Prof. PhD Nikola Lj. Cekredzi, Electro-technical faculty – Skopje, University of St. Cyril and Methodious, 1999
Railway electrification systems & engineering, Shailah Frey
Electrical Railway Transportation Systems, Morris Brenna, Federika Foiadelli, Dario Zaninelli
Electrical Motors and Drives, fundamentals, types and applications, Austin Hughes and Bill Drury
A textbook of electrical technology, Volume III, Transmission, distribution and utilization, 43. Electric traction, B.L Theraja, A.K. Theraja
Electromagnetic Foundations of Electrical Engineering, J. A. Brandão Faria
Traction feeding schematic https://www.irfca.org/docs/traction-feeding-schematic.html
Modern design of onboard traction transformers, Jurkovic, Sitar, Zarko, 2014, Research gate
Power System Modelling for Urban Massive Transportation Systems, Rios, Ramos, 2012, Research gate
Calculation method for powering a tramway network, Jakob Edstrand, CHALMERS, University of technology, Goteborg, Sweden 2012
Објава на мрежа 2019 Македонски железници https://www.mzi.mk/documents/OBJAVA-NA-MREZA-2019.pdf
LRT – Light Rail Transit, Institute of Urban Transport India
Elektricne masine i postrojenja, Naucna Knjiga 1988, Milos Petrovic
Elektricna vuca, Naucna Knjiga 1974, Dr. Inz. Bozidar Z. Radojkovic
Интервју, Зоран Кракутовски, Катедрата за железници при Градежниот факултет во Скопје
Предавања на Добри Чундев, Конференција за ел. возила 2013
Интервју, Петровиќ Слободан
Интервју, Марјан Матевски, МЖ
Keysan lectures http://keysan.me
МАКО СИГРЕ 2007 A1-03R, Развој на асинхрониот мотор од Тесла до денес, Чундев Мирчевски
The PN Junction. Universidad de Granada-Spain Creative Commons By-NonCommercial-NonDerivs
Ферми рамниште на валентни и спроводливи електрони https://www.youtube.com/watch?v=zdmEaXnB-5Q
Политики на ЕВРОПСКА унија EУ Директиви
IEC 62196
Light Rail Transit Association
trampower
abb
Type 2 connector
exciter
IEC Standard 60850, Railway applications – supply voltages of traction systems
IEC Standard 60038, Standard Voltages
Стандард за шински апликации BS EN 50163
Стандард за шински апликации IEC 60850
Safe operating area https://en.wikipedia.org/wiki/Safe_operating_area
Листа на електрифицирани системи
Electrification of the Transport System, European Comission 2017, Directorate-General for Research and Innovation, Studies and Report
Commons
Производители на автобуси, тролејбуси, трамваи, инвертори
bkm
etonltd
trolza
skoda
solarisbus
laz
trans-alfa
vanhool
trolleybus manufacturers
Yaskawa America
OppCharge отворен протокол
ЕЛФА Сименс
HESOP converter, ALSTOM
ЕЛЕМ ветерни паркови
Сименс СГТ750 гасна турбина
Турбини: Пелтонова, Францисова, Капланова
окно
porta3.mk
СКУП МКД
Види Вака медиа, https://www.facebook.com/watch/?v=2132703696851421
Македонски Железници, историја
Македонски Железници, јавни информации
ЈСП информации за Chariot електричен автобус Безбедност за ел. возила и автомобили GB/T 19751-2005
Физибилити студија за трамвајски систем во Град Скопје, јавни податоци
Оригинални слики за ел. возила пред 1930 https://mashable.com
еуростат
GSP
Дизајн на железница, дизајн Владимир Билд информации
Кирил Минанов, предавање за електрични возила, Автономна зона ден 14, ФЕИТ амфитеатар, 24 февруари 2015, 1800 часот
Приватни видеа Кирил Минанов


Mission News Theme by Compete Themes.