Press "Enter" to skip to content

Фашизмот на стоката, случај: Електрични возила | Минанов Кирил

За концептот на електрични возила гледан преку призма на стока и комодификација да биде попривлечен и да има попозитивна конотација во јавноста, „легитимитетот“ мора да го добие во класичното структурно прикривање и мистификација.

Тоа што сепак е корисно кај електричните возила во целост е што овие апарати продираат во општествената генеза, во полето од коешто се создаваат општествени дискурси, имено, пишувам за дискурзивно разбивање на парчиња на тиранијата на стоката во вистинитоста и невистинитоста коишто од себе ги пораѓа дискурсот. Вистинитоста на билокое тврдење за електрични возила станува прашање на општествена функција, општествената функција пак создава субјект за општествени односи, имено, тоа се одрази на интереси на моќ коишто дискурсот ги вози внатре во себе.

Општествените односи се клучни кај економските интереси, или прецизно, клучна детерминанта на општествените односи се економските интереси.

Да се потсетиме за момент на парадигмата за „владеење на право“ во Република Македонија за да ги врземе економските интереси во чвор со интересите коишто зрачат во законите, во структурата на „правната“ држава, во моќта и класите како носители и антиносители на моќта, во формалните и се разбира неформалните односи, коишто на пример, штрчат на Универзитетот. Конечно, никогаш да не го заборавиме универзалниот субјект, којшто ако зрачи како универзален, во својата непристрастна супстанца мора да е објективен.

Правна држава е приватно-сопственичка класа на власт во пост-модерната држава којашто е партијска држава; оваа денешната на приватни сопственици. Од тука, структурата му ја доделува улогата на субјектот, без субјектот да биде свесен дека постои улога којашто е испразнета од значење за да се случи де-факто заробеност и вибрирање околу и во функција на пајажината.

Според тоа, изјавите за електричните возила не се независни од општествените функции на субјектите и со тоа и на условите под кои субјектот е заплеткан во мрежата. Пазарот гледан како таков е простор на измамнички рационализации со официјалната „уметност“ којшто се нарекува маркетинг, апроксимиран во крајно безличното пи-ар. Секако, јавната слика, имиџ и кредибилитет и фиксирање на визионерска слика како силос на значења, стојат на дистанца од таквата официјална и празна територија.

Правна држава, имено за кого?, со која цел?, зошто побогу демократија?, демократија за кого?, демократија на работно место?, слобода?, каква слобода?, која слобода?, слобода за кои?, каков е односот на субјектите коишто вибрираат на пазарното поле и каков е односот на субјектите коишто се исклучени од пазарна мистификација, а секојдневно се дерат низ медиумите на цел глас!

ПОЖАР!, ваму, ПОПЛАВА!, таму, ЃУБРЕ!, овде, ЗАГАДУВАЊЕ!, онде.

Кои граѓани, имено се борат за право на чист воздух, за право на електрифициран транспорт и за трамвај, за статусот на Охрид, за национални паркови полни со шуми, против рудници, против приватни мали хидроцентрали коишто уништуваат екосистеми и биодиверзитет, за помалку од она и за повеќе од ова?

Се разбира, тоа денес е граѓанската класа којашто е обезмоќена од и за својата работа и од работоспособност за репродукција, изразено преку суровите бројки од околу 200 илјади иселени луѓе и потенцијално дополнително уште 200 илјади, коишто се припремаат да ја напуштат државата, во епското бегање, затоа што со сонот веќе се надвор од системот во Македонија.

Ако е универзален, според тоа, субјектот е објективен и тоа е фундаментална законитост.

Работно одмоќената граѓанската класа е нашиот универзален субјект. Така, една, а можеби и повеќе групи на граѓани, се чини подолго од деценија се борат за свое право на град, во коешто структурната моќ на мистифицираните односи на пазарот ќе се заменат со антиидеолошки, често и паролашки пароли коишто ја деструктурираат идеологизираната стварност.

Според тоа, сѐ почесто лично Јас се деконтаминирам со тоа што сакам да слушам како граѓаните и граѓанската класа извикува „ПОЖАР!“, „СМОГ!“, „НЕ БИДИ ЃУБРЕ!“ и тн.

Тоа се сериозни повици да се остави сѐ и веднаш да се тргне во надоаѓачката клима за гасење на пожарот.

Ми се чини дека овие извици и крикови не се ограничени на едно поле, туку во структурата којашто работи како формација делуваат како некакви блокови и прават абстрактни региони од структури коишто ја превземаат стварноста низ и преку транспарентноста на медиумите со панични упади и дисконтинуитети. Имено, тоа е одлично, затоа што е прашање на време кога носителите на конструкцијската моќ во политиката, оваа, сегашната, а и онаа претходната, којашто ги мистифицираше парадигмите од тип „правна држава, правда, демократија, слобода“, фундаментално ќе се трансформираат и ќе се окуражат од моќта на граѓаните коишто ги гласаат дека ќе ги трансцедентираат и надминат структурите во коишто се создава и прави политика, на плато на системи, коишто се пред сѐ и над сѐ јавен интерес и каде што постои радикално разграничување на територијата на мистификација со територијата без мистификација.

А можеби е дојдено време во коешто граѓаните нема повеќе да дозволат да бидат застапувани од овие или оние, ако одлучат да се поистоветат со зборови како мораториум или национализација и ако во самоорганизирани формации фино ја превземат палката на моќта којашто конструира.

Да заклучам, со тоа што отклучив дека сѐ повеќе, сегментот на електричните возила ја добива формата на тиранија и на пазарен фашизам како и во останатите подрачја и тоа е веќе стандард и конечната детерминанта на самоуништување. Јас сум радикално против тоа, во смисла на антифетишизам, особено како со повеќе примери, од територијата на возрасните, фетишот на продуктот бескрупулозно се префрла во сите подрачја, па и на територијата на децата, иако за тоа, не се дерам секојдневно.

Не ми се чини само на мене повеќе, туку на сѐ повеќе хумани им изгледа дека некои „работи“ веќе се надминати, но прашање е до кога ќе го игнорираме фонот на пожарот.

Автор: Кирил Минанов

Mission News Theme by Compete Themes.