Press "Enter" to skip to content

Прогресивните во бермудскиот изборен триаголник | шински систем | Александар Петров

Александар Петров е архитект
којшто живее и работи во Италија

Ревизија на ББТ (шинскиот превоз не смее да поминува во средината на булеварот каде има зеленило).

Партиски бум од кандидатури за градоначалници ги одбележуваат овие локални избори. Таквата неподнослива леснотијата за кандидирање, се перцепира како сублимат на наталожено его кое мора да излезе на површина. Такви демократски придавки се силат на обемни, сериозни и наталожени градски проблеми. Само кога ќе помислам колку замрсени и тешки законски неправилности се акумулирани по градовите низ сиве овие години на промашувања и колкава енергија и жртвување треба за нивно решение, страв ме фаќа за сеопштото јавно добро. Но тоа е таа партиска култура, наследена низ години на дива транзиција, каде секоја пукнатина oд системот мора да се прикрие со лак за нокти и гел за коса. Исти патетици (зависни или независни) циркулираат по бермудската кружница, нудејќи повторно и повторно слогани без суштинско битие и содржина.

За да се покажат што поубави и допадливи, го ветуваат сето она што сакаме да го слушнеме ние како гласачи. Затоа претпазливоста мора да биде императив, за да не ги повториме сите оние грешки од изборните идили, пред повторно да се најдеме во амбисот на поразените, преку лелеците од типот: аман-заман, помагајте!  

Новитети на сцената 

Затоа мора да се даде најискрена подршка за делувањето на ангажираните и иновативни политики: Микс од ентузијасти и активисти, со минат труд на терен, преку својата мака успеаја да се здружат во политички опции. Потврдија дека силата е во обединувањето при исти цели, па затоа се фокусираат во тимови со искалени соборци кои наизменично се надополнуваат. Толкави наталожени проблеми еден султанат не ги решава, затоа е потребна тимска работа и тоа одлично го започнаа. 

Никогаш како досега немаме видено толкава посветеност и транспарентност кон советничките листи, како во нивниот случај. До скоро гласавме само по партиски директиви, јас барем не се сеќавам да сум имал увид во некаква листа пред било кое гласање. Сето тоа се покажа поразително при самиот процес, кој наместо да биде генератор кој промовира енергија, наметнува стеги, инерција по најмал можен отпор, незаинтересираност, корупција, климање со глава, комфорт зона и гласање по дефолт.

Нам ни требаат новитети и интегритети, кои ќе мислат и ќе целат за сеопшто добро, активни и решителни носители на одговорност за наредните години и затоа треба да им дадеме шанса тоа да го одработат на најдобар можен начин.

Тоа мора да биде придонес за нашата запоставена демократија, која е хронична, цинична и депресивна, безидејна со сите попратни политикантски корекции и протекции. 

Прогресивни листи 

Содржините од такви конкретни независни листи, поделени на групи ги продлабочуваат начините за решение, на визија, за дебата, за соочување, за прогрес. Таквите пристапи треба да зададат придвижување на локално ниво, со етапно делување, дел по дел, со решавање на проблеми, каде ќе се отвори простор за некои подобри времиња и услови, каде таквите политички акции можат да преминат во коалиции со поголема тежина. Еве дел од прогресивните листи во градот Скопје: Шанса за центар, Независни за Карпош – За заштита на Карпош, Независна листа за Гази Баба, на општинско ниво; и Коалиција од здруженија Зелен хуман град, на градско ниво. (Тие даваат и опција за градоначалничка–архитект, одличен профил која се има и тоа како докажано). 

Од останатите самостојни листи низ државата вредни да се издвојат се и следните: Ме mire per Tetoven, Стига- фронт против рудникот и загадување на животната средина од Струмица и Поинаку од Битола. 

Мала, но квалитетна политичка понуда, родово издржана, која дава надеж и јасно определени насоки и цели. Ваквите хоризонтални политики немаат потреба од масовна подршка, напротив – нивната сила ќе се состои во задоволителен процент на учесници кои ќе бидат гарант за доследно справување со неспособностите на партиските апарати.  

Нужни промени  

Во продолжение ќе споделам една листа од нужни промени, потребни за развој на еден град, како што може да посака секој поединец што сака добро за градот: 

На краток период (неделни и месечни активности):

– Јавна чистота и одржување; 

– Ефикасно справување со тековни проблеми; 

– Борба за зеленило (старо и ново); 

– Ослободување на јавен простор, тротоари и диво паркирање; 

– Намалување на сообраќајен метеж (максимална брзина од 30км/час како превенција за заштита од сообраќајна некултура и заштита на невини жртви); 

– Намалување за звучно загадување (ограничени децибели и работно време на кафеани и кафулиња во резиденцијални зони); 

– Промовирање на јавен превоз и самоодржливи реквизити како алтернатива;  

– Можност за јавно снимање и следење на работата на градските совети (онлајн).

На среден рок (годишни активности, еден мандат):

– Преместување на скулптурите од Скопје 2014 и растоварување на централното градско јадро; 

– Ресанација на урбаните згради-икони: МТВ, СОК, ЗОИЛ, Нова Македонија и др.; 

– Локална полиција со сопствен буџет; 

– Стоп за продавање на државно земјиште; 

– Инвестирање во социјални станови (дегентрификација); 

– Контрола врз пазарот за недвижности (по примерот на Берлин); 

– Противпожарна превенција; 

– Мораториум за градба;

– Правилник за градба преку кој ќе се контролира квалитетот на внатрешниот простор.

– Конкурси, дебати, еманципација на јавна свест;

– Култура, уметност, музика и спорт за сите (не за финансирање на клубови од општински буџет);

– Тендерите да се добиваат на поени (збир од понудена средна\цена која ќе се состои од искуство на фирмата (портфолио), приложен квалитетен кадар кој работи во фирмата, сертификат за квалитет и гаранција на зададени рокови, а не како досега со еден денар или гратис понудена цена).

На долг рок: 

– Укинување на тунелот под Кале;

– Ревизија на ББТ (шинскиот превоз не смее да поминува во средината на булеварот каде има зеленило); 

– Да се изработи најдобар можен ДУП (Со меѓународено и домашно учество на конкурс); 

– Со помош на пописот да се постават правците на развој на градот во следните 10 години (три мандата); 

– Преку параметри да се согледа реалната слика и потреба од домување, сервиси, индустрија  и сеопшт урбанистички развој на градовите (зголемување или намалување на градовите);  

– Алтернативни приходи за одржлив развој на општините и самофинансирање преку данок на имот;

– Заработените пари од централното градско подрачје да се инвестираат во периферијата;

– Уривање на изграденото од Скопје 2014; 

– Намалување на вработени и зголемување на софтверски капацитети.  

Авторот е архитект

извор DW

More from ДебатаMore posts in Дебата »
Mission News Theme by Compete Themes.