Македонија се наоѓа во електроенергетска криза. Ова е и формално официјализирано на 9 ноември кога владата со уредба прогласи кризна состојба во траење од еден месец, а деновиве на маса е предлог за дополнително продолжување на оваа мерка до 9. јуни 2022. Бројните предупредувања за потенцијална криза од страна на експертската јавност во изминативе неколку месеци, кои беа игнорирани од одговорните луѓе во власта, сега станаа реалност. Она што во моментов е неспорно и кое со сигурност може да се констатира, е дека македонските граѓани, во поглед на снабдувањето со електрична енергија, ги очекува долга и неизвесна зима. И, уште нешто што не е помалку важно – дека со вака структуриран електроенергетски систем, трајни решенија на ваквите проблеми не се на повидок.
Електроенергетскиот систем на Македонија, според тоа кога се изградени неговите главни постројки, е – стар. Последните инвестиции во носечки капацитети, кои имаат суштинско значење за вкупното производство на електрична енергија, се направени уште во осумдесетите години од минатиот век. Од тогаш, па се до денес, не е направено ништо што би значело некаков значаен исчекор во правец на трајно и целосно решавање на прашањето на снабдувањето на државата со електрична енергија.
Според својата структура електроенергетскиот систем е поделен на три сегменти: производство на електрична енергија, пренос низ високонапонска мрежа и дистрибуција до крајните потрошувачи.
Главен производител е компанијата ЕСМ – Електростопанство на Македонија, во државна сопственост. Нејзините производни капацитети се состојат од 3 термоелектрани, 8 хидроелектрани, како и една ветерна електрана. Основен столб на оваа компанија, но и на целиот електроенергетски систем на Македонија претставуваат двете термоцентрали на јаглен, РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, кои кога се во полна функција, испорачуваат и до 80% од вкупнопроизведената струја во Македонија. Во државна сопственост е и термоелектраната на мазут ТЕЦ Неготино. Дополнително, покрај државните ЕСМ и ТЕЦ Неготино, во системот на производители се вклучени и приватни компании кои стопанисуваат воглавно со мали хидро или фотоволтаични електрани.
Преносниот високонапонски систем е во надлежност на државната компанија МЕПСО (Македонски електропреносен систем оператор) и го претставува „крвотокот“ преку кој струјата, низ систем од 400 и 110 киловолтни далекуводи, се пренесува од производителите до среднонапонската дистрибутивна мрежа, но и го поврзува македонскиот електродистрибутивен систем со системите на соседните држави. Оваа компанија е и директен снабдувач на десетте најголеми потрошувачи на електрична енергија во Македонија, меѓу кои се Македонски железници, рафинеријата Окта и уште 8 големи индустриски капацитети од рударско металуршкиот комплекс.
Доминантниот дел од дистрибуцијата на струјата до крајните потрошувачи е во надлежност на австриската компанија ЕВН, а покрај неа постојат и повеќе мали лиценцирани добавувачи на струја.
Што се однесува пак до пазарот на електричната енергија во Македонија, тој е делумно либерализиран. Домаќинствата и малите претпријатија струјата ја купуваат по цена која ја одредува државната регулаторната комисија, додека средните и големите стопански субјекти електричната енергија ја набавуваат од лиценцирани трговци кои овој енергенс го продаваат по пазарни цени. Ваквиот модел на либерализација е одбран со цел да се заштити и онака нискиот животен стандард на македонските граѓани, во чијшто домашен буџет струјата како ставка влегува со далеку повисок процент отколку што е тоа случај со домаќинствата во земјите на Европската Унија. Досега, македонските граѓани плаќаа една од најефтините тарифи во Европа и таа изнесуваше околу 0,072 евра за киловат час. За споредба, цената во Хрватска е 0,1 евро, во Германија 0,16 евра, во Ирска 0,20 евра итн.
Факторите кои ја детерминираат денешната криза во електроенергетскиот сектор на Македонија не датираат од вчера, туку се провлекуваат веќе триесетина години, всушност од нејзиното осамостојување како држава. Генерално, би можеле да се набројат многу причини за денешната состојба, но, сублимирано, сите тие би можеле да се заокружат во рамките на онаа eдноставна синтагма – недомаќинско стопанисување. Уште од времето на социјалистичка Југославија во овој сектор не е направена ниту една инвестиција која суштински би влијаела на количеството на вкупнопроизведената електрична енергија. Големата дискрапанца помеѓу краткиот политички циклус на владите под чија директна надлежност се производните капацитети од електроенергетскиот сектор од една страна, и долгиот временски циклус потребен за заокружување на капиталните инвестиции од друга страна, доведе до тоа стратегиите за енергетика да не се реализираат, а тендерите за големи енергетски објекти или да не се распишуваат или да се објавуваат по неколку пати безуспешно. Ако на сето ова се додаде и лошото тековно одржување на постројките (заради што дојде до серија дефекти и престанок на работа на поедини блокови, особено во изминативе неколку години), како и исцрпеноста на резервите на домашен јаглен, кој е главен енергенс за производство на струја во Македонија, како епилог на сето тоа се создаде ситуација во која од година во година македонското електростопанство произведува се помалку струја, а станува се повеќе зависно од нејзиниот увоз. Паралелно на тоа се менуваше и производната структура, при што континуирано се намалуваше количеството на струја произведено од термоелектрани, во корист на онаа произведена од електрани кои користат обновливи извори на енергија.
Споредбата на одредени параметри на производството во претходната декада мошне пластично го илустрираат погоренаведеното:
Ако во 2010 година сите македонски производни капацитети произвеле вкупно 6.744 GWh, во 2020 година тоа производство падна на 5.128 GWh, што е опаѓање од речиси 24% за десет години. Ако во структурата на производството пред 10 години државната компанија ЕСМ учествувала со 96%, а приватните производители со само 4 %, денес ЕСМ учествува со само седумдесетина проценти. Или, ако се спореди производството само на државните капацитети, во однос на 2010 година нивното производтво опаднало од тогашните 6,476 GWh на денешните 3.643 GWh, што е пад од цели 43,7 %. Најголемиот дел од намалувањето на производството се должи на падот на производството во термоцентралите, но, поради неповолниот хидро-биланс во овој период, иако во меѓувреме во близина на Скопје е изградена уште една хидроцентрала, Света Петка, сепак се забележува одреден пад и во вкупното производство кај хидроцентралите.
Нарушувањето на односот на учеството на термоелектраните во однос на обновливите извори на енергија, во корист на овие вториве, резултираше со нарушување на стабилноста на електроенергетскиот систем, затоа што водата, сонцето и ветерот, како непостојани извори на енергија не обезбедуваат континуирано производство. Во такви услови, а при неможност да се обезбеди доволно струја од термоцентралите, македонскиот електропреносен систем МЕПСО во месец октомври оваа година се најде во ситуација да не може да ја одржи високонапонската мрежата во функција и притоа мораше во четири наврати без најава да преземе (фактички да украде) струја од Европската енергетска мрежа, која претставува еден вид резервен ресурс, од кој националните електросистеми можат да преземаат струја, но според строго определени правила. Всушност, превземањето струја од овој систем е дозволено само при голема хаварија или некоја друга непогода и тоа задолжително со најава, а цената во тој случај е двојно или тројно повисока од цената на струја што би се купила на пазарот. За оваа авантура на ненајавено преземање струја од Европската енергетска мрежа, на Македонија експресно и беше доставена фактура, а земјата мораше да одвои 16, 5 милиони евра за да ја плати сметката.
Македонија е земја која е зависна од увоз на електрична енергија. Во 2020 година 69 % од потрошувачката на електрична енергија беше обезбедена од домашно производство, додека 31% беа обезбедени од увоз. Во однос на 2019 година увозот е зголемен за 7%. За оваа година, очекувањата се дека овој процент може и да се зголеми. Ако на ова се додаде речиси четирикратното зголемување на берзанската цена на електричната енергија, која во јануари се движеше околу 56 евра за гигават час, а сега е преку 200, лесно е да се заклучи дека македонското општество во наредниот период ќе се соочи со сериозни предизвици.
Последиците од ваквата состојба ќе ги почувствуваат сите. Први на удар ќе бидат стопанските субјети кои не успеале на време да обезбедат долгорочни и стабилни договори за набавка на струја по поволна цена. Евидентирана е и пракса на откажување на договори од страна на некои добавувачи на електрична енергија заради што одредени компании се оставени на милост и немилост на пазарната логика.
– Деновове ни истече двегодишниот договор со добавувачот и сега наместо по 5 денари за киловат час струјата ќе треба да ја набавуваме по 26 денари. Ако мојата компанија за електрична енергија досега плаќала околу 3000 евра месечно, отсега ќе треба да плаќа околу 15 000 евра. Тоа е преголем товар и сериозна закана за нашата рентабилност, изјави неодамна еден сопственик на компанија од областа на текстилната индустрија.
Вакви примери се очекува во иднина да има се повеќе и секако дека зголемувањето на трошоците за струја кај компаниите ќе се одрази врз покачувањето на цената на многу производи, што пак од своја страна ќе предизвика зголемување на инфлацијата и дополнително намалување на животниот стандард. Дополнително, се очекува покрај струјата од увоз, поради покачувањето на цените на енергенсите како што се природниот гас, мазутот и јагленот, покачување да претрпи и цената на струјата од домашно производство. Според најновите неофицијални информации, главниот производител ЕСМ, ќе ја зголеми цената за околу 11% .
Експертската јавност е едногласна во ставот дека ваквата состојба е последица на долгогодишен неодговорен однос кон овој суштински сегмент на македонското стопанство, кој беше претворен во амбиент во кој се реализираа најразлични партиско-кадровски комбинаторики. Партиските вработувања, независно од стручноста, професионализмот, станаа секојдневна пракса на сите досегашни владеачки гарнитури, а тоа резултираше, меѓу другото, и со нестручно раководење, кое електростопанството го доведе до состојба на колапс. Бројните дефекти, ненавремените ремонти, многубројните застои, ненавремената набавка на јаглен и мазут кои, откако се истрошија домашните резерви на квалитетен јаглен станаа неопходен ресурс за непречено функционирање на електраните, придонесоа за значително намалување на вкупното производство и зголемување на дефицитот од електрична енергија. Дополнително, слепото прифаќање на современите трендови на преминување кон обновливи извори на енергија, без притоа да се направат сериозни анализи за домашните специфики, можности и вистински потреби, а не ретко раководејќи се и од лукративни мотиви, исто така придонесе кон запоставување на капацитетите за базно производство.
И, ако ваквата состојба досега се алиментирала со зголемен увоз, сега, кога цените на берзата повеќекратно пораснаа и се уште растат, решение, тврдат експертите, сепак ќе мора да се бара во максимално искористување на домашните ресурси. Владата, како прва мерка кон подобрување на состојбата, одлучи да ја реактивира термоелектраната ТЕЦ Неготино, која за своето производство користи мазут и која поради високата цена на овој енергенс во изминатите 12 години беше ставена во состојба на мирување. За потребите на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј, во процедура е набавка на јаглен од увоз, а се прават напори и за отстранување на сите дефекти и за комплетно активирање на сите домашни ресурси. Но, експертите сметаат дека овие мерки се задоцнети и дека за ова требало да се мисли многу порано. И додека владата отфрла можност за рестрикции на струја во текот на наредната зима, некои аналитичари тврдат дека рестрикциите се многу извесна варијанта: „Има две можности: Или драматични рестрикции за околу 300 милиони мегават часови на дневно ниво за да се намали потрошувачката, или да се најде и купи доволно струја на меѓународниот пазар но и нејзината цена во сметките да се зголеми“, вели универзитетскиот професор Константин Димитров. Дека рестрикции се можни, најавува и опозицијата која неодамна на прес конференција објави документи кои се дел од план на Министерството за внатрешни работи за делување на полицијата во случај на протести на граѓаните при ситуација на воведени рестрикции на електрична енергија, а меѓу другото, полициските станици се задолжуваат да набават дрва за огрев за претстојната зима како не би биле зависни од греење на струја…
Проценките се дека актуелната состојба ќе ја чини државата дополнителни 300 милиони, евра, од кои околу 65 милиони веќе се префрлени од државната каса на сметките на ЕСМ и МЕПСО, а во меѓувреме, опозицијата бараше дополнителни 250 милиони евра, со кои би се алиментирала разликата во цената на струјата за домаќинствата и претпријатијата, која неминовно ќе се создаде и некој ќе мора да ја плати, но тој предлог беше одбиен од страна на мнозинството. Ова, според опозијата, требаше да го намали импактот на зголемената цена врз буџетот на граѓаните и врз рентабилното работење на претпријатијата, а воедно и да го спречи зголемувањето на инфлацијата…
Како и да е, во секој случај, Македонија ја очекува исклучително неизвесна зима!
…
извор: Bilten