Во пракса секогаш се избира пократкиот пат до мала хидроцентрала
„Најчесто првото нешто што ќе го видат граѓаните е багерот, кога ќе почне да копа за да гради мала хидроцентрала“, вели Ѓорѓи Митревски, истражувач од невладината „Еко-свест“, која повеќе години ги истражува штетите врз природата што ги предизвикува изградбата и функционирањето на малите хидроенергетски проекти.
Малите централи, кои често се споменуваат како средство за производство на зелена енергија од обновливи извори, се градат на начин што е наједноставен за инвеститорите. Така, наместо студии за оценка на влијанието врз животната средина, во пракса се бараат само елаборати. Тие се поедноставни документи, бараат многу помалку истражувања и податоци, најчесто се изработуваат за значително пократко време и со нив е поголема извесноста дека проектот ќе пројде и ќе се добие градежна дозвола.
Една од најважните разлики е што на овој начин се исклучува учеството на јавноста, па целата процедура на барање дозволи, подготовка и поднесување документи, нивно разгледување и одобрување од цел синџир институции поминува под радарот на граѓаните и на локалните заедници, иако станува збор за користење на заедничкото добро – водата.
Кога ќе дојде градежната оператива, веќе е доцна да се преземе нешто и да се измени или да се спречи проектот. Тогаш само протестите остануваат како опција, како што сме виделе од примерите во Шталковица, Турско Рударе, Блатец, Жировница и други села што се соочиле со овој проблем. Речиси насекаде локалните жители се жалат дека нивните реки, кои и онака имаат малку вода, од која им зависи водоснабдувањето и обработката на земјиштето, сега ќе им бидат одземени и заробени во цевководи.
Освен тоа, протести има каде што е директно загрозено некое село, додека голем број проекти длабоко во шумите влегуваат во јавниот фокус дури откако ќе предизвикаат еколошки штети, како сеча на шумите поради градбата, пресушување на реките, истребување на некои животински или растителни видови итн.
Допирање во недопреното
Централите најчесто се прават длабоко во планините: Врановска река пред градбата | Фото: БИРН
Малите хидроцентрали се мали според големината на нивните машински згради во кои се произведува електричната енергија, како и според количеството струја што доаѓа од нив (има стотина вакви проекти, а нивното вкупно учество во домашното производство за 2020 година е 4 проценти според Државниот завод за ревизија).
Но, тие воопшто не се мали според нивното влијание врз околината. Иако постојат технологии со кои може да се градат и во рамничарски предели, најчесто се прават длабоко во планините, во недопрена природа, до каде што се носат градежни машини и материјали, се сече шумата и се чисти теренот за да може да се гради. Делот од реката врз кој се вршат интервенции е долг два до три километри. Станува збор за највисоките и најчисти делови од реките. Поради сето ова е предвидена законската обврска да се истражи влијанието врз животната средина пред една хидроцентрала да почне да се гради. Но, како се прави тоа?
Според прирачник за инвеститори подготвен од консултантска фирма со поддршка на Европската Унија, а издаден од Министерството за економија и од Агенцијата за енергетика, процедурата за производство на струја од мали хидроцентрали има вкупно 13 чекори, од идеја до реализација. Првите пет се однесуваат на добивањето одобрение за градба, а преостанатите осум на градењето, производството, приклучувањето во системот и на заработката.
Различни институции се вклучени во процесот. Заинтересираниот инвеститор прво треба да основа компанија во Централниот регистар и да добие лиценца за производство од Регулаторната комисија за енергетика. Потоа треба да добие дозвола за користење на водата од Министерството за животна средина, како и концесија од Владата. Следува пренамената на земјиштето, што се прави во Министерството за транспорт и врски или во општините. Четвртиот чекор е изработка на студија за оцена на влијанието врз животната средина или елаборат за влијанието врз животната средина, во зависност од проценката што ја прави Министерството за животна средина. Петтиот е барање и добивање градежна дозвола од Министерството за транспорт и врски или од општините, чија задача е да прегледаат дали сите документи се собрани и одобрени од претходните институции и, ако нема некој формален пропуст, да го потпишат одобрението.
Скок наместо чекор на четвртата точка
Два до три километри од реките се пренасочуваат низ цевководи | Фото: БИРН
Клучен за еколошките штети е четвртиот чекор и разликата дали за проектот ќе се изработи студија или елаборат за влијанието врз околината. Министерството, поточно Управата за животна средина, во свои рамки, е институцијата што одлучува за кој проект ќе побара студија, а за кој елаборат. Проценката се прави според природните вредности на местото каде што треба да се гради централата – дали се наоѓа во заштитено подрачје, дали има ретки видови и друго.
Двата документи се различни по обемот и по начинот на кој се подготвуваат и се одобруваат.
Државата против своите документи
Македонското Собрание, уште во 1999 година, ја ратификуваше Архуската конвенција, која предвидува дека граѓаните имаат право да бидат информирани за одлуки и за проекти што може да предизвикаат последици врз нивната околина. Тоа информирање изостанува кога се прават мали хидроцентрали со елаборат наместо со студија за оценка на влијанието врз животната средина.
По нарачка на државата, потпишана од поранешниот министер за животна средина Абдилаќим Адеми, во 2011 година е направена и оценка за животна средина на Стратегијата за води. И во неа пишува дека се очекува малите хидроцентрали да предизвикаат големи нарушувања на природата. Сепак, издавањето дозволи за таквите централи продолжило без детално и сеопфатно да се испитаат предвидените нарушувања.
Така, еколошката студија ја прават експерти специјализирани за различни области релевантни за проектот. Геоморфолог го испитува земјиштето, биолог го истражува живиот свет, хидролог водите итн. За студијата понекогаш е потребно да се следат и состојбите во природата низ целиот циклус на годишни времиња, за да се види какво влијание би имал проектот во секое од нив, што значи дека би се подготвувала повеќе од една година. Се испитува и т.н. кумулативно влијание, односно дали објектот ќе се гради каде што веќе има други хидроцентрали, направени или планирани, бидејќи има случаи кога, иако последиците од поединечниот проект се во прифатливи рамки, ако на истата река се прават повеќе такви зафати, ќе се надминат црвените линии.
Во исклучителни ситуации, ако се оцени дека проектот би предизвикал преголеми штети и нема начин како да се санираат, може дури и да биде откажан. Притоа не се гледаат само штетите врз природата и живиот свет, туку и последиците што би ги трпело локалното население, односно социјалните ефекти.
Во Извештајот на ДЗР за експлоатација на водните ресурси за производство на електрична енергија е забележано дека, не само што концесиите за користењето на водата се доделуваат без направена оцена на влијанието врз животната средина, туку дека и елаборатите, кои се нивна замена, се одобруваат без да се согледаат сите ризици на проектите за околината.
Ревизорите додаваат дека при одобрувањето на елаборатите се земаат предвид исклучиво плански и други официјални документи, а не се врши согледување на фактичката состојба. Меѓу поважните пропусти што се прават на овој начин, според ревизорските наоди, е што градежните зафати се прават на недостапни и непроодни места, па заради пристапот до објектот се уништува животната средина, а тоа не е соодветно предвидено во елаборатите.
„Имено, во решенијата за одобрување на истите е наведено дека изградбата и функционирањето на малите хидроелектрани нема да има значителни влијанија врз животната средина“, се вели во извештајот од ДЗР.
Кумулативните ефекти со елаборатите не се земаат предвид, па затоа во земјава има десетина места каде што каскадно се изградени две, три, дури и пет централи на истата река, а влијанието од нив било испитувано на парче, наместо целосно.
Исклучување на јавноста
Кога ќе дојде багерот, тогаш населението дознава дека ќе се гради на реката | Фото: БИРН
Учеството на јавноста, пак, овозможува и други експерти што не се поврзани со проектот и не се ангажирани од инвеститорот, да може да имаат увид во истражувањата и во наодите и да дадат свои процени, што ги намалува можностите за манипулација со податоци.
Елаборатот треба да го направи овластена фирма што има вработено лиценциран експерт за животна средина и со него не се предвидува јавно учество.
Поради овие разлики, предвидено е дека студии треба да се бараат за локации со докажани или потенцијални високи природни вредности, а елаборати за места каде што природата е посиромашна.
БИРН побара од Министерството за животна средина поголем број податоци во врска со изградбата на мали хидроцентрали во изминатите 10 години, меѓу другото и податок за тоа колку од активните проекти досега биле одобрени со студија, а колку со елаборат. Со образложение дека барањето е преобемно, дел од податоците, меѓу кои и овој, не ни беа доставени.
Она што е познато е дека организациите што детално ја следат изградбата на малите хидроцентрали досега не виделе дека е побарана студија за ниеден проект, а и поранешни функционери во Министерството велат дека вообичаено сите поминувале на полесниот начин – со елаборат. Евидентно е и дека на интернет-страницата на Министерството, каде што се објавуваат студиите за оцена на влијанието врз животната средина за сите видови објекти – патишта, гасоводи, депонии, рудници, меѓу стотината достапни документи од овој тип не може да се најде ниту еден за мала хидроцентрала.
Поради сето тоа изостанува можноста за јавноста однапред и подетално да се запознае со ризиците од изградбата на хидроцентралите, а стручните лица да алармираат за нив пред да биде предоцна, односно пред да се открие дека некој витален водотек пресушил или дека некој вид риби веќе не може да се најде во одредено подрачје каде што го имало во изобилство.
Најлесно е на неистражени места
Коритото на Врановска река за време на изградбата| Фото: БИРН
Мали хидроцентрали во Македонија се изградени и во национални паркови и во други подрачја заштитени според домашните закони или според меѓународните конвенции што ги потпишала државата. Ги има на Шар Планина, Маврово, Пелистер, Јакупица, Кожуф, Мариово итн.
Повеќе од 20 има во т.н. Емералд-подрачја, односно дел од европската мрежа на области со посебно значење, кои државата се обврзала да ги заштити со потпишувањето на Бернската конвенција за заштита на европскиот див свет и природни живеалишта. Тоа се подрачја од поширока, континентална важност за природата, но, сепак, државата и таму дозволувала да се прават хидроцентрали со олеснети услови, со елаборат наместо со студија за влијанието врз животната средина. Има и хидроцентрали на кои машинската зграда за производство на електрична енергија е изградена на самата граница до заштитените места, што значи дека, иако таа е надвор, зафаќањето на водата ѝ е внатре.
„Пред една област да се додаде на листата на Емералд-подрачја, таа поминува низ темелни биогеографски проценки за да се процени дали може да ги исполни крајните цели на мрежата. Целите се долгорочен опстанок на видовите и на живеалиштата“, се вели во објаснувањето од Советот на Европа за Емералд-мрежата.
Од документите што ги добивме од Министерството за животна средина се гледа дека за дел хидроцентрали што почнале со работа во изминативе три години било побарано да се направи елаборат, иако се наоѓаат во предложеното подрачје за заштита Караџица-Голешница. И покрај тоа, во мислењата потпишани од Управата за животна средина за три централи на реката Тополка, во централниот дел на земјата, пишува дека „од доставената документација се констатира дека нема да има значајно влијание врз животната средина“, па затоа нема потреба да се спроведува постапка за оцена на влијанието, туку е доволно да се задолжи самиот инвеститор да подготви елаборат. Се додава и дека со оглед на тоа што локацијата се наоѓа во место предложено за заштита, инвеститорот, во својот документ, треба да внесе податоци за карактеристични растителни и животински видови и за клучни екосистеми.
За едно предложено подрачје да стане заштитено, треба претходно да се истражи, за да се добијат податоци кои вредности на живиот свет ги има таму и на кој начин треба да се управува со местото за да не се доведе во опасност карактеристичната флора и фауна. Од тие истражувања зависи и дали во одредени зони ќе се дозволи развој на хидроенергетски проекти и под кои услови.
Но, во недостиг од податоци нарачани и обезбедени од државата, институциите оставаат на самите инвеститори да направат истражување на живиот свет и да кажат дали нивниот проект може да му наштети или не. Со оглед дека дозволите подоцна биле издадени и хидроцентралите работат, очигледно е дека во елаборатите нарачани и изработени од инвеститорите, нивните проекти биле оценети како безбедни. Всушност, евидентирани се случаи каде што биле изградени централи така што се игнорирало присуството на ендемски видови во реките.
…
izvor призма