Press "Enter" to skip to content

(download) Напонски или фреквентен регулатор: Избор во зависност од примената | MAKO CIGRE 2017 B4-028R | Петковска, Цветковски

НАПОНСКИ ИЛИ ФРЕКВЕНТЕН РЕГУЛАТОР: ИЗБОР ВО ЗАВИСНОСТ ОД ПРИМЕНАТА

КУСА СОДРЖИНА

При тргнување во работа и забрзување до номинална брзина, електричните мотори вообичаено предизвикуваат струјни удари во мрежата, консумираат значителна електрична енергија, и при тоа ги влошуваат факторот на моќност и енергетската ефикасност. Доколку се работи за интермитентни електромоторни погони на наизменична струја и задвижувања со чести вклучувања/исклучувања, проблемот станува уште поизразен, особено и поради фактот што при зголемени загуби и зголемена работна температура значително се скратува векот на траење, не само на моторот туку и на целата опрема.

Во современите електромоторни погони оваа проблематика се решава со примена на енергетски преобразувачи за напојување и регулација на АС моторите. Главно се користат два типа регулатори со различен концепт: напонски и фреквентни. Поделбата терминолошки не е сосема прецизна, затоа што и во двата регулатори практично се регулира напонот. Меѓутоа, со фреквентниот регулатор тоа се прави при едновремена промена и на фреквенцијата, додека со напонскиот регулатор се регулира само напонот на напојување. Оттука, едните се познати и како напонско-фреквентни регулатори, а другите само како напонски регулатори.

Во трудот се презентирани топологиите на двата регулатори, како и нивните излезни карактеристики во зависност од алгоритамот на управување. Потоа се анализираат динамичките карактеристики на моторите за наизменична струја при напојување со овие регулатори. Зададениот момент на оптоварување, ударните струи, како и ефикасноста при тргнување на моторот се основен критериум при дефиницијата на потребните почетни карактеристики. Авторите ги дискутираат методологиите за избор на најсоодветен регулатор. Секако дека изборот на регулаторот главно зависи од примената и потребниот момент на задвижување, но при тоа не треба да се изостави и анализата на техничко-економските прашања, како на пример: почетната цена на чинење на самиот уред, процедурите за ракување, трошоците за експлоатација и одржувањето.

Клучни зборови: регулатори за трифазни мотори на наизменична струја, напонски регулатори, напонско-фреквентни регулатори.

Автори: Лидија Петковска, Гога Цветковски; Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Mакедонија, Факултет за електротехника и информациски технологии

Линк: ТРУДОТ е објавен на советување на СИГРЕ Македонија.

Mission News Theme by Compete Themes.